Економија
Со „Мој ДДВ“ за 4 години вратени се 107 милиони евра кај граѓаните, велат од СДСМ

„Мерката „Мој ДДВ“ е една од најуспешните мерки на концептот на СДСМ, парите назад кај граѓаните. За четири години од спроведувањето на оваа мерка, СДСМ кај граѓаните врати 107,5 милиони евра. Тоа се сериозни пари кои Владата директно ги исплаќа на сметките на граѓаните и позитивно влијае врз семејните буџети на сите корисници на мерката Мој ДДВ“, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека граѓаните кои скенираат фискални сметки во едно тромесечје сега може да остварат максимален износ од 2.100 денари по корисник. За цела една година тоа се 8.400 денари по корисник.
„Само за последното тромесечје, за месеците април, мај и јуни, граѓаните ќе добијат 11,2 милиони евра, а исплатата на овие средства ќе се одвива во месец август. За успешноста на мерката „Мој ДДВ“ говори и бројот на регистрирани корисници кој постојано расте и денес изнесува 538.919“, рекоа од СДСМ на денешната прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Епл“ казнет со 150 милиони евра во Франција

Компанијата „Епл“ се соочува со голема казна во Франција поради кршење на антимонополската регулатива.
Францускиот антимонополски регулатор изјави дека го казнил „Епл“ со 150 милиони евра за нарушување на конкуренцијата и злоупотреба на својата доминантна позиција во рекламирање на мобилни апликации на своите уреди преку алатки за контрола на приватноста.
АТТ алатката им овозможува на корисниците на iPhone и iPad да одлучат кои апликации можат да ја следат нивната активност, а компаниите за дигитално рекламирање и мобилни игри се пожалија дека ова ги зголемило цените на рекламирањето и им отежнало на брендовите да се рекламираат на „Епл“ платформите.
Методите на имплементација на овој систем, претставени како дополнителна заштита на приватните податоци на корисниците, “не се предмет на критика сами по себе, но начините на неговото спроведување не се ниту неопходни ниту пропорционални”, според францускиот регулатор.
Од „Епл“ соопштија дека се разочарани од одлуката и дека органот за конкуренција на Франција не побарал никакви конкретни промени во транспарентноста на следењето на апликациите.
Економија
Работен состанок со претставници на Централната банка на Италија за размена на искуства против фалсификувањето пари

Во Народната банка се одржа работна средба помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, нејзиниот тим и италијанскиот амбасадор во земјава Паоло Палминтери и високите претставници од Одделот за борба против фалсификување пари на корпусот на Карабинерите, генерал – командант Џанлука Витаглиано и поручник Пиер Луиџи Фери заради размена на искуства и истражни техники против фалсификување пари. На средбата беше заклучено дека Народната банка постојано ги јакне своите капацитети во овој домен следејќи ги европските стандарди. Притоа беше истакнато дека меѓународната соработка е од исклучително значење за справувањето со овие појави и дека соработката помеѓу двете централни банки и натаму ќе се зајакнува преку повеќе форми. Амбасадорот ѝ честиташе на Народната банка за успехот поврзан со пристапувањето кон СЕПА (Единствената област за плаќање во евра).
На работниот состанок на кој присуствуваа и претставници од Министерството за внатрешни работи од Одделот за финансиски криминал, тимот на Дирекцијата за трезорско работење во Народната банка организира презентација во однос на правната регулатива, институционалната поставеност и начинот на функционирање на системот за борба против фалсификувањето пари, како и за заштитните елементи на денарите.
Беше претставена улогата на Народната банка, којашто како единствена овластена институција во земјава, им дава постојана поддршка на вработените во кредитните институции и центрите за готовина преку задолжителни обуки за рачна проверка на автентичноста и соодветноста на парите во оптек и преку специјализирани обуки за полициските и царинските службеници, како и за експертите од останатите институции коишто во рамките на своите надлежности преземаат активности за спречување на и справување со фалсификувањето на пари.
На состанокот беше оценето дека мерките и активностите насочени кон спречување и справување со фалсификувањето имаат суштинско значење за целокупниот интегритет и зајакнувањето на стабилноста на домашната економија и на финансискиот систем во земјата, како и за заштитата на финансиските интереси на останатите земји чии валути циркулираат во нашиот платен промет.
Посетата беше остварена во рамките на проектот „Перикле IV“ (2021 − 2027), програма насочена кон финансирање размена на персонал, семинари, обуки и студии за органите за спроведување на законот и судските органи, банките и другите институции вклучени во борбата против фалсификувањето на еврото. Активностите се одвиваат во еврозоната, во земјите на ЕУ надвор од еврозоната и во трети земји.
Економија
Средба Бежоска − Шиаочин Ју: Светската банка изрази задоволство од напорите на Народната банка за членството на земјава во СЕПА

Светската банка изрази задоволство од приклучувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) и од напорите коишто ги вложи Народната банка за постигнувањето на оваа цел. Членството ќе донесе повеќе придобивки за целокупната економија, а најголема придобивка ќе имаат граѓаните и компаниите. За натамошни придобивки важно е земјата да се приклучи и кон регионалниот проект за инстант плаќања којшто го предводи Централната банка на Италија и којшто е дел од Планот за раст на Западен Балкан на Европската Унија.
Ова беше истакнато на состанокот помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, директорката за Западен Балкан на Светската банка, Шиаочин Ју и директорот за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, на кој присуствуваа и вицегувернерката Емилија Нацевска, генералната директорка за супервизија, Викторија Глигорова и секторската директорка за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан. На средбата беше нагласена посветеноста на Народната банка и инволвираните институции во земјава, коишто со поддршка на експертите од Светската банка напорно работеа на забрзување на процесот на интеграција на земјава во платежната инфраструктура на Европската Унија, преку приклучување кон СЕПА.
На состанокот, гувернерката Ангеловска-Бежоска изрази благодарност за постојаната поддршка којашто Светската банка ни ја даваше во целиот процес, со што ефективно се усогласија националните со регулативите и практиките на ЕУ и СЕПА, при што нашата земја стана 39 членка на СЕПА.
На состанокот стана збор и за натамошна модернизација на платните системи и натамошни придобивки за граѓаните, особено преку приклучување кон проектот којшто го спроведува Централната банка на Италија, а е наменет за сите земји од Западен Балкан. Се работи за воспоставување систем за инстант плаќања како клон на системот ТИПС со кој управува Европската централна банка (ЕЦБ). Системот ќе овозможи инстант извршување на домашните плаќања во кое било време од денот во текот на годината во секоја од земјите, како и на нивните меѓусебни плаќања и на плаќањата со земјите од ЕУ.
Во изминатите три децении, Светската банка ѝ е значајна партнерка на Народната банка, којашто дава техничка помош преку повеќе проекти за дополнително јакнење на капацитетите на земјава и на централната банка и за одржување на макроекономската стабилност. Светската банка ѝ даде поддршка на Народната банка во подготовката на тригодишниот план за зелени финансии, изработката на макропрудентната стратегија и зајакнувањето на рамката за системски ризици, како и за изработката на подзаконската регулатива за решавање банки.