Македонија
Османи – Валтонен: ОБСЕ треба да се поддржи и понатаму да се грижи за стабилноста и за безбедноста во Европа

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, оствари средба со министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, во рамките на самитот на НАТО во Вилнус.
Во фокус на разговорот Османи – Валтонен беше соработката помеѓу Северна Македонија и Финска во рамките на ОБСЕ, со посебен фокус на активностите и предизвиците со кои се соочува претседателството и заедничкото учество во рамките на ОБСЕ-тројката. Изразувајќи задоволство од соработката, министрите разменија мислење за активностите и начините на кои се спроведуваат приоритетите на актуелното претседавање со Организацијата, како и подготовките, активностите и начините на кои ќе функционира организацијата сè до преземањето на претседателството од страна на Финска.
Османи посебен фокус посвети на последната иницијатива што како претседавач со ОБСЕ неодамна ја претстави – формирањето нов Охрид центар за мир и медијација како нова алатка во рамките на ОБСЕ, која треба да ја зајакне улогата на Организацијата во промоцијата на културата на дијалог, политиките на помирувањето, компромисот итн. Османи и Валтонен, освен за активностите во ОБСЕ во рамките на претседавањето на Северна Македонија во 2023 година, разговарале и за предизвиците поврзани со други важни прашања за функционирањето на Организацијата, како и за начините за нивно решавање.
Соговорниците изразија задоволство од досегашната улога на ОБСЕ во обезбедувањето долгорочна стабилност и безбедност во Европа потенцирајќи дека е потребно да се вложат дополнителни политички напори Организацијата да ја задржи оваа улога и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.