Македонија
СДСМ за рудниците: нема да се отворат, ако граѓаните тоа не го сакаат, без разлика дали ќе треба да се плаќаат пенали или не
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/ilovica-euromaks.jpg)
СДСМ како одговорна, државотворна партија заедно со граѓаните продолжува да се бори против рудниците во општина Босилово и Ново Село, велат од партијата на власт.
Додаваат дека концесиите за овие и за уште осумдесетина рудници се дадени од страна на ДПМНЕ во 2012 година, потврдени и одобрени од сегашни и поранешни високи функционери од Белата палата.
„Заштитувајќи го интересот на граѓаните во овие општини и во целиот Струмички регион, СДСМ донесе одлука со која е укинато спојувањето на концесиите за рудниците за бакар и злато во Иловица. Владата предводена од СДСМ уште на почетокот на својот мандат презема мерки за да нема рудници на смртта во Македонија и носи Одлука за еднострано раскинување на Договорот за концесија.
Само поради одлучноста на СДСМ, денес рудниците се уште не се отворени и нема да се отворат, ако граѓаните тоа не го сакаат, без разлика дали ќе треба да се плаќаат пенали или не“, се истакнува во нивното соопштение.
Оценуваат дека ДПМНЕ со својата неодговорност, неспособност и алчност, ја втурна државата во судски лавиринти во кои се уште е заглавена.
За разлика од нив, како што истакнуваат, СДСМ продолжува да ги штити интересите на граѓаните, продолжува со заштита на здравата животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Мисајловски се сретна со амбасадорката на Украина: Нашата безрезервна поддршка за Украина уште еднаш ќе ја потврдиме на Самитот на НАТО
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/misajlovski-larisa-dir-3.jpg)
Нашата безрезервна поддршка за Украина и украинските граѓани уште еднаш ќе ја потврдиме на Самитот на НАТО. Целосна поддршка за одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и украинскиот народ, порача министерот Владо Мисајловски на денешната средба со амбасадорката на Украина, Н.Е. Лариса Дир и одбранбеното аташе, полковникот Серхии Кацуба во Министерството за одбрана.
„Покрај политичката поддршка која безрезервно ја имате, ќе вложиме дополнителни напори да помогнеме во вашата борба. Оваа војна мора да запре веднаш и на дипломатски начин да се реши“, истакна министерот Мисајловски.
На средбата министерот Мисајловски потенцира дека ќе се заложи за интензивирање на соработката помеѓу двете министерства за одбрана, зајакнување на комуникацијата, а успешната соработката со амбасадата на Украина ќе продолжи да се одвива по нагорна линија.
Амбасадорката Лариса Дир упати благодарност до министерот Мисајловски, Армијата и граѓаните за сета досегашна помош и поддршка која нашата земја и ја даде на Украина и украинскиот народ.
Македонија
Таравари ќе бара мораториум за одредени специјализации за да се стимулираат онколози и патолози за кои има недостиг
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/taravari-onkologija.jpg)
Новиот министер за здравство, Арбен Таравари, заедно со директорот на Клиниката за онкологија, Игор Стојковски, и вработените ќе подготват специјален извештај за недостигот од кадар на Клиниката, кој ќе биде разгледан и на седница на Владата. Министерот и директорот денес известија дека недостигаат медицински сестри, техничари, радиолози, физичари и лекари.
„Во следниот период јас како министер за здравство ќе инсистирам да се дозволат вработувања, да не ги преоптоваруваме вработените. И така цела Македонија гравитира само тука. Се работи за 100 лежечки пациенти и 50 што се водат амбулантски. Ни преостанува идната недела да имаме конкретни барања од Клиниката и потоа заедно со директорот и со министерката за финансии да побараме, да вршиме притисок, по секоја цена да ѝ дадеме приоритет на Онкологија за да може нормално да функционира. Ваквото функционирање и за пациентите е тешко, меѓутоа, реално, за медицинскиот кадар е претешко“, рече министерот Таравари и нагласи дека ќе инсистира најбргу што може да се активираат амбулантите во Тетово и во „8 Септември“, каде што, исто како и на Онкологија, има недостиг од кадар.
Министерот веќе се информирал дека во земјата има доволно стручен кадар, кој може веднаш да се активира иако ќе поминат месеци, па и години, додека тие почнат да функционираат како што се очекува.
„Јас в понеделник ќе се видам и со деканот на Медицинскиот факултет, мислам дека ни треба стратегија за специјализации, особено за онколози. Добив информација дека не се повеќе од 50 онколози во целата држава, што е премала бројка за Македонија, а исто така и патолози. Од тука одам на Институтот за патологија да видам и таму како стојат работите, па заедно со деканот да организираме мораториум за одредени специјализации и да им дадеме предност и да ги мотивираме докторите што повеќе да специјализираат и онкологија и патологија“, рече министерот Таравари по посетата на Онкологија.
Заедно со министерот во посета на Онкологија денес беше и новиот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Тој вели дека не е случајност што се појавува заедно со министерот на Клиниката за онкологија и најави дека заеднички ќе дадат максимален напор јавните политики, што ги претставува министерот, и финансирањето, кое тој го контролира, да бидат усогласени, особено пред претстојниот ребаланс на државниот буџет.
Скопје
Изградба на атлетска патека во општина Илинден
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/atletska-pateka-2.jpg)
Општина Илинден отпочна со изградба на атлетска патека и трибина на веќе изграденото мултифункционално игралиште во близина на средното училиште во Илинден. Со завршување на градежните работи овој спортски комплекс ќе добие сосема нов лик кој веќе го носи името на прерано загинатиот бранител Драго Маневски.
Атлетската патека ќе биде со 4 патеки во вкупна должина од 200 метри, на којa ќе биде поставена најсовремена тартан подлога, ќе се гради бетонска трибина на која ќе бидат поставени 175 седишта, како и ограда околу трибината, извести општината Илинден.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски денеска направи увид на градежните работи и истакна дека работите се одвиваат според предвидената динамика. Тој додаде дека Општината е голем поддржувач на спортистите, а доказ за тоа се големиот број спортски натпревари, но и инвестициите кои ги прави Општината за создавање на соодветни, модерни спортски терени за нашите спортисти.
Спортски комплекс со атлетска патека за прв пат се гради во Општина Илинден, а по завршување на изградбата спортистите односно атлетичарите од Општина Илинден ќе имаат одлични услови за вежбање со цел остварување на големи успеси. Оваа атлетска патека ќе можат да ја користат и најмладите кои имаат афинитети кон атлетиката, но и оние посериозните, сениорите кои веќе се докажани и ќе ги развинаат своите атлетски способности за уште поголеми резултати, како во Македонија така и на странство, соопшти општината.
Досегашната пракса на инвестирање и создавање на услови за спортување, постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, додаваат од општината.