Култура
„Флипбук“ во знак на 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов

Фестивалот за Европски авторски анимиран филм Flipbook Film Festival 2023 ќе се одржи од 10 до 13 август 2023 година, во летното кино на Кинотеката на С. Македонија. Оваа година фестивалот е во знакот на чествувањето на 100 годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов и е под покровителство на претседателот на С. Македонија. Фестивалот ќе биде отворен со премиерата на омнибус четири анимирани филмови инспирирани од творештвото на Шопов, во режија на Иван Ивановски, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Жарко Иванов.
Во другите три вечери ќе бидат прикажани близу 100 филмови во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм. Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 14 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година: „Oneluv“ на руската авторка Варја Јаковлева, овогодинешниот победник на Анимафест, номинираниот за Оскар „Трговци со мраз“ на португалецот Жоао Гонзалез, и македонскиот анимиран филм „Безбојно огледало“ на Бесар Илјази. Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 19 филмови од хрватската, британската, унгарската, белгиската школа и два македонски филмови, „Нонсенс“ на Ангела Грозданов, дипломски филм направен на катедрата за анимација на Еуропа Прима во Скопје и „Chill Stacy, chill“, филм на Тамара Таскова направен на нејзините филмски студии во Словенија.
Голем интерес на досегашните изданија на фестивалот предизвика натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, а меѓу десетте наслови, ќе бидат прикажани наградуваните „Сексуалниот живот на баба ми“ на Уршка Ѓукиќ, „Артефакти за тебе, артефакти за мене“ на Белгиецот Брехт де Кок, францускиот „Box Cutters“ на Наоми Ван Ниекерк. Во селекција на анимирани музички спотови, ќе бидат прикажани вкупно 19 анимирани видеа меѓу кои и два македонски, на Андреј Марјановиќ и Никола Радуловиќ.
За наградите од главната селекција и селекцијата на музички видеа ќе одлучуваат Надја Андрашев од Унгарија, продуцентка и режисерка на повеќе наградувани анимирани филмови, Марко Дјешка од Хрватска, наградуван режисер и стрип автор и основач на познатото студио за анимација Адријатик и Гоце Цветновски, македонски автор на анимирани и играни филмови. За наградите од селекцијата на анимирани документарци и студентската селекција, ќе одлучуваат Михал Бобровски од Полска, професор и теоретичар на филм, автор и приредувач на неколку значајни книги од областа филмот, Арба Хаташи од Косово, директор на фестивалот за анимиран филм Анибар и Наташа Андонова, македонска аниматорка, сликарка, илустраторка и филмски и театарска костимографка.
За време на фестивалот ќе бидат претставени изложби на цртежи и колажи од анимирани филмови и флип-бук тетратки изработени од учениците во средното-уметничко училиште Лазар Личеноски.
Влезот на проекциите и на сите останати настани поврзани со фестивалот е бесплатен.
Четвртото издание на Флипбук Филм Фестивал е поддржано од Агенцијата за филм, Министерството за култура, Еко Свест и Кинотеката на С. Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Денови на словенечки филм од 9 до 11 октомври во Кинотеката

Од 9 до 11 октомври 2025 година, македонската публика ќе има можност да ги погледне три понови словенечки филмови на Деновите на словенечки филм во Кинотека.
Фестивалот ќе биде отворен во четврток, на 9 октомври, со долгометражниот филм „Спасение за почетници“ (2024), во режија и сценарио на Соња Просенц. Филмот на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања, во реимагинација на „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини: во привидно совршено словенечко „nouveau riche“ семејство влегува Жулиен, син од претходен брак, чија присутност го нарушува кревкиот семеен баланс и ги открива пукнатините под внимателно негуваната фасада.
„Филмот започнува како општествена сатира, преку која ги истражуваме современите проблеми, но како што се откриваат слоевите, приказната преминува во истражување на човечката состојба,“ вели Соња Просенц.
Во главните улоги настапуваат: Марко Мандиќ, Катарина Стегнар, Алиоша Шнајдер, Мила Безјак, Јудита Франковиќ Брдар и Јуре Хенигман.
Соња Просенц со својот дебитантски филм „Дрвото“ (2014) гостуваше на повеќе од 50 филмски фестивали низ светот. Нејзиниот втор долгометражен филм „Историја на љубовта“ (2018) доби специјално признание од жирито во Карлови Вари, со што таа стана првата словенечка режисерка наградена во главната програма на фестивал од А категорија. „Спасение за почетници“ имаше светска премиера на фестивалот во Трајбека.
Филмот е копродукција меѓу Словенија, Италија, Норвешка и Србија, а е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Виба филм и РТВ Словенија. Продуцент е MonoO.
Во петок, 10 октомври, ќе биде прикажан младинскиот хит „Игралиштето не го даваме!“ (2024), во режија на Клемен Дворник.
Ова акциско-авантуристичко дело ја следи група млади скејтери кои се борат да го спасат своето маалско игралиште. Кога 12-годишната Алма дознава дека фирмата на нејзиниот татко ќе го урне игралиштето, таа мора да се здружи со својата најголема ривалка и нејзината екипа за да го одбранат просторот. Тие имаат само една недела.
„Со филмот сакам да им ја приближам на децата убавината на играта на отворено и дружбата со врсници, и да им пратам порака дека никогаш не треба да се откажуваат – заедно можеме да направиме промени и да градиме подобра иднина,“ вели режисерот.
Во филмот настапуваат млади актери: Каја Забрет, Каја Шуштар, Нико Лемарк, Јури Фридерих, Давид Тронтељ, Марк Џејкоб Каваца, и професионални актери како Марко Мандиќ, Грегор Зорц, Сања Павчек, Аленка Крајгер и други.
Филмот е создаден во продукција на A Atalanta, во копродукција меѓу Словенија, Србија, Хрватска и Чешка, со поддршка од РТВ Словенија.
Клемен Дворник е активен во аудиовизуелната индустрија и работел на реклами, видеа, настани, телевизиски серии и филмови. Тој е познат и по популарната словенечка серија „Језеро“ (2019), премиерно прикажана на фестивалот во Сараево. За своето дело е добитник на повеќе награди.
„Игралиштето не го даваме!“ имаше премиера на фестивалот во Локарно и освои 12 награди, вклучувајќи ја и Златната ролна во Словенија, бидејќи филмот го гледале над 25.000 гледачи.
Завршната вечер, сабота, 11 октомври, е резервирана за најновиот документарен филм „Планината не оди никаде“ (2025), во режија на Петра Селишкар. Филмот премиерно беше прикажан во август во Скопје, на фестивалот Македокс, токму во периодот коха и се прикажуваше и во словенечките кина. Досега има освоено две меѓународни награди.
Далеку во македонските планини, меѓу стадо од 600 овци чувани од големи кучиња, се наоѓа засолниште. Таму одекнува детски смеа. Тоа се браќа, на возраст од осум до дваесет години. Слободното време го минуваат во игра и разговори за животот. Каква иднина ги чека?
„Децата живеат во импровизирани колиби со овците и кучињата, во селото се враќаат можеби пет пати годишно. Тие се едноставни луѓе на земјата – не се водени од пари, туку живеат полнокрвно и во хармонија со сите. Тоа е затоа што отсекогаш го знаеле само тој начин на живот – го наследиле од генерации овчари пред нив. Толку чисти и искрени души се ретки,“ вели Селишкар.
Петра Селишкар е режисерка, сценаристка и продуцентка. Во 2003 година ја основа продукциската куќа Petra Pan Film, специјализирана за креативни документарци. Таа ги режираше и филмовите: „Бабите на револуцијата“ (2006), „Мама Европа“ (2013), „Мојот наопаку свет“ (2016) и „Телото“ (2023).
„Планината не оди никаде“ имаше светска премиера на фестивалот Visions du Réel во швајцарскиот град Нијон. Филмот е копродукција меѓу Словенија, Франција и Македонија.
Култура
Музичка драма што остава без здив – „Риголето“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и балет

