Македонија
Европска комисија со позитивни оцени за новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители

Европската комисија даде позитивни оцени во скрининг Извештајот за новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители, што неодамна беше усвоен во Собранието, информираат денеска од Министерството за правда.
– Ова е големо признание од меѓународната заедница што го мониторира напредокот на Република Северна Македонија. Законските измени беа иницирани од страна на министерот за правда Кренар Лога, а поддржани од пратениците од владејачкото мнозинство, откако претходно беа блокирани во Собранието. Академијата за судии и јавни обвинители останува да биде светла точка во реформскиот процес на правосудниот систем, констатираше ЕК во скрининг Извештајот за Кластер 1 „Фундаментални вредности“, се наведува во соопштението на Министерството.
Со измените, како што се посочува во соопштението, се овозможува стекнување на унифицирано уверение за завршена почетна обука за судија и јавен обвинител. Европската комисија смета дека ова претставува голема придобивка во подигање на квалитетот на селекција на најдобрите, кои се пријавени на огласите за прием во почетната обука на Академијата.
– Законот предвидува и воедначување на судската пракса преку зголемен обем на обуки на судиите во рамките на Академијата за судии и јавни обвинители, како и редефинирање на начин на полагање на приемниот и завршниот испит, врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на знаењата на кандидатите, пишува во соопштението.
Од Министерството за правда нагласуваат дека и во наредниот период ќе бидат максимално посветено на реформите во правосудството, владеење на правото, со цел исполнување на условите за членство во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Карпалак е обврска да изградиме држава во која нема да има место за омраза и поделби

Слава за хероите од Карпалак. Нивното дело и пожртвуваност се памети, нивната храброст и одлучност се почитува, напиша на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски по повод годишнината од загинувањето на македонските бранители кај Карпалак во конфликот од 2001 година.
„Нека нивната жртва биде аманет за идните генерации, дека слободата, мирот и достоинството се свети“, додава Мицкоски во напишаното.
Карпалак како што вели, го паметиме како наша обврска, да изградиме држава во која нема да има место за омраза, за поделби, за неправди, и каде слободата на нашата татковина е неприкосновена.
„Македонија никогаш нема да ве заборави! Карпалак е рана, но и аманет“.
Македонија
Обидите на „Вреди“ да клеветат не се ништо друго, освен политичка злонамерност и завист, велат од ДУИ

Министерскиот состанок на ОБСЕ во 2023 година беше најголемиот и најзначајниот меѓународен настан организиран досега во Северна Македонија, настан кој собра министри за надворешни работи и делегации од целиот ОБСЕ простор, ставајќи ја нашата земја во центарот на светската дипломатија цели три дена, реагираат од ДУИ откако денеска „Вреди“ кажаа дека Бујар Османи и во МНР спроведувал сомнителни криминални тендери.
Настанот, велат од ДУИ, беше пофален од сите партнери и меѓународни институции, опишан како совршено организиран и момент што ги направи горди сите граѓани.
Според партијата на Ахмети, сите надлежни државни институции, вклучувајќи ги и тие за надзор ја потврдија неговата законитост, транспарентност и примерна реализација.
„Обидите на „Вреди“ да клеветат не се ништо друго освен политичка злонамерност и завист.
Ниту еден извештај не утврдил незаконитост. Ниту една постапка не е прекршена. Ниту еден договор не е нелегален.
Вистината е едноставна: Северна Македонија ја пречека светската дипломатија и реализираше настан кој ќе остане запаметен како дипломатски и организациски триумф. Овој успех им припаѓа на граѓаните, на институциите и на секој што работеше со посветеност за да го прикаже најдоброто од нашата земја.
Разбираме дека за оние кои никогаш немаат организирано ништо со меѓународна вредност е полесно да шират клевети отколку да ја прифатат реалноста.
Но фактите остануваат факти и ниеден политички шум не може да избрише една национална приказна за успех“.
Кампањата на клевети на „Вреди“ за ДУИ, не е напад само врз една личност туку тоа е навреда за секој службеник, волонтер и граѓанин кој придонесе како што велат, Министерскиот состанок на ОБСЕ да биде извор на гордост за Северна Македонија.
Македонија
На Табановце се чека 20-ина минути

Од 9.45 часот сообраќајот на автопатот Тетово – Скопје е нормализиран, инфмормираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е 20-ина минути, на другите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.