Свет
ОН ја прекина помошта во храна за два милиона Авганистанци: „Немаме доволно средства“

Светската програма за храна на Обединетите нации во Авганистан е принудена да направи кратења во септември поради големиот недостиг на средства, што ќе погоди уште 2 милиона луѓе, се вели во соопштението на организацијата.
„Со малкуте ресурси што ни останаа не можеме да им служиме на сите луѓе што се на работ на апсолутна сиромаштија“, рече Хсијао-Веи Ли, директор на WFP за Авганистан. Кратењата значат дека 1,4 милион бремени жени и нивните деца повеќе нема да добиваат специјализирана храна наменета за спречување неисхранетост“, соопшти агенцијата.
„За следните шест месеци, WFP има потреба од 1 милијарда долари за да обезбеди храна и поддршка за 21 милион луѓе“, се додава во соопштението.
Авганистан страда од последиците од 40-годишниот конфликт, осакатена економија и ефектите од климатската криза, анализираат медиумите. WFP ги повика земјите донатори да дадат приоритет на финансирањето за хуманитарни операции на годишното Генерално собрание на ОН во Њујорк оваа есен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Еди Рама вети бесплатни нови куќи за оние кои во пожарите ги загубија своите домови

По катастрофалните пожари кои деновиве зафатија делови од Албанија, уништувајќи домови и имоти, премиерот Еди Рама излезе со силно и директно ветување до сите настрадани граѓани. Во објава на социјалните мрежи, тој најави дека државата целосно ќе ги обесштети сите што претрпеле штета, вклучително и бесплатна обнова на секој уништен дом.
„Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Оваа мерка, како што појасни министерот за одбрана Пиро Венгу, ќе се спроведува преку општините. Ќе се формираат посебни комисии за проценка на штетите на куќи, инфраструктура, бизниси и земјоделски култури, по што ќе следува обештетување од општинските фондови за цивилна заштита, поддржани од државниот буџет.
Свет
Трамп вели дека состанок за прекин на огнот во Украина организираат Путин и Зеленски

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот украински колега Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин ќе одржат состанок за да се обидат да постигнат прекин на огнот и да ја прекинат војната во Украина.
„Навистина зависи од претседателот Зеленски да го стори тоа сега. Исто така, би рекол дека европските земји треба малку да се вклучат. Но, зависи од претседателот Зеленски. Ако сакаат, ќе бидам на следниот состанок“, рече Трамп во интервју за „Фокс њуз“ по средбата со Путин во Алјаска.
„Претпоставувам дека сега ќе закажат состанок меѓу претседателот Зеленски, претседателот Путин и мене“, додаде тој.
На прашањето каков совет би му дал на Зеленски, Трамп рече дека би му препорачал на украинскиот претседател „да склучи договор – Русија е многу голема сила“.
Свет
Владимир Путин доби писмо од Меланија Трамп за киднапираните деца за време на војната во Украина

Сопругата на американскиот претседател Доналд Трамп, Меланија, го покрена прашањето за тешката положба на децата во Украина и Русија во писмо до рускиот претседател Владимир Путин. Трамп лично му го предаде писмото на Путин за време на нивниот состанок во Алјаска, изјавија за американски медиуми претставници на Белата куќа.
Меланија Трамп не го придружуваше својот сопруг во Алјаска.
Претставниците на Белата куќа не открија детали за содржината на писмото, но рекоа дека во него се споменува киднапирањето деца за време на војната во Украина.
Киев го нарече киднапирањето на илјадници деца во Русија или на територии окупирани од руските сили без согласност на нивните родители или старатели – воено злосторство што ги исполнува дефинициите на ОН за геноцид.
Москва претходно изјави дека ги штити ранливите деца од воените зони.
Високиот комесар на ОН за човекови права изјави дека Русија предизвикала страдање на милиони украински деца и ги прекршила нивните права од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина во 2022 година.