На 10 октомври со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе една од најубавите музички драми во оперската литература „Риголето“ од Џузепе Верди. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, режисер е Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, костимографијата на Кристина Ачети (Италија), а кореограф е Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Насловната улога (Риголето) ќе ја толкува гостинот од Јужна Кореја, Леон Ким, во улогата на Џилда ќе настапи, Биљана Јосифов, во улогата на Војводата од Мантова, Чуан Ванг од Кина, во улогата на Спарафучил, Владимир Саздовски, во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Риголето“ е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и „La Donna è mobile”, и на воопшто, убавата мелодиска структура.
Култура
„Кругови“ – Концерт на пијанистката Дуња Иванова

На 8 октомври (среда) во Културно-информативниот центар со почеток во 20 часот, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи концерт со наслов „Кругови“. Централен дел од програмата на концертот се четирите пиеси со истоимен наслов, чиј автор е пијанистот и композиторот Дино Имери. Иванова премиерно ќе ги изведе неговите: „Ни ваму ни таму“, „Валцерот на Миро“, „Мајка“ и „Дрво“.
На програмата ќе бидат изведени и дела од македонскиот композитор и аранжер Давор Јордановски („Violet et noir“ и „Alma“), како и дела од современата полска композиторка Ханија Рани („Buka“, „Eden“ и „Silent Night“).
Дуња Иванова е пијанистка со богата концертна дејност, доктор по филозофија со специјализација во естетика на музиката. Зад себе има бројни настапи како солист и со камерни состави на реномирани сцени во Македонија, Европа и Америка каде што публиката ја препознава по чувствителниот музички израз и длабокото разбирање на делата што ги изведува. Соединувајќи ја уметничката и теоретската мисла, таа ја гради својата кариера како интерпретатор, истражувач на музичката убавина, наставник и автор.
Концертот „Кругови“ обединува музика на тројца исклучителни автори кои со својот уникатен музички израз чинат неверојатна приказна.
Ханиа Рани е полска пијанистка и композиторка чија музика ги спојува минимализмот, џезот и современата класика во интимен и искрен израз.
Дино Имери е еден од најистакнатите македонски пијанисти и композитори чија кариера ги опфаќа настапите со најреномираните оркестри и фестивали во Европа и пошироко. Добитник е на повеќе престижни награди и признанија, а неговите интерпретации се одликуваат со извонредна техника, суптилна музичка мисла и силна комуникација со публиката. Покрај класичниот репертоар, Имери е активен и како композитор со дела што се изведуваат на меѓународната сцена.
Неговото дело „Кругови“ е инспирирано од истоимениот роман на македонската современа авторка Тина Иванова – четиво кое низ интимен и искрен раскажувачки тон ги отвора прашањата за повторувањата и пресвртот во животот, за круговите што нè враќаат кон себеси, но и нè водат кон нови патеки на разбирање.
Давор Јордановски, македонско-канадски композитор и пијанист, е познат по својот креативен пристап кој спојува класични и современи музички јазици, создавајќи дела со моќна емоционална длабочина и универзална привлечност. Композициите „Violet et noir“ и „Alma“ претставуваат најава за наредниот целовечерен концерт на Дуња Иванова на кој ќе биде изведен циклусот „10 пурпурни ноктурна за пијано“ на Јордановски.
Влезот е слободен.