Македонија
„Тоа се детски игри“, „Не постои поимот условени оставки“ – реакции од професори и политичари по потегот на ДУИ
Таканаречените условени оставки што ги поднесоа вчера министрите од ДУИ се во фокусот во јавноста.
По партиските реакции, потегот на интегративците го коментираат и професори, политичари, аналитичари.
Експратеничката на СДСМ и претседателка на партијата Глас за Македонија, Солза Грчева, вели дека поимот условени оставки не постои во Деловниот на Собранието. Според неа, во случајот не може да се каже дека станува збор за оставки, туку за мајтапење со остатоците на правната држава.
„Оставките на ДУИ не може да бидат условени! Како бивш пратеник, кој ги познава законите, ви тврдам дека такво нешто не постои во Деловникот на Собранието, каде што оставките мораат да ги достават веднаш. Без да поставуваат услови. Исто е и со Законот за Владата. Џентлменската партија ДУИ, која е 100 години на власт, би требало да го знае и Уставот, кој не познава вакви шерифски постапки и уцени! Затоа, овие т.н. оставки не се оставки, туку мајтапење со остатоците на правната држава“, напиша Грчева на социјалните мрежи.
Оставките на министрите од ДУИ ги коментира и професорката Билјана Ванковска.
„Поднеле оставки – на кукуво лето! Притоа центарот на нивната моќ не лежи во министерските кабинети. Тоа и на врапчињата им е јасно“, напиша Ванковска.
Поранешниот министер за финансии и политички аналитичар, Џевдет Хајредини, за потегот на ДУИ напиша: „Детски игри, на кои никој, освен Ковачевски, не им верува“.
„Министрите на ДУИ потпишале оставки, кои ќе важат ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени. Дотогаш ќе може фудбал и кошарка да играат во канцеларијата на координаторот, каде што, според Ковачевски, може да прават сè што сакаат. Детски игри, на кои никој, освен Ковачевски, не им верува“, вели Хајредини.
По повод најавените оставки се огласија и некои од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. На социјалните мрежи тие порачаа: „Наместо оставки, спремајте си одбрани“ и жестоко ја критикуваа партијата по ваквиот чекор, дури и порачувајќи им дека ќе играат фудбал во „Идризово“ – коментар што се надоврзува на случајот пред неколку месеци кога министрите на ДУИ беа фотографирани додека спортуваат во кабинетот на Груби.
Реакциите следуваа откако претходно, во текот на вчерашниот ден, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, објави дека министрите од оваа партија ги доставиле своите оставки до премиерот Димитар Ковачевски, но ќе важат од моментот кога уставните измени ќе поминат во Собранието.
Ахмети образложи дека земјата е во критична фаза од европската иднина, а големите одлуки бараат политичка, национална и државна одговорност и жртви откако ВМРО-ДПМНЕ пред два месеца постави неколку услови за да гласаат за уставните измени, меѓу кои и ДУИ да излезе од Владата.
Потоа се огласи и првиот вицепремиер, Артан Груби, кој во интервју за косовски медиум рече дека во ДУИ се подготвени да се откажат и од привремената влада со премиер Албанец за иднината на државата.
Владејачкиот СДСМ излезе со став дека со оставките се исполнети сите услови на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, па сега тој е на потег и одговорноста е кај него.
„Ставајќи го државниот пред партискиот интерес, СДСМ и ДУИ покажуваат одговорност кон врвната стратешка цел, а тоа е европската иднина на земјата и сите наши граѓани“, изјави портпаролката Богданка Кузеска.

Оставките ги коментира и партијата Демократски сојуз на Павле Трајанов нарекувајќи ги класичен блеф на ДУИ.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ја повика ДУИ, но и функционерите од СДСМ, да си поднесат неотповикливи оставки, а партискиот портпарол Наум Стоилковски рече дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен и уставни измени со вакви фолирања нема да има.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

