Македонија
Меџити: По 9 години, ги ажурираме упатствата за практикување медицина заснована на докази
Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, денеска оствари средба со работната група, која ќе работи на ажурирање на упатствата за практикување медицина заснована на докази (МЗД). Министерот оваа група ја формира со цел да им се овозможи на лекарите и на здравствените работници ажурирани и независно прегледани медицински содржини засновани на докази како еден од начините да се унапредат квалитетот и ефикасноста на грижата за пациентите.
„Ја формирав оваа работна група со цел да им овозможиме на лекарите и на здравствените работници ажурирани и независно прегледани медицински содржини засновани на докази како еден од начините да се унапредат квалитетот и ефикасноста на грижата за пациентите. Упатствата за практикување медицина заснована на докази ќе им бидат поддршка на здравствените работници во критичните моменти во текот на работата бидејќи ќе им овозможат брз и сеопфатен пристап до најновите и најдобри научни докази на едно место. Со тоа не само што ќе им заштедиме во време на лекарите туку очекуваме и дека ќе го подобриме исходот од лекувањето и ефикасноста на третманот. Проектот всушност претставува целосна надградба на веќе постојниот проект за обезбедување упатства за практикување медицина базирана на докази од Министерството за здравство, кои не се ажурирани од 2014 година“, рече министерот Меџити на состанокот.
Како што истакна, со помош на работната група ќе се надградат неажурираните упатства со целосно нови упатства и тие ќе се ажурираат на една до две години сѐ со цел да бидат во тек со научните новини.
„Почетокот на проектот за преведување и стручна редактура на овие упатства е најдобар доказ дека нашето здравство има лекари ентузијасти, кои се вложуваат за подобар здравствен систем“, рече министерот.
Медицината заснована на докази подразбира употреба на докази добиени со помош на научни методи во одредени делови на медицинската практична дејност. МЗД има цел добивање квалитетни докази, кои информираат за ризиците и бенефитите од медицинскиот третман. МЗД подразбира разумна, експлицитна, издржана употреба на моментно најдобрите докази во донесувањето одлуки за грижата на секој пациент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

