Македонија
Санкциите ќе влијаат и на оние кои имаат бизнис со Камчев, вели американската амбасадорка Агелер
Санкциите ќе влијаат и на оние кои имаат бизнис со Орце Камчев, порача американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, откако САД го ставија македонскиот бизнисмен на својата црна листа.
Агелер објаснува дека Министерството за финансии на САД го назначило на црната листа Камчев поради корупција, поткуп, перење пари и други кривични дела.
Вели дека санкциите ќе влијаат не влијаат само врз поседувањата и имотот на Камчев, туку и врз оние кои имаат бизнис со него.
Агелер е децидна дека САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои што го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија, бидејќи корупцијата има последици.
Претходно во одлуката, Министерството од САД наведе дека Камчев ја злоупотребил својата позиција, впуштајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи агенда за своја корист, а на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија. САД го опишаа Камчев како бизнисмен кој интензивно се занимава со корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари.
Во делот на санкции се наведува дека целиот имот и интереси во имотот на Камчев што се во САД или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани и мора да се пријават на Канцеларијата за контрола на странски средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.

