Македонија
Изборот на јавни обвинители се врши без образложение и дискусија во Советот, реагира Блупринт групата
Минатата седмица Советот на јавни обвинители на РСМ изврши избор на јавни обвинители во неколку јавни обвинителства.
Блупринт групата реагира дека изборот на јавните обвинители и понатаму се врши без образложение за причините за изборот и отсуство на дискусија со што, велат се доведува во прашање транспарентноста на процесот.
На седницата на 12 јули годинава, на која беа избрани јавни обвинители, од Групата посочуваат дека биле претставени кандидатите за јавни обвинители преку презентирање на нивната биографија и движење во кариерата.
– Самите членови при гласањето не се впуштија во дискусија и образлагање зошто го даваат односно не го даваат својот глас за одреден кандидат, посебно кога има повеќе кандидати пријавени на избор. Тоа образлагање е уште повеќе потребно особено кога не избраните кандидати немаат право на приговор каков што е предвиден во постапката за избор на членови на Советот на јавни обвинители и на Основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, велат од Блупринт групата.
Според нив позитивна работа е практиката на членовите на Советот на јавни обвинители да гласаат за сите кандидати, односно да ја исцрпат кандидатската листа иако претходно некои кандидати ги добиле сите гласови од страна на членовите на Советот.
Констатираат отсуство на дискусија од страна на членовите на Советот на јавни обвинители за секој кандидат поединечно при нивен избор односно не избор.
– Воедно, во духот на транспарентноста неопходно е да се нотира дека на веб страницата на Советот на јавни обвинители не беа објавени сите кандидатски листиВо таа насока, упатуваме дека Советот потребно е да ја зајакне својата транспарентност и да ги објавува навремено сите кандидатски листи со цел да не се остави простор за сомнеж поради селективно објавување. Воедно, на оваа седница можевме да констатираме дека голем дел од членовите гласаа воздржано за предложените кандидати без објаснување за таквиот чин што остава простор за различно толкување за таквото постапување. Начинот на гласање не е уреден во Деловникот на Советот на јавни обвинители, па оттаму не е дефинирано што всушност означува гласот „воздржан”, наведуваат од Блупринт групата.
Со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста во работата на Советот на јавни обвинители, особено кога се врши избор на јавни обвинители, според Групата, потребно е членовите на Советот да покажат поголема отвореност и во насока на поддршка на кандидатите за јавни обвинители за кого гласаат, да го презентираат нивното искуство, квалитетите кои ги поседуваат, совесност, професионалност, морални и етички вредности, работата на сложени предмети и слично и на тој начин да потврдат од кои причини гласаат за или против предложените кандидати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.

