Свет
Идентификуван американскиот војник кој беше уапсен во Северна Кореја: намерно ја преминал границата
Американскиот војник Тревис Кинг ја преминал демаркациската линија меѓу Јужна и Северна Кореја по што бил уапсен. Ова е првпат по децении американски војник да биде во притвор во Северна Кореја. Американските медиуми велат дека тоа би можело да предизвика вистинска дипломатска главоболка за САД бидејќи тие, заедно со нивниот сојузник Јужна Кореја, се обидуваат да извршат притисок врз Пјонгјанг додека изолираната земја лансира балистички ракети. Се верува дека Кинг е првиот американски војник што преминал во Северна Кореја од 1982 година.
Американските воени претставници велат дека Тревис Кинг намерно и неовластено преминал во Северна Кореја додека бил на обиколка на демилитаризираната зона што ги дели северот и југот на полуостровот од крајот на Корејската војна во 1953 година.
„Веруваме дека тој моментно е во притвор (Демократска Народна Република Кореја) и работиме со нашите колеги (Корејската народна армија) за да го решиме овој инцидент“, рече портпаролот на американските сили за Кореја, полковник Исак Тејлор.
Командата на Обединетите нации, која ги надгледува операциите во демилитаризираната зона, соопшти дека работи со „колегите од (Северно) Корејската народна армија за да се реши овој инцидент.
Еден од туристите што ја обиколил демилитаризираната зона со Кинг рече дека биле во посета на зграда во селото Панмунџом кога Тревис гласно се насмеал и само втрчал меѓу некои згради.
„Најпрвин мислев дека тоа е лоша шега, но кога не се врати, сфатив дека не е. Тогаш сите реагираа и настана хаос“, велат очевидци.
Американските власти не кажаа колку долго Кинг бил во Јужна Кореја, но во еден момент тој се соочил со дисциплински мерки за напад и поминал 50 дена во притвор. Не е познато дали бил во притвор во Јужна Кореја или во американски воен притвор, но според американските официјални лица, во одреден момент по неговото ослободување, бил придружуван до аеродромот на лет назад за САД.
На аеродромот придружбата на Кинг не можела да помине низ безбедносен контролен пункт со него, а во одреден момент потоа тој го напуштил аеродромот и отишол на обиколка на заедничката безбедносна област.
Кинг сега е во рацете на режим, кој САД го сметаат за главен непријател и не е сигурно каков вид воено разузнавање би можел да му достави на Пјонгјанг. Најверојатно, немал пристап до информации од највисоко ниво, но како припадник на американската војска можел да зборува за распоредот на базите, како и за тоа кои единици каде се наоѓаат и колку војници има таму.
Неколку американски војници пребегнаа во Северна Кореја во децениите по крајот на Корејската војна, но тоа не се случи неодамна. Сепак, имало неодамнешни случаи на американски државјани, кои биле држени во заробеништво во Северна Кореја или притворени, понекогаш долг временск период, а американските власти се обидувале да обезбедат нивно ослободување.
Засега не е јасно кои биле намерите на Кинг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

