Македонија
(Видео) Нема теоретска шанса ова да помине, кажавме не за повторна игра на стапот и морковот, рече Мицкоски за уставните измени
„Нема теоретска шанса да помине“. Ова е последниот став на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ден по првата собраниска седница за уставни измени. Тој кажа дека Македонија сега е и во политичка криза. Според него, нема избор за тоа дали ќе сме со западот, бидејќи тоа е манипулација. По цена на себеодрекување, нема во ЕУ, посочи Мицкоски и додаде: „Не за влегување во повторната игра на стапот и морковот“, осврнувајќи се дека мора да има гаранции дека нема да има нови условувања.
„Од вчера е совршено јасно дека уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има. Нема потклеклување кога е во прашање достоинството на народот и Македонија. Со вчерашната слика завршува една неславна генерација на политичари. Тие се континуитет на една лоша 30 годишна традиција во Македонија, на поединци кои се богатат на грбот на напатениот народ. Ова е целата суштина“, кажа Мицкоски.
Тој смета дека договорот со ЕУ е лош, а е прифатен само од власта.
„Овие луѓе се лоши и за меѓународната заедница. Се што ветија не можат да исполнат, а не можат бидејќи целта не беше иднината на граѓаните. Османи се грижеше за Албанија, а Ковачевски и Пендаровски како да останат на фотелјите. Нема цена под која ќе се сложам за бугарски диктат“, рече Мицкоски.
Предлогот кој доаѓа од граѓаните е македонски предлог, а не овој, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој криејќи го предлогот, шверцерски и тајно, како што и беше поставен, договори и стави потпис на нешто за кое македонските граѓани не го поддржаа. Македонски предлог даваат граѓаните“, додаде Мицкоски.
Тој посети на низа скандали кои ја следеа СДСМ, но и ДУИ додека владеат.
„Многу се уплашени за нивните лични судбини“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Собраниска делегација на состаноци на ПС на НАТО во Брисел: разговарано за состојбата со безбедносните ризици во Европа
На традиционалните „Февруарски состаноци”, на кои седници одржуваат повеќе комитети на ПС на НАТО, во Брисел, Кралството Белгија, учествува Делегацијата од Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на НАТО.
Состаноците се предвидени за учество само за постојаните делегации од националните парламенти на земјите членки на НАТО, со главна цел за продлабочување на дијалогот во НАТО институциите, размена на искуства и анализирање на актуелните безбедносни предизвици и јакнење на солидарната сојузничка одбрана.
Од Собранието на Република Северна Македонија учествува Делегацијата во ПС на НАТО, во состав од пратениците: Драган Ковачки, шеф на делегацијата, членката Славјанка Петровска и заменик-членот Илир Хасани.
На состанокот со Северноатлантскиот совет, со кој заеднички претседаваа претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело и заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, учествуваа шефовите на националните парламентарни делегации.
Во обраќањата и дискусиите беше истакнато дека НАТО, соочен со безбедносни предизвици, останува камен-темелник и гарант на колективната одбрана и заедничките демократски вредности, а посветеноста на земјите членки содржана во Договорот од Вашингтон и понатаму ќе ги чува граѓаните безбедни. Обврските од Самитот на НАТО во Хаг се историски во контекст на јакнењето на Алијансата, а сега, во предвечерјето на Самитот на НАТО во Анкара, тие треба да се финализираат со највисока стапка на реализација. Беше подвлечено дека и покрај разликите низ децениите, Европа и Северна Америка успеваат да најдат заеднички јазик за отворените прашања. Парламентарците се согласија да продолжат со поддршката за Украина и да работат заедно на мировен договор со цврсти гаранции и спречување на идни деструктивни дејствија.
За време на состаноците во комитетите, беа дискутирани прашања поврзани со: одбраната и безбедноста на секој метар од евроатлантскиот простор; за руските и кинеските предизвици по евроатлантската безбедност; за хибридните закани и НАТО во контекст на стратешко планирање; за НАТО партнерствата како витален и важен дел од политиката на Алијансата; за визиите кон НАТО 2035, како и за напорите на ЕУ и НАТО во развој на одбранбената индустрија и безбедносните капацитети и улогата на парламентот во процесите на одлучување. Се разговараше и за состојбата со безбедносните ризици во Европа, стратешките приоритети на Алијансата и важноста на колективната одбрана во контекст на новите глобални предизвици.
Парламентарците имаа можност да се вклучат во директна дебата со повеќе истакнати и реномирани говорници, а им се обратија и белгискиот министер за одбрана и надоврешна трговија, Тео Франкен, заменик-генералниот секретар на НАТО, Џејмс Апатураи и заменик-шефот на НАТО претставништвото во Украина, Петер Хауге Берг.
Учеството на Делегацијата на овој настан претставуваше значајна активност во зајакнувањето на парламентарната дипломатија и поддршката за реформските чекори во глобалните динамични процеси, кои се од суштинско значење за нашата земја како членка на НАТО.
Македонија
Скијач од Данска повреден во снежна лавина на Попова Шапка
Скијач од Данска е пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди е пренесен во болница во Скопје.
Вчера во 14:50 часот во СВР Тетово е пријавено дека на Попова Шапка, кај местото викано „Церипашина“, екипа од друштво за спортски и други услуги со специјално возило во 16:10 часот го пронашла лицето Ф.М.Л. (24) од Данска, кој бил повреден од снежна лавина додека скијал.
По укажаната помош, лицето со амбулантно возило е пренесено во приватна болница во Скопје.
Македонија
(Видео) Левица: Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење
Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење поради сериозната еколошка хаварија со изворот на вода за снабдување, велат од Левица.
„Иако институциите соопштија дека се преземаат мерки за лоцирање на причините, сеуште нема никакви официјални информации како загаденоста на водата во Струга достигна 30 пати над дозволеното.
До Левица пристигнаа информации дека над самиот извор се врши експлоатација на минерали од приватна компанија “Ми транс”. Дали активностите преземени при експлоатацијата довеле до екстремно загадување е прашање на коешто што побрзо треба да одговорат надлежните институции“.
Левица го повикува Државниот инспекторат за животна средина и надлежниот инспекторат во рамки на Министерството за енергетика итно да излезат на терен и да извршат вонреден инспекциски надзор. Надлежните институции, додаваат од таму, мора да дадат одговор дали несоодветна експлоатација на минерали во самите извори ја предизвикало оваа хаварија и дали е несоодветно издадена дозвола за експлоатација.
Според оваа партија, институциите и градоначалникот не смеат да го заташкаат случајот и мора точно да ја утврдат одговорноста поради која 50.000 граѓани се оставени без чиста вода за пиење.

