Македонија
Опомена за претседателката на Советот на Општина Битола поради неправилности во разрешувањето на членови во управните и надзорните одбори

На барање на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, Државниот инспекторат за локална самоуправа на 09.06.2023 извршил вонреден инспекциски надзор во Општина Битола, за работата на Советот и именувањата и разрешувањата на членовите во управните и надзорните одбори. По направената анализа, до градоначалникот било доставено известување од решението со опомена за постапување доставено до Претседателката на Советот на општина Битола.
Според информациите во решението, опомената на Претседателот на Советот се изрекува за неправилности при донесените решенија за разрешување на членовите во Управните и надзорните одбори на ЈКП „Водовод“ Битола, „Комуналец“ Битола, „Изградба и одржување на јавен простор“, „Пазари“ Битола, „Жабени“ Битола, „КИЦ“ Битола. Неправилностите се однесуваат на непочитување на одредбите од член 17 ѓ и 26 а од Законот за јавни претпријатија.
„Претседателката на Советот не ги испочитувала одредбите од член 17 ѓ од Законот за јавни претпријатија, цитираме: Основачот може да ги разреши сите членови на управниот одбор на јавното претпријатие пред истекот на мандатот доколку не даде согласност на годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие, согласно со членот 11 точка 7 од овој закон.
Во конкретниот случај не се исполнети условите за разрешување на сите членови на Управните и Надзорните одбори на шесте јавни комунални претпријатија, бидејќи тие се предложени и избрани од оваа структура на Советот на општина Битола, по локалните избори 2021 година, имаат време до крајот на нивниот мандат и дека ги имаат усвоено и годишната сметка и извештајот за работењето на јавните претпријатија.
Мнозинството членови на Советот на Општина Битола, неправилно постапи и со едно решение ги разрешува членовите на Управните и Надзорните одбори на шесте ЈКП“, стои во решението на Државниот инспекторат, а во продолжение инспекторот додава:
„Советот на општина Битола не постапил и во согласност со член 17 ѓ, точка 5. Што се однесува до успорените акти, донесени на 27 седница на Советот на општина Битола, кои не се донесени во согласност со член 17 ѓ од Законот за јавните претпријатија, се доставува известување со опомена до Претседателот на Советот на општина Битола, како задолженија за постапување: во рок од 15 дена од приемот на решението, успорените акти да ги стават на седница на повторно разгледување, а донесените акти да бидат во целосна согласност со Законот за јавните претпријатија“, се наведува во решението од Државниот инспекторат, на кое претседателката има рок на жалба од 15 дена.
Во врска со побараниот инспекциски надзор од Претседателката Илиевска и необјавувањето на дел од актите од оваа седница, поврзани со именувањата и разрешувањата на членовите на управните и надзорните одбори, инспекторот му укажува на градоначалникот Коњановски, дека во иднина, во таквите случаи, потребно е писмено да се извести Претседателот на Советот, со образложение дека, донесените акти од советот нема да се објавуваат во службеното гласило на општината, бидејќи не се во согласност со законските решенија, се истакнува во официјалното соопштение од Општина Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.