Скопје
Планира ли Арсовска да почне да работи, што е поважно за неа од Скопје и скопјани, прашува Андоновска
Денеска, треба да имаме две седници, едната е за советнички прашања, а другата редовна седница на Советот на Град Скопје. Како што се гледа, не знам која е по ред оваа седница за советнички прашања, каде што градоначалничката не е присутна во салата. Тоа значи дека Арсовска не е заинтересирана да одговори на прашањата што ги имаат граѓаните, а тоа е нејзина должност и обврска, изјави советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, на денешната седница на Советот на Град Скопје.
„Арсовска не е присутна, а треба да е тука и да одговори на прашањата на граѓаните, не е тука кога треба да се зборува за проблемите на граѓаните, не е тука кога се носи буџет или ребаланс на буџетот, не е тука ниту дури кога таа предлага свои точки да ги образложи и да каже што бара од овој Совет“, истакна Андоновска.
Прашува како Арсовска планира да го направи овој град поубав и модерен, како планира да ги исполни ветувањата кога не е присутна на Советот да зборува за проблемите што ги мачат Скопје и скопјани.
„Што е поважно за Арсовска од нејзината обврска да работи за Скопје и скопјани? Дали таа мисли дека до крајот на мандатот ќе ги избегнува граѓаните и нивните проблеми и нема да работи транспарентно, туку ќе се шета во земјите, без да одговори зошто тоа го прави и зошто ништо не реализира од програмата. Како Арсовска планира да продолжи понатаму?“, вели Андоновска.
Таа нагласи дека во Советот не може да се работи без Арсовска да биде присутна и да одговори транспарентно за одлуките.
„Арсовска треба да им одговори на граѓаните, треба да биде тука за да може да се донесат решенија. Не може да се носат решенија, без да биде присутна и да образложи, да се најдат решенија, проблемите да се решат. Планира ли да почне оваа градоначалничка да ги спроведува ветувањата? Советот е блокиран од градоначалничката“, нагласи Андоновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Собрание на Македонија на улицата „11-ти Октомври“ и улицата „Даме Груев“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.

