Македонија
Полицијата четврти ден трага по вејачот на т.н. „голема Албанија“ во Тетово: не се знае дали ќе се бара одговорност од Касами и Ганиу, молк и од Владата
Тетовската полиција четири дена го бара лицето кое го вееше знамето на т.н. „голема Албанија“, Владата два дена не се огради и не побара одговорност, Обвинителството чека да види што ќе сработи МВР.
Дали ќе има одговорност и за организаторите односно градоначалниците на Чаир и Тетово, бидејќи на настаните не беа испочитувани законите и протоколите за пречек на странскиот гостин, косовскиот премиер Албин Курти – засега е неизвесно.
Партиите од албанскиот политички блок, вклучувајќи ги и владејачките ДУИ и Алијанса на Албанците – не се оградија, ниту извинија од чинот кој се толкува и како територијална претензија кон други држави.
„Макфакс“ контактираше со полицијата од каде велат дека работат на расчистување на случајот, односно утврдуваат кое е лицето кое вееше иконографија на т.н. „голема Албанија“. Засега непознато е дали тие добиле насока од тетовскиот обвинител да утврдат и прекршување на законите и протоколите од страна на градоначалниците Билал Касами и Висар Ганиу.
„Во врска со случајот за кој прашувате, СВР Тетово во координација со ОЈО-Тетово преземаат мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот“, велат од МВР.
Обвинителството пак, ќе ги гони Касами и Ганиу за неистакнувањето на македонското знаме и неинтонирањето на македонската химна на настаните со Курти – само ако добие кривична пријава.
„СВР Тетово постапува за расчистување на настанот. Доколку биде доставена кривична пријава до Јавното обвинителство, тоа ќе постапи согласно своите надлежности“, велат од Обвинителството за „Макфакс“.
Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски реагираше и побара одговорност, но не и Владата. „Макфакс“ побара став од владината прес-служба, кој е заедничкиот став на сите министри кои се дел од Владата. Оттаму, добивме игнорирање и молк.
Извинувања за знамето со спорната иконографија нема ниту од Билал Касами, од кого „Макфакс“ побара низа одговори во саботата. Молк и од Висар Ганиу. Единствен став на Касами беше карањето со Владата, но ни збор не кажа и за спотот со песна „Добредојдовте во Албанија“ со која го пречека Албин Курти во Тетово.
Спотот беше објавен скоро четири часа откако „Макфакс“ прв ја објави веста дека знаме со т.н. „голема Албанија“ беше веено во Тетово за време на посетата на Курти, а за што прашања испративме и до Касами. Тој не се извини, ниту даде одговори, туку го сподели видеото.
На настанот не беше интонирана државната химна, ниту имаше македонско знаме. За ова, премиерот Димитар Ковачевски, како и претседателот Пендаровски, кажаа дека е кршење на законите и протоколите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

