Регион
Уште една трагедија во Хрватска: се удави четиригодишно дете во реката Драва
Четиригодишно дете се удави денеска околу 14 часот во реката Драва во Осиек. Во текот на играта детето паднало во реката и исчезнало. Мајката видела како реката го исфрла телото на површината уште два пати пред да исчезне.
Очевидец кој го видел немилиот настан и се обидел да помогне, раскажува за „Глас Славоније“.
„Ја чистев терасата и слушнав како некој вреска, слушав крик по крик и првата мисла беше дека некој некого силува на другата страна. Врисоците беа многу гласни, речиси нечовечки и не престануваа, истрачав и наидиов на жена која беше во вода речиси до вратот“, раскажал Вук Огњеновиќ, кој живее недалеку од местото на несреќата.
„Од шок рече нешто и не можев да ја разберам. Претпоставував дека е дете, иако се надевав дека не е. Таа ми кажуваше и покажуваше: „Ене, таму, таму!“, а јас и реков дека ќе одам малку низводно и ќе тргнам кон неа. Таа ми велеше: „Не, не, не! Таму го видов сега! – додаде Огњеновиќ.
„Мислев дека го барам детето десет минути, но подоцна ми рекоа дека го барам повеќе од еден час – изјави Огњеновиќ.
Тој додаде дека во еден момент и самиот се заплеткал под понтонот и морал да се откаже од потрагата. Полициски нуркачи пристигнаа на местото на настанот и ја пребаруваа околината во следните часови. Околу 16 часот и 45 минути недалеку од местото на исчезнувањето, го пронашле телото.
Спасувачките екипи ги предупредиле сите кои со пловни објекти се движат по реката да се движат што подалеку од десниот брег на реката за да се олесни потрагата. Полицијата ќе спроведе увид за утврдување на сите околности на настанот. Мајката на детето со возило на брза помош била пренесена во Клиничката болница Осиек.
Претходно денеска исто така во Хрватска почина петгодишно дете. Рано утрото во Медулин била повикана Брза помош откако на детето му се слошило. Но и покрај напорите на лекарите, детето починало.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

