Топ
Со нож избол и расекол битолчанец во стомакот, притвор за осомничениот

Едно лице е под истрага откако со нож избол и расекол битолчанец во стомакот без некоја особена причина.
Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело тешка телесна повреда од член 131 став 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 24 јули, пред куќа на улицата Сотир Брбевски во Битола, без особен повод или причина, со нож пробол и расекол едно лице во абдоменот нанесувајќи му повреди на мускулатурата на предниот абдоминален ѕид и на тенкото црево, со што го довел во опасност животот на оштетениот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола доставил и предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице сметајќи дека постојат законски основи за притворска мерка. Судот го прифатил предлогот и донел решение, со кое на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Селанецот во Кривопаланечко убиен, па запален за 100 евра, зад убиството стојат двајца млади браќа

Двајца браќа се осомничените за убиството во Луке, кривопаланечко.
Тие се на возраст од 20 и 25 години, а убиениот е нивен соселанец.
Обвинителството за деталите од истрагата соопшти дека ноќта меѓу 24 и 25 март двајцата се договориле да извршат кражба во домот на жртвата. Помладиот брат го разбудил оштетениот и го извел надвор со изговор дека сака од него да купи ракија.
Во дворот го удрил со мотика по главата, па двајцата заедно го влечеле и му нанеле уште неколку удари со предмет.
„Со пребарување по џебовите од жртвата одзеле 6.000 денари кои си ги поделиле, по што ги пребарале куќата и помошните простории. На крај телото го полеале со бензин и нафта и го запалиле, па го фрлиле во дупка покрај реката и го покриле со дрвја и камења“, велат од Обвинителството.
По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Куманово одреди мерка притвор за двајцата осомничени, кои до целосното расчистување на настанот беа обезбедени со мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа.
Македонија
И јас и Таравари вчера избегавме од ДУИ, сега преговори со нив значат испорачување фактури од ДУИ, вели Меџити

Сите коалиционери во „Вреди“, освен министерот за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, сметат дека единствена опција им е коалицијата да прерасне во политичка партија. Министерот за животна средина и лидер на партијата Демократско движење, која е дел од „Вреди“, Изет Меџити, денес, јавно, од говорницата во Владата го повика Таравари да ги прекине преговорите со ДУИ и да остане во „Вреди“ за Албанците да имаат два табора, како што има во Косово и во Албанија.
„Јавно го поканувам Таравари да рефлектира. Тој е дел од ‘Вреди’, го сакаме внатре во ‘Вреди’. Граѓанинот, гласачот, сака ‘Вреди’ да се фузира во една партија за да има два табора во албанскиот блок, да има конкуренција меѓу Албанците. Да не биде еден наспроти десет и да се распредели албанскиот глас, туку да има два табора. Најсилниот табор е ‘Вреди’, каде што е Алијансата на Таравари, каде што го посакуваме, но крајно време е да се повлече од преговорите со ДУИ. Не може да биде и дел од ‘Вреди’ и да разговара со ДУИ“, рече Меџити.
Тој побара Таравари да се одлучи и да пресече оти не е во интерес ниту на коалицијата ниту на граѓаните да преговара со ДУИ.
„И јас и тој вчера избегавме од ДУИ, која не беше на ова дереџе. Сега една ДУИ, која е на црните листи, со половина претседателство барани за корупција, соработката со нив ќе значи дека треба да се испорачаат и фактури од таму оти тие ќе имаат некои барања. Преговорите со ДУИ значат дека може да испорачаат и фактури од ДУИ. Тогаш ќе се коси со политиките на Владата“, рече Меџити.
Тој и денес, исто како и претходните денови, објаснуваше дека коалицијата „Вреди“ е формирана како антипод на ДУИ и дека идејата да прерасне во една политичка партија е од формирањето на коалицијата. Се чекал погоден момент, а наводните преговори на Таравари со ДУИ биле аларм дека тоа мора да се направи сега.
„Ова не е нова идеја, туку е идеја од самиот почеток. Тогаш не сакавме ниту да избрзуваме со овој процес ниту да го оставиме на заборав. Затоа оценивме дека е време, особено со овие превирања, каде што господинот Таравари јавно искажува дека има две опции, се поставува како партнер, не дел од ‘Вреди’, значи може да преговара и со ‘Вреди’ и со ДУИ. Во оваа ситуација оценивме, другиот дел од ‘Вреди’, дека е време да ги затвориме темите на мали политички партии и да ја формираме ‘Вреди’ како алтернатива на Албанците, која ги донесе промените, победи на изборите и ќе ги предводи промените за граѓаните да ги чувствуваат разликите“, рече Меџити.
Преминот на „Вреди“ од коалиција во еден политички субјект, според Меџити, реално е почнат од минатата година оти веќе имаат заеднички тела, како што се центарот за информирање, кадровската комисија и други тела во кои свои членови имаат сите коалиционери во „Вреди“.
Како коалиција, Меџити рече дека „Вреди“ освоила историски рекорден број гласови како албанска опозиција, но гласовите не се само на една партија, која е дел од коалицијата, туку на сите заедно и затоа смета дека обврска им е така и да продолжат.
„Од деведесеттите досега имало коалиции и коалиции. Десетици и стотици коалиции во Република Северна Македонија, но никогаш не се случило во влада да се заедно, а на локални да одат на посебни листи и да се поделат“, рече Меџити и потврди дека Таравари бил надгласан од другите коалиционери оти предложил сите да одат со посебни листи.
Како втор политички аргумент против предлогот на Таравари, Меџити наведе дека за листите за советници основата е Донтовиот систем, кој ги фаворизира големите.
„И ние како ‘Вреди’ сме во големите и место да користиме гласови, кои ќе изгорат кај малите политички субјекти, ние бараме од големите да преминеме кај малите. Тоа веќе не е во интерес и во функција на ‘Вреди’, туку оди во прилог на друга политичка партија“, рече Меџити.
Министерот за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, пак, вчера рече дека ако другите коалиционери во „Вреди“ веќе се договориле да се спојат во една политичка партија, тој е подготвен да им го отстапи името „Вреди“, а на локалните избори да излезат сами како Алијанса за Албанците. Отсечно негира дека преговара со ДУИ за локалните избори и рече дека му се допаѓа концептот „Вреди“ да прерасне во политичка партија.
Македонија
Таравари за уапсениот директор на Геријатрија, кој е кадар на Алијансата: „Ова е недозволиво, секој што згрешил мора да одговара“

Алијансата за Албанците се огласи по апсењето на Мухсин Арифи, директорот на болницата за геријатрија, поради поткуп.
Од партијата на Таравари, чиј кадар е Арифи, ги повикуваат надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично-правен настан.
„Секој што згрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничката, верската или политичката припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна“, се вели во дописот до медиумите.
Се додава дека Алијансата останува силно посветена на борбата против корупцијата, а албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица што евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат од здравствените маки на граѓаните.
„Ова е недозволиво и надвор од принципите што ги застапуваме“, децидна е партијата, која уверува дека партиските органи ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот.
Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.