Црна хроника
Оружје и муниција пронајдени во канта за отпад пред двор на скопјанец
Синоќа, околу 22.30 часот, на „Црногорска“, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога во заедничка акција со Единицата за интервентна полиција и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје пронајдоа поголема количина оружје и муниција.
Имено, во канта за отпад пред дворно место на улицата биле пронајдени автоматска пушка „калашников“, кинеско производство, со една рамка со куршуми, автоматска пушка „плетер 91“ во калибар од 9 мм од хрватско производство и една торба со 100 куршуми во калибар од 7,62 мм и 27 други куршуми од различен калибар.
Оружјето и муницијата биле подигнати за понатамошна постапка, а со судска наредба бил извршен претрес во домот на Б. Л.(27) од Скопје, кој не бил во домот.
При претресот биле пронајдени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривичното дело.
По целосно расчистување и документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, СВР Скопје ќе поднесе соодветна пријава, соопшти полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Виничанец нападнал полицаец со дрвен предмет во угостителски објект
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Б.В. (37) од Виница, поради основано сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице во вршење службено дејствие“, соопшти МВР.
Според пријавата, на 8 август 2025 година, во угостителски објект во Виница, пријавениот со дрвен предмет нападнал полициски службеник додека тој извршувал службени дејствија.
По документирање на случајот, материјалите ќе бидат доставени до надлежното обвинителство.
Црна хроника
Кривична пријава поради небезбедни услови за работа, двајца повредени на скеле во Липково
Полицијата поднесе кривична пријава против А.Б. (48) од Скопје, управител на фирма, поради тешки дела против општата сигурност, соопшти МВР.
Според пријавата, на 14 декември 2024 година, на објект во изградба во село Липково, пријавениот не постапил согласно Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје при работа.
Поради непоставена парапетна заштита на надворешно и внатрешно монтажно скеле, дошло до пукање на конструкцијата, при што двајца работници се здобиле со повреди.
Полицијата наведе дека случајот е целосно документиран и ќе биде доставен до надлежното обвинителство.
Црна хроника
Kумановска платила 2.000 евра за патување, но наместо билет, добила молк од скопска туристичка агенција
Дваесет и осумгодишна жена од кумановско пријавила дека била измамена од лице вработено во туристичка агенција во Скопје, за износ од 2.000 евра, соопшти МВР.
Според пријавата, кон крајот на февруари 2025 година, жената отишла во агенцијата да изврши уплата за патување, при што вработениот побарал парите да му ги даде на рака, ветувајќи дека сметката за уплатата ќе ѝ биде издадена дополнително.
По неколку неуспешни обиди да го контактира, осомничениот ѝ соопштил дека не може да ги обезбеди документите за патувањето, а подоцна престанал да одговара на нејзините повици.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.

