Економија
Битиќи: Цените на млечните производи не ги зголемуваат производителите, туку трговските синџири, анализираме и ќе преземеме мерки

Последното зголемување на цените на млечните производи е поради неетичко и нефер однесување на некои големи трговски ланци, уверува вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Тој вели дека во моментот се прават анализи за поскапувањето на млечните производи, кои им се неопходни за да преземат мерки.
„Се прават последни анализи. Тоа што го знаеме е дека млечните производи не се зголемени од производителите, туку тоа го прави притисокот од трговците на крај. Штом ги дознаеме сите факти, ќе преземеме мерки. Дали ќе биде замрзнување цени, дали ќе одиме со други мерки, ќе утврдиме. Добрите практики во трговијата не се практикуваат во нашата земја и вие и инспекторите со неколку прашања може да видите какво неетично и нефер однесување имаат одредени трговски ланци. Штом ги добиеме резултатите од анализите ќе бидат кажани таквите ланци. Јас не можам да останам нем на нефер практики во трговија, на штета на граѓаните и на мене“, рече вицепремиерот Битиќи и нагласи дека Владата нема да толерира одлуки на штета на граѓаните.
Иако тој тврди дека нема параметри за оправдано поскапување на основните прехранбени продукти оти цените на суровините не се зголемени, туку, напротив, се бележи нивен пад, млечните производи, речиси во сите маркети, од овој месец се со поголеми цени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.