Македонија
Маричиќ на Бледскиот стратешки форум: Колку е подостижно проширувањето на ЕУ толку е посилен гласот на Европа
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска учествуваше на панелот насловен „Збогум Европа! (?) – Глобален вазал или глобален лидер: Европа во новата геополитичка доба“, на кој рече дека проширувањето на ЕУ е нејзина најсилната политика, колку е подостижна толку е посилен гласот на Европа.
– Нашето партнерство со ЕУ е клучно. Но, без опиплив датум и план за пристапување регионот нема да се грижи за ЕУ, затоа е многу важен говорот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, според кој реформите во ЕУ и Западен Балкан треба да се случат во исто време и да се финализираат во 2030 година, рече Маричиќ.
Маричиќ порача дека граѓаните на ЕУ и политичарите треба да знаат дека ако сега со временска рамка го поддржат проширувањето, тоа ќе им се врати со големи придобивки.
– Придобивките од ЕУ се потценети од младите луѓе и наша задача, на политичарите, е да ги нагласат придобивките и вредностите на ЕУ бидејќи се големи и ги има многу, подвлече Маричиќ.
Тој додека дека војната во Украина беше аларм и предупредување за ЕУ, кој ги извади на површина сите слабости на Унијата, а најповеќе потребата од обединување на регионот и зајакнување на трансатлантското партнерство, кое е клучно за ЕУ.
– Политиката за проширување треба да се сфати многу сериозно, потребен ни е план, во спротивност ако остане како ветувањето во Солун, тогаш ќе имаме големо разочарување. Западен Балкан не е во соседството, тој е во дворот на ЕУ, рече Маричиќ додавајќи дека Унијата заснована на вредности е подобра од империја бидејќи вредностите се клучни.
Според вицепремиерот Маричиќ трансатлантското партнерство е клучно за ЕУ бидејќи треба да се заснова на вредности, а потенцијалното флертување со Кина рече дека може да биде многу ризично.
– ЕУ покажа дека е глобален лидер, демонстрирајќи сила во тешки времиња за нејзините партнери кои се залагаат за европските вредности, ширум Европа и светот. Се потврди дека ЕУ води грижа и за нас како партнери и идна членка, за време на Ковид кризата, со енергетската и прехранбена криза, обезбедувајќи 80 милиони евра за енергија и многу други видови на поддршка, укажа Маричиќ.
Маричиќ на почетокот на панелот изрази солидарност, партнерство и сочувство до Словенија и словенскиот народ порачувајќи дека случувањата во Словенија ги чувствуваме како да ни се случиле нас и укажа дека Северна Македонија е подготвена да и помогне дополнително на Словенија.
На панелот соговорници на вицепремиерот Маричиќ беа неговата словенечка колешка, Тања Фајон, Федерика Могерини, Аранча Гонзалез, Декан на Париско школо за меѓународни односи, Кристофер Смит, заменик асистент секретар за Централна Европа и Југо-Централна Европа и Мирослав Влачовски, министер за надворешни и европски прашања на Република Словачка.
Денеска завршува овогодишниот Бледски стратешки форум кој траеше од 27-29 август, во Блед, со наслов „Солидарност за глобална безбедност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

