Топ
Обвинителството ги бара снимките од надзорните камери на „Ист гејт“ за вчерашното пукање

Обвинителството денеска соопшти дека се собираат докази и дека се побарани снимките од повеќе локации во трговскиот центар Ист гејт и надвор од него, по вчерашното пукање на паркингот во трговскиот.
„Во врска со настанот во ТЦ Ист гејт, во текот на денот издадени повеќе наредби со цел идентификација на сторителите. Издадена е наредба за обезбедување на снимки од видео надзор на повеќе локации во и надвор од трговскиот центар. Предмет на вештачење и проверки е и возилото кое беше пронајдено опожарено. Се преземаат и други дејствија за расчистување на настанот и мотивите“, велат од Обвинителството.
Пукањето се случи вчера околу 16 часот во гаражите на трговскиот центар во Скопје.
„Едно лице кое било со патничко возило „ауди“, пукало кон Р.Т. (39) од Скопје, но не го погодило. Во возилото од кое се пукало, според пријавеното, имало уште едно лице. Повредени лица нема“, рекоа од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се зголемува цената на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 2.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,833%, кај дизелот за 3,057%, кај екстра лесното масло за 3,388% и кај мазутот зголемувањето е за 3,088%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5243%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,624 ден/кг и сега ќе изнесува 38,486 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Македонија
Мицкоски ги предложи Азир Алиу за нов министер за здравство и Албрим Хоџа за заменик министер за земјоделство

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска во Собранието ги предложи Азир Алиу за нов министер за здравство и Албрим Хоџа за заменик министер за земјоделство.
„Го предлагам д-р Азир Алиу за нов министер за здравство. Д-р Алиу е доктор по информатички науки, професор, човек кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние сè уште трчаме од шалтер на шалтер. Време е тоа да се промени. И токму затоа веруваме дека неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем“, рече Мицкоски.
Тој рече дека Алиу ќе има силна поддршка од него како претседател на Владата.
Мицкоски, исто така, го предложи Албрим Хоџа за заменик министер за земјоделство.
„Г. Хоџа е млад, но сериозен човек кој знае како изгледа теренот. Верувам дека тој ќе даде силна енергија и ќе биде силна потпора на министерот и ќе придонесе кон тоа земјоделството конечно да добие системска рамка и визија за иднината“, рече Мицкоски.
Економија
Објавени повици за самовработување, за млади до 29 години грант до 10.000 евра, а за невработени над 29 години грант до 7.000 евра

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Селајдин Белули, денеска официјално го објавија отворањето на јавниот повик за Мерка 1.1 и Мерката 1.2 во рамки на Оперативниот план за вработување за 2025 година, кои имаат за цел поддршка на самовработувањето на невработените граѓани регистрирани во Агенцијата за вработување.
Мерката 1.1 е наменета за лица над 29 години и обезбедува финансиска поддршка од 430.500 денари односно 7.000 евра за основање на нов бизнис, а Мерката 1.2 се однесува за млади до 29 години, кои имаат можност да добијат поддршка до 615.000 денари или 10.000 евра за основање сопствен бизнис.
Двете мерки, исто така, вклучуваат обука за претприемништво, подготовка на бизнис план и менторство за 6-месечен период за целните групи, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, припадниците на ромската заедница и жените од руралните средини.
„Овие мерки не се само финансиска помош, туку се директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и во развојот на локалната економија“, истакна министерот Дурмиши на прес-конференцијата.