Македонија
Слупчане го условува ЕВН: Простете ни ги долговите, највисоките сметки да бидат 3.000 денари, дајте ни бесплатни приклучоци за нови куќи

Жителите на Слупчане ги условуваат екипите на ЕВН за да им дозволат да влезат во селото. Наместо слободен пристап до трафостаницата, вработените во компанијата тврдат дека се соочуваат со вербални и физички напади. „Макфакс“ дојде до документот на жителите на Слупчане, испратен преку Општина Липково. Тој се состои од 14 точки, преку кои се бара за нив да не важат правилата што треба да ги почитува секој граѓанин, односно потрошувач. Простување долгови од илјадници евра, бесплатни приклучоци, но и највисоката сметка што ќе ја добиваат да биде 3.000 денари – се дел од барањата.
„Не прифаќаме мерните уреди да се постават надвор од куќите. Сѐ додека ова не се случи во цела Северна Македонија, не дозовлуваме ние да бидеме исклучок; да им се простат старите долгови на корисниците на ЕВН од Слупчане; на секој крај од селото, каде што ќе се гради куќа, да му се обезбеди електрична мрежа од страна на ‘ЕВН Македонија’, а не граѓанинот повторно да плаќа илјадници евра за бандери; да се постави ограничена цена од 3.000 денари од семејство, без разлика на потрошените киловати; цената да биде иста и по потрошувачката од 700 киловати од страна на потрошувачот, а не оваа цена да се удвојува; верските објекти да бидат ослободени од плаќање струја“, се само дел од условите на жителите на Слупчане.
Ваков договор не е постигнат, а екипите на ЕВН одново се жалат дека се цел на напади. Тие не може да работат на модернизација на мрежата додека не им бидат обезбедени услови. Жителите, пак, не ги пуштаат внатре во селото, меѓу другото, и поради страв дека ќе им ја исклучат струјата.
Загубите во Слупчане се 80 %, а наплатата е само 20 %.
Пред три недели екипа на „Макфакс“ беше во Слупчане, каде што жителите останаа 24 часа без струја и беа гневни. Тврдеа дека не е точно оти не ги пуштаат екипите на ЕВН во селото. Преговараа со компанијата преку министерот за економија Крешник Бектеши, па откога прифатија да се направи модернизација на мрежата, струјата им беше вклучена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Македонија
Денес сончево и топло, попладне дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во северните делови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен, а кон крајот на денот од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре ќе настапи позначителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно, нестабилно и посвежо време со услови за повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи, особено во вторник.
Дневната температура ќе биде во опаѓање и до средината на следната седмица се очекува да опадне за 8 до 10 степени во споредба со денешната.
Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.