Топ
МВР за несреќата кај Ранковце: Загинатиот има 21 година, на иста возраст се и тројцата тешко повредени

21-годишник загина во тешката сообраќајка што се случи во 1 часот и 28 минути по полноќ, на магистралниот пат Крива Паланка-Ранковце, извести МВР.
– Во 01.28 часот по полноќ во ОВР Крива Паланка било пријавено дека на магистралниот пат Крива Паланка-Ранковце, во село Љубинци, 21-годишниот И.М. од Крива Паланка, управувајќи патничко моторно возило „ауди” со кривопаланечки регистарски ознаки, изгубил контрола и со возилото удрил во банкина на патот, информира Министерството за внатрешни работи.
Како што се наведува во соопштението, од здобиените повреди, возачот И.М. починал на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.
Додека, сопатниците 21-годишниот Ј.С., 22-годишниот Х.С. и 21-годишниот М.С., сите од Крива Паланка, се здобиле со повреди констатирани во Општа болница Куманово.
Увид на место на настанот извршила екипа од ОВР Крива Паланка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.
Македонија
(Фото) Реализирано првото гаѓање со новата артилериска опрема ,,Боран’’ на АП Криволак

Денеска министерот за одбрана, Владо Мисајловски присуствуваше на армискиот полигон „Криволак“ каде беше извршено првото артилериското гаѓање со новите системи „Боран“, кои се дел од процесот на модернизацијата и опремување на македонската Армија, а беше презентирана и новата набавка на воено-теренска униформа за армиските припадници.
На активноста на која што присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал мајор Сашко Лафчиски, амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој и останати високи претставници од Армијата и министерството, министерот Мисајловски истакна дека денешното прво гаѓање и ставање во употреба на овие артилериски орудија значи и зајакнување на борбената готовност на Армијата.
Министерот Мисајловски во рамки на денешната активност дополнително информираше: „набавени се околу 4.000 комплети за воено-теренска униформа, од заедничкиот билатерален договор што го имаме потпишано со Турција, кој преку 2,5 милиони долари директно ќе бидат дадени за Министерството за одбрана, односно директно за Армијата“. Тој уште еднаш упати благодарност за поддршката на сојузничката поддршка од Турција и нагласи дека во тек се и други набавки кои се дел од Договорот за воено-финансиска соработка со Турција.
Хаубиците „Боран 105 мм“ се дел од декларираната батерија на Артилерискиот баталјон која е составен дел од Лесната пешадиска баталјонска група. Набавката на ова средство со кое се исполнува НАТО целта за опрема и муниција за индиректна огнена поддршка, претставува важен чекор во реализацијата на исполнувањето на обврските од пакетот на НАТО цели на способности утврдени во 2021 година и потврдени со новиот пакет за 2025 година.
Македонија
Нова истрага за злоупотреби во РЕК Битола против осум физички и едно правно лице

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Со предистражните дејствија кои по наредба на јавниот обвинител ги преземаше Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци, се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Сите тие не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола. Притоа, свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, иако знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот Живојно до местото за дробење и до ПК Брод-Гнеотино, не е предвидена метода со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти), туку метода на дисконтинуирана технологија (булдожери, багери и камиони).
При дефинирањето на условите за јавната набавка тие ги повредиле начелата на сразмерност и конкурентност и овозможиле на една фирма, односно на осомниченото правно лице, да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка, односно да се стекне со противправна имотна корист од големи размери.
Тројца од горенаведените раководители и директори во ПЕ Рудници и уште едно службено лице во РЕК Битола се осомничени и за продолжено кривично дело – Измама во службата, бидејќи при реализацијата на договорот, иако знаеле и биле свесни дека правното лице воопшто не ги извршило договорните обврски, потпишувале записници и извештаи за извршена работа, со кои потврдиле дека во периодот од 26.02.2024 до 17.07.2024 година комплетно е извршена демонтажа, транспорт и монтажа на погонските станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола.
Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство според член 275в од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска ќе достави предлог за определување мерка притвор за 2 лица, односно за сопственикот на фирмата и за еден раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола. За две раководни службени лица од ПЕ Рудници и за вработениот во компанијата ќе бидат предложени мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и повремено јавување во Судот. Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент.