Македонија
Демократскиот сојуз: Пратениците да донесат одлука за распуштање на парламентот
Демократскиот сојуз предлага на утрешната седница пратениците да донесат одлука за распуштање на Собранието, со што ќе се создадат уставни можности во рок од 60 дена да се одржат вонредни парламентарни избори.
„Сосема е извесно дека нема граѓански и политички консензус за промена на Уставот, со која Бугарите ќе станат конститутивен народ во Македонија. Без реципроцитет за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како и без поддршка на преговарачката рамка, од која ќе бидат отстранети билатералните прашања (историски, образовни, јазични итн.) наметнати oд Бугарија и надвор од Копенхашките критериуми, нема и нема да има промена на Уставот. Доколку пратениците водат сметка за автентичните национални и државни интереси, како и за евроинтеграциите, тогаш ќе ја донесат најиздржаната одлука, ќе го распуштат парламентот“, велат од Демократскиот сојуз.
Според нив, без коренити реформи на судскиот систем, владеење на правото и изградба на независен и ефикасен систем за борба против криминалот и високата корупција, како и измена на изборните правила, Македонија нема да може да се интегрира во ЕУ.
„Треба да обезбедиме сплотеност, единство и државничко однесување. Мораме да го послушаме народот и цврсто да застанеме зад неговите и државните интереси“, додаваат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

