Европа
Медицинска сестра осудена на доживотен затвор за убиство на седум бебиња во Велика Британија

Медицинската сестра Луси Летби е осудена на доживотен затвор за убиство на седум бебиња, што ја прави најлошиот убиец на доенчиња во Велика Британија во модерната историја.
Летби, која има 33 години, е прогласена за виновна и за обидот за убиство на уште шест бебиња во породилиштето.
Таа ги убила бебињата со вшприцување воздух помеѓу јуни 2015 и јуни 2016 година кога работела во болницата „Честер“.
Таа користела разни методи, како намерно вшприцување воздух во нив, насилно хранење со млеко и труење со инсулин.
Убила пет момчиња и две девојчиња, пренесуваат медиумите.
Луси Летби никогаш нема да може да биде ослободена пред истекот на изречената казна, односно да биде пуштена на условна слобода.
„Тоа беа сурови, пресметани и ладнокрвни убиства на деца“, рече судијата Џастис Гос.
Жената се соочи со вкупно 22 обвиненија, а беше прогласена за невина по две точки од обвинението.
33-годишната девојка, по потекло од Херефорд, ги отфрли сите 22 обвиненија против неа тврдејќи дека смртта на бебињата била предизвикана од нехигиената во болницата и од лошо обучениот персонал.
„Луси Летби, постапивте целосно спротивно на нормалните човечки инстинкти. Намерно ги повредивте со намера да ги убиете… Нема сомнеж дека сте интелигентни и се однесувавте како многу совесна и професионална медицинска сестра, што ви дозволи постојано да повредувате бебиња во болница, без никој да се сомнева во вас“, рече судијата изрекувајќи ја пресудата.
„Кога убивавте и повредувавте бебиња, одевте на фејсбук-профилите на нивните родители. Имаше длабока злоба во вашето однесување, кое се граничи со садизам. Не покажавте каење, нема олеснителни фактори. Вашите постапки се доволно сериозни за да гарантираат доживотен затвор. Ве осудувам на доживотен затвор. Наредувам да не се применуваат одредбите за предвремено ослободување (помилување). За секое дело ве осудувам на доживотен затвор и остатокот од животот ќе го поминете во затвор“, рече судијата.
Летби одби да се појави на суд, а британскиот премиер Риши Сунак рече дека владата планира да го промени законот со кој осудените ќе треба да присуствуваат на изрекувањето на пресудата.
Сунак вели дека е кукавички луѓето да не се соочат со своите жртви и да не го слушнат „од прва рака влијанието што го имале нивните злосторства“.
Само три други жени пред Луси Летби се осудени на доживотен затвор во современата британска судска историја.
Луси, како што стои во написите, користела ноќни смени за нападите бидејќи знаела дека тогаш родителите веројатно нема да го посетат одделот за новороденчиња.
Таа им испраќала и фотографии од убиените бебиња на нивните родители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија го нападна Киев, Украинците јавуваат за 12 повредени

Русија изврши напади со беспилотни летала врз украинскиот главен град Киев и Миколаев на југот на земјата во текот на ноќта, при што беа повредени најмалку 12 лица, соопштија властите.
Две жени се повредени во главниот град, каде што дроновите предизвикаа пожар во магацин и оштетија станбени згради, соопшти градската воена управа на Киев.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 85 од 145 беспилотни летала лансирани од Русија во нејзиниот напад во текот на ноќта. Се додава дека 49 други не успеале да ги постигнат своите цели, најверојатно, поради контрамерки од електронско војување.
Воздухопловните сили не разјаснија што се случило со преостанатите 11 беспилотни летала.
Во нападот во текот на ноќта беа повредени и 10 лица во јужниот град Миколаев, изјави регионалниот гувернер Виталиј Ким.
Во рускиот напад оштетени се и девет станбени згради, 30 гаражи и една административна зграда, додаде тој.
Русија негира дека намерно гаѓа цивили, но илјадници се убиени и повредени во нејзината инвазија на Украина.
Европа
Злосторство од 1995 година: награда од 20.000 фунти за оној што ќе го открие убиецот на Британката

