Македонија
Димитриос Пасхос е нов Главен извршен директор на ОКТА, Вук Радовиќ назначен за нов Претседател на Одборот на директори на компанијата

Одборот на директори на ОКТА АД – Скопје донесе одлука со која го назначи Димитриос Пасхос за нов вршител на должност Извршен член на Одборот на директори и Главен извршен директор на компанијата. Истовремено, досегашниот Главен извршен директор на ОКТА, Вук Радовиќ ја презема функцијата Претседател на Одборот на директори на компанијата. Дополнително, воведена е нова позиција – Заменик Претседател на Одборот на директори на која е назначен Василиос Багиокос, неизвршен и независен член на Одборот.
Новиот Главен извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос е магистер по меѓународни финансии кој одлично ја познава компанијата и состојбите на домашниот и глобалните енергетски пазари, со оглед на тоа што до неговото назначување на новата функција тој ја извршуваше должноста Директор на Финансии и администрација на ОКТА, на која беше назначен во јули 2019 година. До именување на нов Директор на Финансии и администрација, Пасхос ќе продолжи да ја извршува и оваа функција.
Од почетокот на 2020 година, Радовиќ уште успешно ја извршуваше функцијата Главен извршен директор на ОКТА.
Дополнително, Одборот на директори избра тројца вршители на должноста членови на Одборот на директори и тоа: Дионисиос Роутсис, неизвршен член на Одборот на директори; Димитриос Пасхос, извршен член на Одборот на директори и Главен извршен директор; и Тхеодора Петроула, неизвршен и независен член на Одборот на директори. Одлуките стапуваат на сила на 24 јули 2023 година.
(Пр објава)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кузеска: Масовна и груба партизација, објавуваме список за 50 партиски вработувања во РЕК Осломеј

Владата на ВМРО-ДПМНЕ спроведува масовна, бртутална партизација на институциите преку нова серија вработувања со партиски списоци, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа истакна дека свиркачи до СДСМ доставиле интерен список за вработување на 50 лица во РЕК Осломеј и додаде дека „на списокот има членови на општински комитети, но и роднини на активисти на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Без јавен конкурс, без јасни критериуми, без стручна селекција. Единствениот услов за вработување е партиската книшка и фамилијарната поврзаност со власта. РЕК Осломеј, стратешки важна енергетска точка, наместо да биде дел од стабилен енергетски систем, власта го користи како алатка за партиски вработувања на грбот на народот. Вака ли ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува системот? За ова ли бараа доверба од граѓаните?“, рече Кузеска.
Таа истакна дека „сите ветувања за мерит-систем, професионализација и правична држава се фрлени во вода“.
Секоја институција се претвора во испостава на ВМРО-ДПМНЕ, наместо сервис за граѓаните. Наместо држава во која најдобрите напредуваат, добивме држава со вработувања по список, со јавна администрација претворена во партиска армија. Затоа младите и способни луѓе заминуваат. Затоа јавните институции се неефикасни, а довербата во системот се урива. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да отвори предмет по сопствена иницијатива. Бараме ЕСМ јавно да ги поништи сите незаконски вработувања“, вели портпаролката Кузеска.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на третата Конференција на ОН за океанот во Ница

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3).
За време на конференцијата Сиљановска-Давкова ќе присуствува на приемот во чест на високите гости организиран од претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.
Таа ќе биде дел од церемонијата на отворање на Декадата за криосферски науки, во присуство на генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле, како и на презентацијата на препораките од специјалните настани на UNOC3 (Конгрес за океанска наука, Форум за сина економија и финансии, Самит за пораст на нивото на морето и крајбрежна отпорност) пред шефовите на држави и влади во „Агора Нептун“ во присуство на претседателот на Француската Република.
Претседателката ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.
На посебна церемонија, Сиљановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.
Македонија
(Видео) Аврамовски: Наместо пари за питијади и ајваријади, општините да инвестираат во повеќе јавни паркинзи, зеленило и подобри услови во градинките и училиштата

Либерално-демократската партија (ЛДП) упатува јавен повик до општините ширум државата: да престанат со расфрлање на јавните средства за еднодневни настани и манифестации како што се питијади, ајваријади, скара фестови и слични пригоди.
„Наместо тоа, ги повикуваме општинските власти да ги насочат парите кон проекти кои навистина значат подобар живот за граѓаните: повеќе јавни паркинг места, повеќе зеленило и паркови, подобри услови во градинките и училиштата. Јавните финансии мора да се трошат одговорно и домаќински“, вели во изјава за медиумите портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски.
На граѓаните не им требаат свечености еднаш годишно, посочува Аврамовски, туку чист воздух, безбедни улици, функционални училишта и паркинг решенија секој ден.
„ЛДП стои на ставот дека локалната самоуправа треба да покаже зрелост и визија. Затоа ги повикуваме сите градоначалници и советници: наместо да се натпреваруваат кој ќе донесе поголема музичка ѕвезда или ќе организира поголема питијада – да се натпреваруваат кој ќе реализира повеќе конкретни, видливи и одржливи проекти за своите сограѓани“, заклучува Аврамовски.