Македонија
Лекови за притисок, шеќер, тироида, астма и за белодробни болести од денес ќе дава матичниот лекар, не мора да се оди кај специјалист
Почна да функционира првата од низата најавени реформи во примарното здравство, со која матичните лекари може да препишуваат лекови за регулирање притисок и шеќер во крвта, за проблеми со тироидната жлезда, за белодробни болести и астма, а за кои досега пациентите мораа да одат на специјалист. Министерот за здравство, Фатмир Меџити, од ординација во скопски Сарај покажа дека системот со препишување рецепти веќе функционира.
„Од утрово функционира системот, и тоа не само на хартија. Функционира во најдобар ред за петте дијагнози, кои доктор Злате Мехемдовиќ ги претстави во понеделникот. Тоа се дијабетес, хипертензија, астма, ХОББ, хипотироидизам. Со ова ќе се растовари метежот во Клиничкиот центар и ќе им дозволиме на професионалците во секундарно, а особено во терциерното здравство да се посветат на својата работа и веќе да си направиме и наука. Целта ни е нашиот Медицински факултет да биде рангиран на Шангајската листа на некое повисоко ниво“, рече министерот Меџити.
Доктор Мехмедовиќ, кој е координатор на проектот за реформи во примарното здравство, најави дека најдоцна за еден месец матичните лекари ќе може да ги даваат и упатите за лабораториски анализи за кои досега пациентите мораа да одат на специјалист, а ќе се разговара и за закажување кај матичен преку „Мој термин“.
„Ова е процес што ќе трае три години. Ништо нема да се случи преку ноќ и за сè е разговарано со матичните лекари. Гледате дека почетокот оди етапно, не ги дадовме сите реформи да се аплицираат уште од првиот ден кога ги најавивме на брифингот. Оставивме простор да се развие дискусија. Денес, почнуваат да се препишуваат рецептите, за кратко време ќе почнат да се даваат упатите, тоа ќе биде најмногу за еден месец. Една од работите за кои ќе се разговара до крајот на годината е можноста за закажување преку ‘Мој термин’. Ќе се разговара и за нови протоколи за проширување на изборот на лекови и за нови лекови на позитивната листа“, рече Мехмедовиќ.
Протоколите за лекување, кои треба да ги следат матичните лекари, се веќе објавени во „Службен весник“. Министерот Меџити извести дека нивните досегашни анализи покажале дека речиси 30 отсто од пациентите што го посетуваат Клиничкиот центар доаѓаат за продолжување на терапијата или за услуги што со оваа реформа ќе може да ги добијат кај матичните лекари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поверениците во четирите општини да не можат да се кандидираат за градоначалници на повторените избори, бара ЛДП
По информацијата на Владата дека наредната недела ќе назначи повереници во општините кои поради немање цензус не успеаја да изберат градоначалници, Либерално-демократската партија (ЛДП) ја информира јавноста дека ќе бара да се измени Изборниот законик.
Измените во Изборниот законик кои ќе ги предложи ЛДП се однесуваат на тоа владините повереници да не можат да се кандидираат на повторените избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Овие измени ЛДП ќе ги предложи за да нема никој нефер предност пред останатите кандидати за градоначалници, но и да се намали можноста за евентуални злоупотреби и несовесни работења на поверениците во периодот додека не се одржат повторените избори.
Оваа предлог мерка доаѓа по прифаќањето на предлогот на ЛДП за враќање на референдумското отповикување на градоначалници во Законот за локална самоуправа, кој веќе се наоѓа во Собранието и со кој после 30 години од укинувањето на референдумот, ќе се стави крај на заштитата на неефикасните и нетранспарентни функционери.
Доколку се усвојат и измените на Изборниот законик и се воведе ограничувањето за поверениците да не можат да се кандидираат за градоначалници на повторните избори во четирите општини кои не обезбедија цензус во првиот круг, ќе се овозможат фер услови за коректен политички натпревар, ослободен од било какви сомнежи за дополнителни злоупотреби и политички влијанија, велат од ЛДП.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара истрага: Заев, Николовски, Груби, Филипче, Бајрами, Дончев и Рашковски посочени како пример за неказнивост
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека нема да толерира незаконско постапување и девијантно однесување на поединци за кои постојат сомнежи дека ги прекршиле законските регулативи. Од партијата порачуваат дека Законот мора да важи еднакво за сите и дека секој фатен во корупција или криминал треба да понесе соодветна одговорност.
Во реакцијата се наведува дека државата не смее да се враќа во „мрачните времиња“, како што ги нарекуваат периодите кога, според нив, лица со основано сомнение или пресуди за криминал – меѓу кои ги посочуваат Заев, Љупчо Николовски, Груби, Филипче, Перпарим Бајрами, Ден Дончев и Рашковски – слободно се движеле без одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат надлежните институции целосно да го истражат случајот и да постапат до крај согласно законските прописи.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.

