Свет
Бројот на загинати надмина 50, околу илјада исчезнати по пожарот на Хаваи

Бројот на загинати во шумскиот пожар што го претвори туристичкиот град Лахаина на хавајскиот остров Мауи во урнатини се искачи на 53, соопшти округот Мауи. Бројот на лица кои се сметаат за исчезнати се проценува на околу 1.000.
Проценуваат дека бројот на загинати ќе се зголемува.
„Додека продолжуваат напорите за гаснење пожари, денеска се потврдени 17 дополнителни смртни случаи поради активниот шумски пожар во Лахаина, со што бројот на загинати се искачи на 53“, се вели во соопштението на округот Мауи.
Најмалку три големи пожари избувнаа во вторникот вечерта на Мауи, отсекувајќи ја западната страна на островот и градот Лахаина, каде што беа уништени или оштетени најмалку 271 градба.
Пожарите направија пепел цели населби на западната страна на американскиот остров. Лахаина е една од главните атракции на Мауи, која секоја година привлекува два милиони туристи на островот, или околу 80 отсто од посетителите.
Шумските пожари ги изненадија повеќето жители на Лахаина и посетителите кога избувнаа, принудувајќи некои да скокнат во океанот за да избегаат од „пеколот“ што брзо се ширел.
Покрај загинатите, многу луѓе се здобија со изгореници, вдишале чад или имаат други повреди. Продолжуваат напорите за пребарување и спасување, а илјадници луѓе ја напуштија областа.
Пожарите се најголемата катастрофа што ги погоди Хаваите од 1960 година, една година откако стана американска држава, кога цунами уби 61 лице.
Американскиот претседател Џо Бајден одобри прогласување катастрофа на Хаваите, дозволувајќи им на погодените поединци и сопственици на бизниси да аплицираат за федерална помош за домување и економско закрепнување.
Причината за шумските пожари во Мауи допрва треба да се утврди, соопштија официјални лица, но Националната метеоролошка служба соопшти дека тие биле поттикнати од сувата вегетација, силните ветрови и ниската влажност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп до Путин: Владимир, можеш да ми се јавиш во секое време

Рускиот претседател Владимир Путин и актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска телефонски разговараа и за иднината на американско-руските односи, а Кремљ соопшти дека и двајцата изразиле подготвеност за лична средба. Тема на разговор била новата размена на затвореници меѓу двете земји.
Како што јави Ројтерс, советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, рече дека двајцата претседатели „детално разговарале за иднината на односите меѓу САД и Русија“, и дека Трамп, според него, „многу емотивно зборувал“ за можностите за соработка.
„Тој особено нагласи дека изгледите за билатерални односи по решавањето на украинскиот конфликт изгледаат импресивни и дека ја гледа Русија како еден од најважните американски партнери во однос на трговијата и економијата“, рече Ушаков.
Тој додаде дека двете страни во моментов работат на договор за нова размена на затвореници, во која би биле вклучени девет лица од двете страни, но не прецизираше кога би можела да се случи размената.
Ушаков потврди дека Трамп и Путин изразиле желба за лична средба и дека нивните тимови ќе почнат со подготовки за евентуална средба, иако местото се уште не е договорено.
На прашањето дали се зборува за укинување на американските санкции, Ушаков одговори: „Трамп спомна дека во Сенатот е готов нацрт-закон за нови санкции, но додаде дека тој лично не е поддржувач на санкции, туку на договор.
Советникот на Кремљ, исто така, го истакна пријателскиот тон на разговорот, велејќи дека Путин и Трамп си се обраќале со нивните имиња, а Путин му честитал на Трамп за раѓањето на внукот.
Според Ушаков, Трамп рекол: „Владимир, можеш да ми се јавиш во секое време. Ќе ми биде драго да одговорам и да разговараме“.
Свет
Фон дер Лајен: Трамп не’ информираше за разговорот со Путин

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека таа и другите лидери на ЕУ, како и украинскиот претседател Володимир Зеленски, добиле извештај од американскиот претседател Доналд Трамп по неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за неговите неуморни напори за постигнување прекин на огнот во Украина. Важно е САД да останат ангажирани. Ќе продолжиме да го поддржуваме Володимир Зеленски за постигнување траен мир во Украина“, рече фон дер Лајен.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека двочасовниот разговор со рускиот претседател Владимир Путин поминал многу добро и дека Москва и Киев веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот и завршување на војната.
Рускиот претседател Путин изјави дека напорите за ставање крај на војната во Украина се на добар пат и дека Москва е подготвена да соработува со Украина за меморандум за идниот мировен договор.
Свет
Зеленски: Размислуваме за средба на лидерите на Украина, Русија, САД, ЕУ и Велика Британија

Володимир Зеленски изјави дека Киев и неговите партнери ја разгледуваат можноста за одржување средба на лидерите на Украина, Русија, Соединетите Американски Држави, земјите од Европската унија и Велика Британија како дел од напорите да се стави крај на руската војна против Украина.
Говорејќи пред новинарите во Киев, откако двапати телефонски разговараше со Доналд Трамп, украинскиот претседател рече дека се надева дека средбата може да се одржи што е можно поскоро, а како можни домаќини се споменуваат Турција, Ватикан или Швајцарија.
Володимир Зеленски го повикал Доналд Трамп да ги зголеми санкциите кон Русија доколку таа не се согласи на прекин на огнот, а тоа било непосредно пред американскиот претседател да разговара со Владимир Путин.
Според некои информации, Зеленски разговарал со Трамп приближно 15 минути пред неговиот повик до Путин што траеше околу два часа.