Македонија
Ковачевски – Жоли: Силна поддршка од Канада за евроинтеграцискиот процес, Македонија заслужува да биде во Европската Унија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, имаше средба со министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли. На средбата присуствуваше и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Заеднички беше нагласено уверувањето дека денешната посета и разговорите ќе дадат нов импулс во зајакнувањето на билатералните односи и заемната соработка, особено поради фактот што станува збор за прва посета на канадски министер за надворешни работи на нашата држава.
На средбата премиерот Ковачевски се заблагодари за континуираната цврста поддршка од Канада во насока на имплементирање на реформските процеси со цел да се обезбеди напредок на нашата држава на планот на евроинтеграциите. Во таа насока изрази уверување дека како и многупати досега Северна Македонија ќе застане во одбрана на националните и стратешки интереси, а тоа е преземање конкретни чекори кон обезбедувањето на членството во ЕУ.
Во однос на билатералните односи, премиерот Ковачевски го поздрави негувањето на традиционалното пријателство и богата и сестрана соработка меѓу двете земји, особено на мултилатерален план.
Стабилна основа за натамошно севкупно унапредување на соработката помеѓу двете држави дава потпишувањето на декларацијата за соработка и стратешко партнерство од 2018 година.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност за силната поддршка на Канада за нашето членство во НАТО додавајќи дека Северна Македонија денес е почитувана и одговорна членка на трансатлантската заедница. „Длабоко го цениме партнерството со Канада како НАТО-сојузници и ќе продолжиме да се однесуваме одговорно“, оцени премиерот Ковачевски.
Министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, изрази силна поддршка земјата да продолжи по евроинтеграцискиот пат за што постои недвосмислена поддршка и интерес од страна на Канада за што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија. Притоа министерката Жоли нагласи дека денес, повеќе од кога било, западниот свет треба да биде обединет, а Северна Македонија, како негов интегрален дел тоа го покажува споделувајќи ги истите вредности и заложби.
Ковачевски го потенцира и значењето на многубројната македонска заедница во Канада, која е значаен дел од богатиот канадски мозаик на култури и народи, и која давала и ќе продолжи да дава значаен придонес во градењето и зајакнувањето на Канада. „Нашата заедница е значен мост меѓу двете држави, која воедно помага и во градењето на нашите меѓусебни врски“, истакна премиерот Ковачевски.
Посебен фокус на средбата беше дадено на прашањето за зајакнување на економските врски меѓу Канада и Северна Македонија за што заеднички беше оценето дека постојат огромни можности за инвестиции во нашата држава во разни сфери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

