Македонија
Охридската полиција со чамци им делеше на граѓаните препораки за заштита од топлото време
Во рамките на реализацијата на оперативниот план „Безбедно лето 2023“ се вклучија и полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро (езерската полиција), која е во состав на граничната полиција на Регионалниот центар „Запад“.
Тие, вршејќи активности со пловни чамци на Охридското Езеро, го спроведуваат проектот „Превенција од сончаница и топлотен удар“, при што остваруваа контакт со граѓани што пловат на езерото и преку непосредна комуникација ги потсетуваа дека топлото време и високите температури може да предизвикаат и сериозни последици врз здравјето и да доведат до состојби, како што се сончаница и топлотен удар, кои понекогаш може да бидат и закана за нивните животи.
Притоа на граѓаните им беше поделен и едукативен материјали со практични совети за избегнување на несаканите последици. Ваквите превентивни активности ќе продолжат и во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нарко босови јавно ѝ се заблагодаруваат на Силјановска: Колку му платил нарко босот Барон на ВМРО-ДПМНЕ, прашуваат од СДСМ
Откако вчера ослободениот нарко бос јавно ѝ се заблагодари на Силјановска, станува јасно дека ова е договорено сценарио. Сега останува само отворено прашањето: која е цената и кој ги земал парите за ова помилување?, велат од СДСМ.
„Прашањето е: што ѝ должи власта на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН на криминалците од нарко-кланот „Барон“, и какви услуги им враќаат? Откако Силјановска вчера се заплетка со својата несмасна изјава, а потоа беше демантирана од Гордан Калајџиев дека комисијата само дава мислење, а претседателката е таа што помилува, денес е должна да излезе заедно со Мицкоски и да објаснат што е позадината на овој скандал“, посочуваат од СДСМ и додаваат:
„Го повикуваме и министерот Филков, кој два дена се крие во глувчешка дупка, да каже каква е неговата улога во целиот скандал и да не молчи. Правната држава денес е погребана, а правичноста која ја ветуваа ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска важи само за нарко-картели и лица од подземјето. Безбедносната ситуација е сериозно нарушена, улиците се небезбедни и, згора на сè, ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска пуштаат криминалци и нарко-дилери на слобода. Македонија станува опасно место за живеење, а граѓаните се плашат за својата безбедност благодарение на политиките на ВМРО-ДПМНЕ“.
Македонија
„Мицкоски ја фрли ракавицата кон СДС, останува да се види дали СДС ќе ја надмине политиката на водење на Македонија од ден за ден“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„Од кога почнав да се занимавам со политика тврдам – На македонското прашање му е потребна енергија. И сметам дека денес дојде денот да отпочнеме еден сериозен проект, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Македонија, Христијан Мицкоски на вчерашното одбележување на 23 октомври, Ден на македонската револуционерна борба“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Станува збор за проект кој Владата ќе се обиде да го договори со МАНУ и со универзитетската заедница. Идејата е проектот да биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050 година. Целта на овој проект е да се дефинираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели, и како да се стигне до нив, земјоделски, технолошки развој, енергетски и транспортен развој.
Ракавицата од Мицкоски е фрлена кон СДС.
Мицкоски потенцираше дека „мора да ги користиме знаењата на сите кои можат да помогнат, ние мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата“ и додаде „потоа ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија, на државата тоа и недостасуваше со години“.
СДС сега треба да се надмине да заборави на приоритетите на поединци, на партиските приоритети и да подаде рака за развој на државата по сите погубни политики кои ги водеа во последните седум години.
СДС мора да ја надмине кратковидоста и да прифати државна стратегија бидејќи само така Македонија ќе може да оди напред.
Мицкоски заклучи „на граѓаните им е потребна им е стратегија и преку глава им е од водење на државата ден за ден“.
Станува СДС да покаже што и е поважно лични и партиски интереси или Македонија!“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од денес стапуваат на сила новите цени на услугите во Агенцијата за катастар на недвижности, намалени и до 75%
Од денес стапуваат на сила новите намалени цени за голем дел од услугите на Агенцијата за катастар на недвижности. Минатата недела во Службен весник беа објавени измените и дополнувањата на тарифниците, со кои се врши промена и намалување на цените на најкористените услуги на Агенцијата за дури 75%.
Досега, граѓаните при купопродажба на стан и паркинг простор плаќаа за четири имотни листови вкупно 5.000 денари. Со новите промени, таа услуга ќе чини само 1.250 денари, без разлика на бројот на имотни листови, по правен основ, во една катастарска општина. Ова претставува намалување за цели 75%.
Дополнително, со ова намалување се опфатени и наследните решенија и договорите за дар каде отсега ќе се наплаќа по правен основ во една катастарска општина во износ од 1250 денари, а не како досега за секој имотен лист по 1250 денари.
„Новината, која заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја најавивме пред околу два месеци, од денес стапува на сила. Со ова ги исполнуваме нашите ветувања за пониски цени на голем дел од услугите на Агенцијата, потврдувајќи дека граѓаните и Македонија се наш приоритет. Благодарност до Владата која даде поддршка и го прифати нашиот предлог“, изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски.
Тој додаде дека со намалувањето на цените се завршува процес на кој активно се работеше во изминатите два месеци. Во следниот период, фокусот ќе биде ставен на дигитализацијата на катастарот, со цел услугите да бидат уште подостапни за граѓаните и правните лица.