Манифестации
Распишан петтиот по ред конкурс Young Balkan Designers 2015
Балканската дизајнерска мрежа, која е составена од културната организација Јавна соба/ Public Room – Скопје, организацијата Миксер – Белград и Хрватското дизајнерско друштво – Загреб, го распиша петтиот по ред конкурс Young Balkan Designers 2015 (Млади балкански дизајнери 2015) под слоганот „Common Grounds”или „Заедничко тло“.
Конкурсот е отворен до 28.февруари 2015 година и е наменет за млади дизајнери до 35 години од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Словенија, Србија и Турција
Годинешното издание на проектот Млади балкански дизајнери (Young Balkan Designers) под слоганот Заедничко тло (Common Grounds), повикува на интроспективен поглед кон сопственото наследство и културна вредност, корените, автентичноста и несовршеноста, како и на нивната интелигентна примена во контекст на современиот Балкан. Авторите се повикани на размислување за наследството во најшироки рамки, почнувајќи од своето лично потекло и култура, до колективното наследство, како и активирање на вредностите на културните добра и инкорпорирање на материјалното и нематеријалното наследство во своето дело.
Меѓународното жири со кое претседава реномираниот дизајнер Константин Грчиќ(КГИД, Германија), ќе ги одбере победниците на годинешниот конкурс. Членови на жирито се: Jan Boelen – Z33, куќа за современа уметност (Белгија), Никола Радељковиќ– индустриски дизајнер -Numen/ForUse, претседател на Балканската дизајн мрежа, (Хрватска), Јелена Матиќ – дизајнер на мебел – Шумарски факултет, Белград (Србија).
Предмет на конкурсот можат да бидат дизајн концепти, производи (мебел, осветлување, ентеријерни елементи, секојдневни предмети, куќна опрема, помошни производи), урбани услуги, рециклирани материјали, модна конфекција и т.н. кои нудат иновативни, но и рационални решенија за секојдневните проблеми.
Делата одбрани на конкурсот ќе бидат дел од двегодишната програма Young Balkan Designers која подразбира регионален дизајнерски конкурс, меѓународна патувачка изложба и програма за мобилност и едукација за младите дизајнери. Исто така, авторите на трите најдобри проекти ќе посетуваат резиденцијални менторски работилници кои ќе бидат организирани во соработка со водечките дизајнери и произвидители. Резиденцијалните работилници ќе бидат организирани во Скопје, Белград и Загреб сѐ со цел да се зајакне соработката со компаниите.
Ментори за развој на проектот се: Никола Радељковиќ– индустриски дизајнер -Numen/ForUse, (Хрватска), Ивана Боровњак, индустриски дизајнер, претседател на Хрватското дизајнерско друштво (Хрватска), Александар Велиновски, дизајн менаџер, основач на Skopje Design Week (Македонија), Јелена Матиќ – дизајнер на мебел – Шумарски факултет, Белград (Србија), Маја Лалиќ – архитект, креативен директор и основач на организацијата Миксер (Србија)
Пријавите се вршат со пополнување на формулар на следниот линк: http://www.balkandesignnetwork.com/ybdopencall2015
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор
Полската вечер во рамките на годинешното издание на „Охридско лето“ го носи концертот на гудачкото дуо Емануел и Емилија Салвадор.
За виолинистот Емануел Салвадор специјализираниот магазин „Страд“ пишува дека е еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.
Емилија Гох Салвадор како уметник на виола има дипломирано со највисоки оценки на музичката академија „Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“.
Култура
Утре, во Трпејца, почнува 12. издание на манифестацијата „На зајдисонце“
Во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ и под покровителство на Општина Охрид, од утре до 28 јули, 12. пат оваа туристичка населба и гостите ќе дишат во ритамот на новото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Утре, четврток, на отворената сцена во Трпејца, од 20.30 часот, во името на покровителот, Општина Охрид, манифестацијата за отворена ќе ја прогласи заменик-градоначалникот Перчо Божиноски.
Приустните ќе може да ја видат изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија, која се одржува во Трпејца, а во музичкиот дел ќе настапат Влатко Броз и диџеј Марама.
В петок во истиот термин публиката ќе може да се запознае со минатото на дел од околината на Трпејца. Младиот Петар Симоноски ќе прикаже видеопрезентација на тема: „Тврдина Осој од VI век“.
Викендот е резервиран за документарни филмови. В сабота навечер публиката ќе го гледа документарно-туристичкиот филм „Трпејца на дланка“, работен по сценарио на Милчо Јованоски.
Следната вечер од 20.30 часот публиката ќе се запознае со Љупчо Паункоски и неговиот документарен филм „Охридските пливачки легенди“.
Неделното утро е резервирано за традиционалната прошетка на домаќините и гостите по патеката Чоколско.
В понеделник, на 24 јули, во Трпејца ќе гостува бендот „3.0“ (три промили), а денот потоа е резервиран за традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Вечерта е резервирана за прошетката „Со кајче по езерото“.
В среда, на 26 јули, од 19.30 часот, посетителите на манифестацијата „На зајдисонце“ ќе може да учествуваат на атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца.
Час подоцна, ќе следува интересната видеопрезентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца е резервирана за драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид, под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери ќе ја одиграат претставата „Пепелашка од Охрид“.
На крајот од дванаесеттото издание на „Зајдисонцето“, охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски ќе гостува со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“.
Летото во свој стил со пародијата „Дојдете во Трпејца“ ќе го затворат познатата македонска актерка Марија Кондовска и угостителот Марјан Митрески-Мац.
Култура
Заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „…Медеја“ е најдобра претстава
Синоќа со врачувањето на наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола за најдобро уметничко остварување во целина заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Награда за најдобра режија доби Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога – Илина Чоревска, за најдобра музика – Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал – Сашо Илковски.
Скопскиот Драмски театар и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои 5 награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.
Наградени беа и Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“ и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.
Со свечената вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма вгодина.