Свет
Руски пилот пребегнал во украинската армија: „Ова е геноцид“
Минатиот месец руски пилот пребегнал во украинската армија и открил детали од операцијата на граничниот премин со својот борбен хеликоптер, се вели во интервјуто објавено од Украинската одбранбена разузнавачка служба.
Пилотот Максим Кузминов, како што објавиле украинските власти, во интервју објаснил како го планирал своето бегство и зошто го направил тоа.
„Контактирав со претставници на украинската разузнавачка служба, ја објаснив мојата ситуација и тие ми ја понудија оваа опција: „Ви гарантираме безбедност, нови документи, паричен надоместок и награда“, открил пилотот.
Шефот на украинската одбранбена разузнавачка служба, Кирило Буданов, во август рекол дека украинските власти му помогнале на пилотот да се префрли од руските во украинските редови.
„Создадовме услови за целото негово семејство за да можеме незабележано да ги повлечеме. Со него имало уште две лица, значи вкупно тричлена екипа. Кога сфатиле каде слетале, се обиделе да побегнат“, открил Буданов.
Буданов рекол дека никој досега не го направил тоа, но се надева дека бројката ќе се зголеми. Во интервјуто пилотот се осврнува и на дезинформациите што ги шират руските медиуми, кои известуваат за инвазијата на Украина.
„Вистината е дека овде нема нацисти или фашисти. Ова што се случува овде е вистински срам. Убиство, солзи, крв. Луѓето, едноставно, се убиваат едни со други. Не сакам да бидам дел од тоа“, рекол тој.
„Ова е геноцид врз украинскиот народ. И украински и руски. Мотивот за мојот чин беше да не придонесувам за овие злосторства. Украина недвосмислено ќе ја добие оваа војна, едноставно затоа што народот е многу обединет. Порано не беа такви, но сега се многу обединети. Целиот свет им помага бидејќи, пред сè, треба да се цени човечкиот живот“, додал пилотот.
„Ќе бидете згрижени до крајот на животот. Ќе ви понудат работа секаде, без разлика што правите. Едноставно, ќе го откриете светот во бои“, изјавил пилотот во повикот до другите, пренесува N1.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вирусот на птичји грип е пронајден во говедско месо во САД
Вирусот на птичји грип е пронајден во говедско месо во САД, но официјални лица изјавија дека месото потекнува од една болна млечна крава и дека не било дозволено да се најде во продавниците во земјата, соопшти американското Министерство за земјоделство.
Надлежните прецизираат дека говедското месо останува погодно за консумирање.
Министерството соопшти дека вирусот бил откриен за време на тестирањето на 96 млечни крави кои биле извадени од производната линија бидејќи федералните инспектори забележале знаци на болеста при рутински прегледи на трупови во погоните за преработка на месо. Птичји грип е пронајден само кај една од овие крави.
Птичјиот грип е пронајден во стадата млечни говеда во девет држави, откриен е во млеко и предизвика уништување на милиони кокошки и мисирки. Сепак, неговото откритие во говедско месо е новост за епидемијата што започна во 2022 година.
Регион
Состојбата на словачкиот премиер Фицо се подобрува
Лекарскиот тим, што се грижи за словачкиот премиер Роберт Фицо, по минатонеделниот атентат денеска потврди дека неговата состојба е субјективно подобрена, соопшти прес-службата на словачката Влада.
Фицо се лекува во болницата „Рузвелт“ во Банска Бистрица.
Тој беше застрелан минатата среда од 71-годишниот писател Јурај Цинтула, кој веднаш беше приведен од полицијата.
Регион
Лоцирани се остатоците од авионот што се урна во близина на Загреб
Лоцирани се остатоците од авионот што се урна попладнево во близина на Загреб. Неофицијално се дознава дека три лица преживеале, додека едно лице починало, јавува 24сата.
„Денеска во 15 часот и 51 минути е добиена дојава за пад на мал спортски авион во шумата јужно од Керестинац. Полициски службеници излегоа на терен, се укажува помош на повредените, местото на настанот е обезбедено“, соопштија од полицијата.
Авион од типот „Цесна“ кој се користел за скокови со падобран, се урна попладнево во близина на Загреб. Според неофицијални информации, во него имало четворица членови на екипажот.
Најверојатно се работи за спортски, тренинг или туристички авион кој се урнал во недалеку од пистата во загрепската населба Јеждовец.