Македонија
(Видео) Каевски: ДПМНЕ да даде поддршка на манифестот за преговорите со ЕУ

„СДСМ и пратеничката група целосно застануваат зад манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ. Манифестот е добра основа за градење единство и со него се дефинираат рамки и позиции по кои сите надлежни институции мора да постапуваат во процесот на преговори“, рече Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
„Овој манифест е во рамките на црвените линии и заклучоците по европскиот предлог што ги усвои парламентарното мнозинство овде во Собранието и со него сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните.
Во овој документ јасно е наведено дека политичките партии во Собранието, без разлика од составот на владејачкото мнозинство, се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно со цел најшироката јавност да биде во можност да го изрази своето мислење по однос на условите за членство во Европската Унија.
Сега е потребно обединување за овој манифест, со кој сите заеднички ќе се обврземе за ефикасно водење на преговорите за пристапување во ЕУ“, рече портпаролот на СДСМ.
„Очекуваме и други политички партии, а пред сѐ, ВМРО-ДПМНЕ, да се приклучат кон овој манифест и со тоа на дело да покаже и докаже дека навистина е за ЕУ.
Можностите за Христијан Мицкоски да се приклучи на европскиот блок стануваат се поретки и ако тој не ј искористи оваа шанса ќе покаже дека сето она што го говори за европската иднина е само обично блефирање пред јавноста.
Откога уставните измени се јавно објавени и откога никој, вклучително и ДПМНЕ, не е против нивната содржина, време е за глас за Европа во македонското Собрание.
Ајде заедно да го усвоиме овој манифест, да дадеме поддршка на уставните измени и да ја обезбедиме европската иднина на нашата држава“, изјави Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДОМ: Катастрофално однесување на владејачката коалиција во услови на екстремен топлотен бран, Владата ги заборави работниците

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро реагира на „катастрофалното однесување на владејачката коалиција во услови на екстремен топлотен бран“. ДОМ ги предупредува институциите дека „не може веќе да се прикриваат зад општи соопштенија од Министерството за здравство без конкретни и обврзувачки мерки. Оваа неодговорност става во животна опасност илјадници граѓани и работници ширум државата“.
„Секој ден следиме како Министерството за здравство објавува препораки без рокови и обврски за нивно спроведување, додека Владата не излегува со ниту една одлука што ќе го гарантира правото на безбедна и здравствено прифатлива работа при температури од над 40°C. Ова фијаско мора да престане – не е доволно да се советува „пијте повеќе вода“ додека луѓето колабираат од топлотен удар.
Особено алармантна е судбината на работниците на отворено: градежните работници, земјоделците, лицата што работат на патарините, пазарџиите. Тие се оставени сами на себе без обврзувачки паузи, без обезбедена вода и без заштитна опрема. Ниту Трудовиот инспекторат нема јасни упатства, а инспекторите не смеат да казнуваат без конкретни законски рамки. Ова е срамота за правната држава“, велат од ДОМ.
„Не помалку загрижувачка е ситуацијата на вработените во просториите без клима или инфраструктурните објекти кои го „игнорираат“ топлото време: работниците во магацини, хигиеничарите, вработените во угостителските објекти. Тие работат во неиздржливи услови на загреани простории каде температурите често надминуваат 35°C, без никаков законски пропис што ја регулира должината на работното време или задолжена инсталација на вентилатори и тела за ладење.
Зелената партија ДОМ бара итно донесување на национален акциски план за заштита од топлотен стрес: задолжителни дневни прекини при температура над 30°C, обврзувачка инсталација на вентилатори или клима-уреди во јавни и деловни објекти без ладење, редовна дистрибуција на вода и „сенка“ на градилиштата, како и зајакната контрола и казнени мерки за непостапување по овие правила. Ако Владата не делува веднаш, ДОМ нема да остане мирен набљудувач, туку ќе бара одговорност на сите нивоа“, се наведува во сооптението на ДОМ.
Македонија
На Табановце времето на чекање за влез во државата е 15-ина минути

Поради пожар во Националниот парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори. се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е 15-ина минути, на другите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Кисела Вода и Карпош

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 07.30 до 15.00 часот дел од корисниците на улицата Христо Татарчев, потег од резиденција на Чешка амбасада до маркет „Давидов“, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од потрошувачите на улица Козле 2 и улица Козле, општина Карпош.