Македонија
Реагираше полицијата: Комуналците тргнати од пред влезот на претпријатието, тензијата и натаму расте
По реакција на полицијата, седум камиони на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ излегоа да го чистат ѓубрето низ Скопје.
Полициски службеници ги тргнаа на страна демонстрантите кои протестираа пред влезот на претпријатието. Тие реагираа бурно, но полициските службеници ги предупредија дека ако некој ги попречи при воведувањето на ред ќе бидат приведени.
„Од овој момент кој ќе попречи службено дејствие ќе биде приведен“, им рече претставник на МВР.
Револтот и нервозата на вработените се прелеа и кон полицајците, бидејќи беа тргнати од пред портите на претпријатието, каде ги блокираа камионите за да не можат да излезат на терен.
Низа коментари и реакции имаше откако полицијата ги растргна на страна.
Oткако камионите поминаа, полицајците се повлекоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На скопскиот аеродром спречен влез на 1,7 тони медикаменти, кои се штетни за здравјето на граѓаните
Царинските службеници на влез на Меѓународниот аеродром „Скопје“ спречија влез на 1,7 тони медикаменти, „силденафил цитат упс“ и „сибутрамин“, кои се штетни за здравјето на граѓаните.
Лековите не се регистрирани во Агенција за лекови, а фирмата увозник немала ниту дозвола за промет на големо со медицински средства, односно не е впишана во регистарот на правни лица за вршење ваков вид дејност.
По вештачењето, утврдено е дека медикаментите „сибутрамин“ се супстанција што се наоѓа на националните листи на контролирани опојни дроги и психотропни супстанции и таа претставува стимуланс на централниот нервен систем. Уште повеќе, утврдено дека таа предизвикува појава на срцеви и мозочни удари поради што медикаментите што содржат „сибутрамин“ се забранети за продажба од страна на ЕУ од 2010 година.
Медикаментите „силденафил цитат упс“ („вијагра“), пак, претставуваат супстанција што влегува во состав на медикаменти за лекување и таа подлежи на контролирана продажба.
Случајот е преземен од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, при што против правното лице ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
Македонија
Скопје и Прага со меморандум ќе работат на имплементација на конкретни проекти
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, во рамките на работната посета на Чешка оствари официјална средба со градоначалникот на Прага, Бохуслав Свобода. Градоначалниците разговара на повеќе теми за интензивирање на соработката на двата града и почнување конкретна реализација на проекти од областа на транспортот, животната средина, цивилната заштита, здравството и економијата.
Арсовска и Свобода ја истакнаа потребата од градење нови пријателства, интензивирање на соработката, која истовремено ќе создаде можности за поврзување и работа на заеднички проекти, особено во областа на културата, образованието и туризмот, а во рамките на Скопје – европска претстолнина на културата 2028.
Во Прага градоначалникот Свобода организира работни средби во Градското собрание на Прага за планот за одржлива мобилност, зелениот климатски план 2030 и успешно беа договорени идните мерки и решенија што треба да бидат преземени за подобрување и унапредување во повеќе области во Скопје со соработка со Прага.
Скопје
Ѓорѓиевски додели ваучери за летување за победниците на општинската лига во футсал од Основното училиште „Круме Кепески”
Екипата од ООУ „Круме Кепески“, која е победник на општинската лига во футсал бесплатно ќе летува во Охрид, како награда од општина Кисела Вода. Градоначалникот Орца Ѓорѓиевски денес им честиташе на младите спортисти, им го врачи ваучерот и им посака уште многу понатамошни успеси.
„Сакам да ви честитам, пред се’, за покажаната одлична игра, за цврстиот карактер и посветеноста без кои ваквиот успех немаше да биде можен. Наградата која ви ја обезбедува Општина Кисела Вода е само поттик за нови добри резултати за кои сум сигурен дека ќе ги постигнете. Вистинската награда е она што вие веќе сте го избрале како патека, вложувајќи во себе, градејќи се во силни личности кои во иднина ќе ја градат нашата држава. Од Кисела Вода имало и има многу спортски легенди и ваша задача е да го дадете својот максимум и да ни обезбедите тим за кој во иднина ќе навиваме и на кој ќе бидеме горди како нација“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој разговараше и со тренерот на тимот, наставникот по физичко воспитување Игор Зафировски кој го информираше дека оваа екипа сочинета од осмо и деветтоодделенци веќе им помага на новите таленти од училиштето од пониските одделенија. Го искажа своето задоволство од начинот на кој се однесуваат на теренот и надвор од него и потенцираше дека во нив гледа многу идни успешни спортисти. Благодарност за поддршката од општина Кисела Вода и од покажаните резултати изрази и помошник тренерот, наставникот Горан Андоноски.
На настанот, присуствуваше и претседателот на Општинскиот сојуз за училишен спорт на општина Кисела Вода, м-р Дејан Стоимановски, како и членот на управниот одбор д-р Благоја Кечовски. Со градоначалникот разговараше и капитенот на тимот Матеј Ивановски кој во име на тимот му се заблагодари за наградата и кажа дека успехот се должи на сплотеноста на играчите и дека се надева дека и наредната година ќе имаат одлични резултати, извести општината.