Македонија
Официјално заврши изградбата на „Есенинова“ со која се поврзуваат општините Аеродром и Кисела Вода

Завршена изградбата на улицата „Есенинова“, која претставува ново сообраќајно поврзување на општините Аеродром и Кисела Вода. Ова го соопштија од Град Скопје.
Новата улица ги поврзува булеварите „Борис Трајковски“ и „Трета Македонска бригада“ и со истата ќе се намали сообраќајниот метеж кој се создава на крстосницата кај „Тутунски комбинат“.
– Дополнително, изградена е нова водоводна и канализациона мрежа, поставено е улично осветлување и изградени се нови подземни бунарски линиски системи кои се во функција со резервоар, пумпна станица и поврзување со хидрантска мрежа. Паралелно со градежните работи се изведоа заштитни огради и на крстосницата се постави нова светлосна сигнализација и соодветно обележување на хоризонталната сигнализација на коловозите, велат од Град Скопје.
Проектот за пробивање на улицата „Есенинова“ започна во време на претходниот градоначалник. Две години по доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска, улицата сега е официјално завршена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Аеродром од 29 септември почнува голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад

Општина Аеродром од 29 септември почнува голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до средината на ноември.
Како што наведуваат од Општината, во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени големи контејнери во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.
Акцијата ќе почне од населба Мичурин каде што в понеделник и во вторник, 29 и 30 септември, садовите ќе бидат поставени на улица „Анастас Митрев“ зад паркот до трансформаторот и на улица „Венјамин Мачуковски“ до трансформаторот кај Железничка станица. Потоа, в среда и во четврток, 1 и 2 октомври, жителите на Острово, својот кабаст отпад ќе можат да го оставаат на улица „Владимир Комаров“ бр. 9, како и на „Владимир Комаров“ број 16 зад ТЦ „Скопјанка“.
Кабастиот отпад е планирано да се собира речиси до средината на ноември, а жителите за сите локации и датуми можат да се информираат на страницата на општината aerodrom.gov.mk, каде што е објавен планот со точните датуми и локации.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд

Времето денеска претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 21 степени
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²). Потоа во следните два дена времето ќе биде претежно стабилно. Дневната температура во текот на прогнозираниот период ќе биде за 8 до 10 степени пониска во однос на претходниот.