Македонија
(Видео) Откако МВР го чува влезот на затворот „Идризово“, драстично се намалени разбојништвата и бегствата, се пофали министерот Спасовски

Полицијата останува да помага во затворот „Идризово“, кој сè уште е во кризна состојба по неколкуте скандали и бунтови на затворениците. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање денес по посетата на полицискиот центар за обука во близина на затворот, се пофали дека откако полицијата ги чува влезовите, намален е бројот на разбојништва и на бегства од затворот.
„Таму работиме заедно според оперативен план направен со службата на ‘Идризово’ и со Армијата во делот на обезбедувањето поради состојбата со намалување на кадарот на полициските службеници во затворот, што влијае на оваа ситуација. Целосно под контрола е сè она што е под контрола на МВР, односно влезовите, сè што влегува е контролирано на високо ниво. Од моментот на кризната состојба, откако постапуваме во ‘Идризово’, драстично се намали бројот на извршување на разбојништва и на кражби и на територијата и на општина Гази Баба, но и на територијата на градот Скопје, што укажува на аномалиите што ние претходно ги утврдувавме со нелегално излегување лица од затворот“, рече министерот Спасовски.
Полицијата ќе остане во затворот „Идризово“ сè додека има потреба оти, како што нагласи министерот Спасовски, се работи за безбедноста, а оваа институција мора да биде целосно под контрола за да бидат безбедни и сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес и утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Град Скопје известија дека викендов (26.07 и на 27.07.2025 година), во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, дополнуваат надлежните.
Македонија
Денес пеколно топло со температури од 43 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени Целзиусови.
И во Скопје че биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 43 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре и во првата половина од следната седмица ќе има промена на временската состојба. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го промени правецот во северен, а дневната температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје во кој животот го загубија 1.070 лица

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Во знак на почит и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје ќе положат цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел.
Во Музејот на град Скопје, вечер во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа”. Поставката ќе биде од траен карактер достапна за секој посетител во музејот. Градот како и секоја претходна година се сеќава на катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој засекогаш го промени.
Скопскиот земјотрес во 1963 година е познат како една од најголемите трагедии кои се случиле во историјата на градот, но истовремено и шанса светот да ја покаже својата солидарност и да помогне во опоравувањето на заедницата.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.