Македонија
(Видео) Со знамето на т.н. „голема Албанија“ се занимава полицијата која ги бара сторителите, додека Касами молчи и не се извинува
Полицијата започна со проверка кој го вееше знамето со т.н. „голема Албанија“ во Тетово, на настанот организиран од Општина Тетово и градоначалникот Билал Касами. Од МВР за „Макфакс“ велат дека веќе се работи на проверките. Касами се уште не одговара на нашите прашања поврзани со знамето кое тој самиот го промовираше преку видеа и фотографии.
„Во врска со случајот за кој прашувате, СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот“, велат од МВР за „Макфакс“.
„Макфакс“ објави дека знамето со картата од т.н. „голема Албанија“ се вееше во Тетово на вчерашниот собир во центарот на градот. Ова се гледа од фотографијата која на социјалните мрежи ја сподели градоначалникот на Тетово, Билал Касами. Тој во првите редови со Иџет Меџити и Африм Гаши, а до нив, Албин Курти. Околу нив и десетици албански знамиња.
Организатор на настанот беше Касами. „Макфакс“ побара одговори зошто дозволил да се вее етничкиот симбол каде дел од териториите на Македонија, Црна Гора, Србија и Грција се преставени како дел од т.н. „голема Албанија“. Тој и натаму молчи. Нема одговор и на прашањата дали ќе им се извини на Македонците и другите народи за овој чин, но и дали ќе бара санкционирање на лицата кои го вееле.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

