Култура
„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски за крај на „Синедејс“
Со македонската премиера на „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски, вечерва, во МКЦ парк, во 21 часот, завршува 22. „Синедејс“.
Филмот е прво долгометражно остварување на авторот, кое доживува екранизација и адаптација по долга низа години откога е напишано.
„Сценариото го почнав уште како студент во Париз во 2002 година и не очекував дека филмот некогаш ќе го снимам. Кога се вратив во Македонија, повторно налетав на сценариото во една кутија и го препрочитав од љубопитност. Сфатив дека има добра подлога за филм и решив да го адаптирам за македонски услови бидејќи во таа верзија дејството се случуваше во Париз. Одамна сакав да направам приказна во која давам коментар за некои социјално релевантни теми, а сето тоа да биде ненаметливо спакувано“, вели Цветановски во пресрет на премиерата на филмот.
По премиерата на филмот во Бугарија на фестивалот In the palace во Софија, каде што ја зеде наградата за најдобар филм, Цветановски со нетрпение ја очекува реакцијата на македонската публика за која вели дека го има последниот збор.
Филмот „Бизнисот на задоволството“ е трилер – драма, во која опседната со исчезнувањето на најдобрата пријателка, жртва на трговијата со жени, една новинарка подготвува тајна операција со цел да ја разоткрие криминалната мрежа. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола и се борат да спасат жива глава.
Сценаритото, монтажата и режијата се на Гоце Цветановски, кинематографер на филмот е Фејми Даут.
Продуцијата на филмот е на „Македонската крепост“, A White River Films, City Star Production, Seven Image и 351 Studio.
Во филмот играат: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски и Елени Декидис
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
(Видео) „И јас сум Сирма” ја запали Македонија: лектира, историска читанка и „Оче наш“ на секој Македонец“
Најновата книга „И јас сум Сирма” на авторот Зоран Спасов Sоф ги сруши сите стереотипи за промоција не една книга. Издавачот „Арс Ламина” направи своевидна револуција во промовирањето на овој исклучително контроверзен роман.
Горат социјалните мрежи, порталите, брендирани автобуси возат низ градот, дваесетметарски банер осамна спроти влада, на радиостаниците ги слушаме трите реклами со баритонот на Александар Микиќ…
Двоецот Арс Ламина – Sоф ја помести границата за промоција на едно дело од областа на културата. Дури и оние кои не читаат книги го посетуваат вебсајтот www.ijassumSirma.mk за да дознаат повеќе информации за овој роман.
Првиот дел од кампањата заврши со спектакуларната промоција во МКЦ, каде преку илјада книгољупци ја дочекаа Сирма да се појави на бината, придружена од нејзиниот Сирма rock’n’roll бенд кој со еден пинкфлојдовски и седумосмински аранжман ја изведе „Заветна”.
Книгата се продава во салоните на www.literatura.mk. Исто како и пртходно, и овојпат, кога станува збор за Арс Ламина и Зоран Спасов-Sоф, средствата од продажбата ќе бидат наменети во хуманитарни и добротворни цели.
ПР текст
Култура
Претставатата „Земја на штркови“ вечерва гостува во Свети Николе
Вечерва со почеток од 20:00 час. во ДК “Крсте Мисирков” – Св.Николе, гостува Театар Провокација со претставата “ЗЕМЈА НА ШТРКОВИ” во режија на Роберт Ристов.
Претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до каде – тоа сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума!
Играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
Истата оваа претстава на 26.11 гостува во Пробиштип, на 06.12 Велес, на 10.12 по втор пат ќе гостува во Охрид, а на 11.12 ќе ја има и скопската премиера во МКЦ.
Култура
Овации за маестро Дијана Имери-Илкоска во Софија
По неодамнешниот успех во Грузија, нашата реномирана диригентка, маестро Дијана Имери-Илкоска, продолжува со нови меѓународни претставувања. Неодамна настапи со Софиската филхармонија како гостин-диригент на концертот со наслов „Виолините на Бах“, на кој како солистки се претставија реномираните виолинистки Зорница Иларионова и Божидара Кузманова.
Илкоска одново ја покажа својата „енергична, храбра, страствена и уникатна музичка експресија“ во својата работа со овој престижен оркестар, во чија актуелна сезона настапуваат светски реномирани ѕвезди од класичната музичка сцена.
Стручната критика нејзиниот настап го нарече величествен, а дополнителна потврда за тоа беа стоечките овации од многубројната публика присутна во салата „Бугарија“.
Во оваа музичка вечер прозвучеа три капитални дела од творештвото на Јохан Себастијан Бах – Концертите за виолина и оркестар бр. 1 во a-moll и бр. 2 во E-dur, како и Двојниот концерт во d-moll. Во оживувањето на овие партитури маестро Илкоска покажа почитување кон карактеристичниот барокен стил на изразување, особено на Баховиот композиторски печат, кој останува автентичен и препознатлив по речиси три века. Истовремено, таа успеа да внесе сопствена интерпретација на овие дела со карактеристичен звук на оркестарот, кој станува нејзин препознатлив потпис.
Инаку, маестро Илкоска е основач и главен диригент на камерниот оркестар ИД, а во досегашната кариера соработувала со реномирани оркестри, меѓу кои и со: Tbilisi Youth Orchestra, Дубровачкиот симфониски оркестар, Оркестарот и Хорот на БНР, Македонската опера и Балет, Симфонискиот и Камернииот оркестар на ФМУ, Македонската филхармонија…