Македонија
МНР со осуда за вчерашните инциденти: Насилството е неприфатливо, на таквите поединци ќе им биде ограничено присуството во државата

Министерството за надворешни работи ги осудува вчерашните инциденти во Скопје, пред, за време и по натпреварот Шкупи – Левски. Насилството е неприфатливо во ниту еден случај, особено не кога тоа резултира со тешки повреди. Органите за безбедност ја имаат сета поддршка во спроведувањето на јавниот ред и мир, велат од МНР.
Според информацијата од ова министерство, повредениот бугарски државјанин е третиран професионално и со соодветна грижа; во моментов тој се наоѓа во стабилна, но тешка состојба, и по хируршкиот третман закрепнува во болница во Скопје.
„Претставници на бугарската амбасада се во постојан контакт со повредениот бугарски државјанин и неговите роднини, како и со локалните здравствени власти.
Надлежните органи на Република Северна Македонија веќе ги презедоа и ќе продолжат да ги преземаат неопходните мерки за ефективна истрага и гонење во врска со настанатите инциденти.
Како што и порано во неколку наврати имаме посочено, Република Северна Македонија е слободна земја и добредојдени се сите оние кои сакаат да ја посетат земјава; привилегија која не подразбира дека е прифатливо од овде да се искажуваат навреди, особено не тези кои подразбираат територијални претензии и/или негирање и навреди по основ на етнички, религиски или други идентитетски основи.
Како и порано, прекршувањето на овие правила ќе биде соодветно адресирано од страна на надлежните институции, а на ваквите поединци ќе им биде ограничена привилегијата за присуство во земјава“, се потенцира во нивната информација.
Во соопштението е нагласено дека Република Северна Македонија и Република Бугарија се добри соседи кои политичките разлики ги надминуваат со дипломатски средства, негувајќи ја културата на добрососедски дијалог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Засадиле 100 семки канабис на нива во Пчиња, ОЈО отвори истрага

Започнати се постапки против дилери на марихуана во Велес и во Скопје, информираат вечерва од Јавното обвинителство. Јавните обвинители до надлежните судови доставиле предлози за определување мерка – притвор за сите тројца осомничени.
– Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. Двајцата осомничени – соизвршители, во периодот од март до септември годинава, во атарот на велешкото село Карабуниште, неовластено произведувале марихуана. Засадиле 100 семки канабис на нива во месноста викана Пчиња, од кои изникнале 80 растенија што ги одгледувале и ги наводнувале, појаснуваат од Обвинителството.
На 27 септември, осомничените биле затекнати од полициски службеници додека собирале цвет од канабис.
– На лице место биле пронајдени машини за одвојување на цветот од стеблото, три пластични кофи со вкупно над четири килограми марихуана и повеќе вреќи со стебла од канабис, додаваат од Обвинителството.
За истото кривично дело и Основното јавно обвинителство – Скопје отворило истрага против едно лице, за кое во соопштението се наведува дека неовластено произведувало и држело за продажба наркотична дрога – марихуана.
– Во дворот на осомничениот на улицата „Кадињача“ во Скопје, полицијата пронашла две растенија канабис што ги одгледувал, а од домот биле одземени и 38 паковки со вкупно околу 30 грама марихуана и една дигитална вага со траги од канабис и кокаин, истакнуваат од Обвинителството.
Македонија
Филипче: Гласот за СДСМ е одлука за решавање на маката на луѓето, СДСМ не лаже

Лидерот на СДСМ Венко Филипче во своето излагање на денешната Конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници истакна дека партијата е обединета околу воспоставување на вредносен систем во кој патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за партиски рејтинг, туку значат обезбедување безбедни, чисти и здрави средини за македонските граѓани, како и секојдневна грижа за тоа како животот на сите ќе биде подобар.
-Денес стоиме со јасна порака, ова е момент на нов почеток, рече Филипче на Конвенцијата за промоција на кандидатите за градоначалници и советници за локалните избори 2025 година.
Како што посочи, Македонија не смее да биде дом на малкумина, туку дом на сите.
-Секој глас е важен. Нашиот избор е борба за нашиот дом. Ова е наш дом и ова е наша борба. Македонија не е и не смее да биде дом на малкумина, туку дом за сите. Македонија нема да биде дом каде ние, домаќините, ќе бидеме безгласни, без право на одлука, без право на достоинствен живот во домот. Нашиот дом е нашата Македонија, но и нашата партија, а нашите вредности се темелите на тој дом. И тие темели ќе ги чуваме и јакнеме, рече денеска Филипче.
Тој потенцирање дека борбата за тоа каков дом сакаме, почнува од сега. Притоа правејки паралела за развојот и напредокот со СДСМ и очигледниот застој со ВМРО-ДПМНЕ.
-Ако се откажеме сите, тогаш иднината ќе ја оставиме во раце на оние кои ја водат земјата назад, во темнината на корупцијата и стравот. Ако пак застанеме заедно, можеме повторно да ја изградиме Македонија како наш заеднички дом. Ние не сме совршени, но сме оние што ја носат државата и граѓаните кон јасна иднина и кои се грижат за реалните проблеми, рече Филипче на Конвенцијата.
Тој исто така порача дека постои нешто поголемо од партијата, а тоа е заедничкиот дом, државата во која сите живеат сите граѓаните. Затоа гласот за СДСМ е одлука за решавање на маката на луѓето, затоа рече Филипче, СДСМ е онаа која не се повлекува во криза, не лаже, туку се соочува со проблемите.
„Вашиот глас е штит за вашето семејство, за вашите права и за вашата иднина“, порача Филипче.
Македонија
Романец осомничен за тешка кражба во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против романски државјанин, осомничен дека во Скопје извршил кривично дело – Тешка кражба според член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот 41-годишник делото го извршил на 21 март, во Ѓорче Петров, кога на дрзок начин и со сила одзел златен ланец со крст од еден оштетен, тргајќи му го од вратот. Потоа почнал да претура по полицата од дневната соба, ја отворил фиоката и одзел 2.500 денари. Така осомничениот се стекнал со вкупна противправна имотна корист во износ од 11.500 денари, по што веднаш се дал во бегство.
Имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин без регулиран престој во државава, јавниот обвинител оцени дека постои опасност од бегство и до Судот достави предлог за определување мерка притвор.