Злосторството што се случило пред речиси три децении останува неразјаснето, а ќерката на жртвата сега упатува јавен апел за помош.
Џенет Браун, 51-годишна мајка на три деца, беше брутално убиена на 10 април 1995 година во нејзиниот дом во Бакингемшир, Англија. Нејзиниот убиец никогаш не бил пронајден.
Полицијата има примерок од ДНК пронајден на местото на злосторството, за кој верува дека му припаѓа на убиецот, но не одговара на ниту едно лице во полициската база на податоци. Во текот на истрагата беа испрашани повеќе од 1.000 мажи, но сите беа исклучени од истрагата.
Се нуди награда од 20.000 фунти за информации кои ќе доведат до апсење и осудување на сторителот, а секој што има информации може анонимно да контактира со Crimestoppers.
Џенет Браун работела како медицински истражувач во болницата Џон Редклиф во Оксфорд. Таа била пронајдена гола, со лисици на рацете и со превез преку устата, на дното од скалите, се било полно со крв. И покрај околностите, полицијата не верува дека мотивот бил од сексуална природа, а од домот ништо не е украдено.
Нејзината најстара ќерка Зара Харден вели дека сè уште не може да разбере зошто некој би ја нападнал нејзината мајка: „Тоа ми е целосно несфатливо, но убедена сум дека некој знае нешто“, рече таа.
„Таа беше врзана и брутално претепана, буквално претепана до смрт. Не е важно што никој не се јави тогаш, сè уште не е доцна”, рече таа.
Во моментот на убиството децата на Џенет Браун, Зара, Бенедикт и Роксана, не биле дома, а нејзиниот сопруг д-р Греам Браун бил на службено патување во Швајцарија.
Убиецот прво се обидел да го пресече стаклото на двојните лизгачки врати, а потоа го скршил стаклото и насилно влегол во куќата. Се верува дека Џенет била убиена во периодот од 20.15 до 22.15 часот истата вечер. Телото следното утро го пронашол градежен работник кој со синот требало да работи на куќата.
„Убиецот или убијците останаа неказнети до ден-денес. Сакаме да бидат кривично гонети. Некој способен за ваков вид на криминал се уште е на слобода и сакаме да спречиме вакво нешто да се повтори“, рече Харден.
Питер Бирн, шеф на тим за ревизија на нерешени тешки злосторства на полицијата, рече: „Сè уште верувам дека има луѓе кои имаат информации или сомневања во врска со ова брутално убиство“.
„Имаме ДНК профил од местото на злосторството. Тој не припаѓа на членовите на семејството и веруваме дека тоа би можело да биде клучен доказ кој го поврзува убиецот со злосторството“, рече Бирн.
Европа
Кралот Чарлс и Камила ненајавено го посетија папата Франциско

Папата Франциско вчера имаше ненајавена средба со британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила, кои се во посета на Италија, соопштија Ватикан и Бакингемската палата.
Портпаролот на Бакингемската палата рече дека кралот и кралицата се „воодушевени“ што папата е во доволно добра здравствена состојба за да ги прими, откако средбата претходно беше откажана поради здравствената состојба на папата.
Чарлс Трети и Камила требаше да имаат официјална државна посета на Ватикан, заедно со посетата на Италија, но таа беше откажана откако лекарите му препишаа на Франциско два месеци одмор и закрепнување по хоспитализацијата.
Папата приватно ја прими кралската двојка и им посака се најдобро за нивната 20-годишнина од бракот, која ја прославија во среда, се вели во соопштението на Ватикан.
Франциско и Чарлс се сретнаа двапати претходно, во 2017 и 2019 година, пред актуелниот британски монарх да стане крал.
Покојната кралица Елизабета го посети папата Франциско во Ватикан во 2014 година.
Папата се уште се опоравува по престојот во болница со билатерална пневмонија.
Гласот и мобилноста на папата Франциско продолжуваат да се подобруваат благодарение на неговите секојдневни вежби, соопшти во вторникот Канцеларијата за печат на Ватикан.
Кралот Чарлс Трети од февруари 2024 година се лекува од рак, чиј тип никогаш не беше јавно објавен, а беше откриен по операцијата за зголемена простата.