Македонија
Мало недоразбирање, вели косовската претседателка Османи за знамето на „голема Албанија“ во Тетово
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека посетата на премиерот Албин Курти во Македонија била погрешно разбрана, додавајќи дека истакнувањето на знамето на „голема Албанија“ во Тетово не било организирано, туку граѓаните го донеле самоиницијативно. , пренесува „Коха“.
Османи истакна дека Северна Македонија е „еден од најскапоцените соседи на Косово“.
„Тоа е граѓанска иницијатива, а не нешто што е планирано од организаторите. На митинзите никој од организаторите не ја проверува раката на секој граѓанин. Се разбира, доколку институциите на Северна Македонија се сомневаат, нашето единствено барање како Република Косово е се да се направи во согласност со највисоките меѓународни стандарди за заштита на човековите права и немнозинската заедница и секогаш со почитување на државотворната улога што ја одигра албанската заедница во градењето на државата Северна Македонија“, изјави Османи.
Таа посочи дека албанската заедница која живее во Северна Македонија продолжува да придонесува за изградбата на таа земја и дека тоа го знаат институциите.
„Верувам дека тоа е мало недоразбирање. Кога ќе имаме взаемна волја, која секогаш сме ја докажувале, ќе се надмине, знаејќи дека сите косовски институции се заинтересирани само за раст на позитивните односи со Северна Македонија“, рече Османи.
Политичките фактори настапот на Курти го гледаат како националистички, за време на чиј говор, пред илјадници поддржувачи во Тетово, јавно беше истакнато знамето на „голема Албанија“. Скандалот продолжи кога снимките со симболот со територијални претензии ги сподели на социјалните мрежи, тетовскиот градоначалник и лидер на БЕСА, Билал Касами кој беше организатор на настанот, а и го пречека Курти со песна „Добредојдовте во Албанија“.
Реагираше македонскиот претседател Стево Пендаровски кој рече дека „нагласувањето на провокативната националистичка иконографија поттикнува омраза и етничка нетрпеливост и ги нарушува основните вредности на Охридскиот рамковен договор“. Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски реагираше и побара одговорност, но не и Владата. „Макфакс“ побара став од владината прес-служба, кој е заедничкиот став на сите министри кои се дел од Владата. Оттаму, добивме игнорирање и молк.
По лицето што го вееше знамето на „голема Албанија“ полицијата веќе четири дена трага.
Скандалозно беше и тоа што на настаните не беше интонирана државната химна, ниту пак беше поставено државното знаме, за што Министерството за внатрешни работи претходно денес до надлежните Основни судови поднесе барања за поведување на прекршочна постапка против Општина Чаир и Општина Тетово и градоначалниците на овие општини, Висар Ганиу и Билал Касами.
МВР образложи дека не е постапено во согласност со Законот за употреба на грбот, знамето и химната.
Албанските политички лидери кои учествуваа на собирите со косовскиот премиер и покрај осудите и бурните реакции не и’ се извинија на јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

