Македонија
Нов мултифункционален деловен простор на „Тиквеш“ во Кавадарци
Винарската визба „Тиквеш“, лидер на винскиот пазар во земјава, продолжува со својата стратегија за континуирани инвестиции во одржлив развој и имплементација на ESG стандардите. Во рамките на овој процес кој се одвива во сите сегменти од работењето на компанијата, денес „Тиквеш“ ги отвори новите деловни простории во Кавадарци.
Деловниот простор во Кавадарци е уникатен по својата функционалност и архитектонски изглед, но и според постулатите за одржливост кои се вградени во овој објект. Во текот на изградбата се користени еколошки и одржливи материјали и во целост се имплементирани принципите за енергетска ефикасност кои обезбедуваат заштеда на енергија. Дизајнот на просторот овозможува пространост и удобност, како и максимално користење на дневната светлина, со што се штеди енергија. Покрај тоа, инсталираниот централен систем за климатизација и вентилација е базиран на обновлива енергија, односно голем дел од енергијата што ја користи е од фотонапонска централа.

Вкупната инвестиција во изградбата на деловниот простор во Кавадарци изнесува над еден милион евра. Покрај висококвалитетната градба и задоволувањето на највисоките стандарди за изградба на ваков тип на објекти, новиот деловен простор е позициониран во централниот дел на винарницата и нуди уникатен и инспиративен работен амбиент, прилагоден на специфичните потреби на работењето на винарницата. Внатрешното уредување е адаптирано на потребите на вработените особено во поглед на нивното здравје и благосостојба. Користен е ергономски ентериер и предвидени се простории за пауза и одмор и други видови на простории за вработените.

„Континуиран напредок и имплементација на највисоките стандарди е наша долгорочна заложба и во таа насока инвестираме подеднакво во сите сегменти од нашето работење. Веруваме дека новиот деловен простор ќе овозможи подобри услови за работа, поголема благосостојба на нашите вработени и поголема продуктивност. Нашите луѓе се основа за нашиот успех, а развојот и грижата за вработените е еден од врвните приоритети на компанијата“, велат од „Тиквеш“.

Новиот деловен простор на „Тиквеш“ во Кавадарци има мултифункционален карактер, а покрај другите работни единици има и две конференциски сали и простор за настани и презентации.
Имплементацијата на ESG стандардите, како дел од стратегијата за одржливост на винарската визба „Тиквеш“, е процес во кој целокупното работење на „Тиквеш“ се унапредува во однос на трите параметри: животна средина, општествен придонес и корпоративно управување (ESG).
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

