Македонија
(Видео) Стојаноска од собраниската говорница: Запрете со овој филм, надвор имаме ужасна реалност, а вие ќе си гласате закон за да се амнестирате

Собраниските пратеници завршија со одморот. На првиот работен ден пратеничката од опозицијата, Дафина Стојаноска, им се обрати на собранискиот спикер и на владејачкото мнозинство.
Како стоите мирно денес тука, ги праша пратеничката Стојаноска собранискиот спикер Талат Џафери и владејачкото мнозинство алудирајќи на скандалот на Онкологија.
„Да имавме луѓе со морална чест и доблест, уште во саботата ќе расправавме за оставка на владата. Да имавме претседател со чест и доблест, ќе дојдеше да ни се обрати. И, конечно, да имавме владејачко мнозинство со чест и доблест, денес сите заеднички ќе се сложевме да расправаме по една друга пленарна седница, со единствена точка на дневен ред – за болните од рак на Онкологија. За жал, ништо од ова нема, а проблемите само се таложат“, потенцира пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата, како што рече, треба да се зборува за скандалот на Онкологија, а не да се подметнуваат закони со европски знамиња. Реагира и на постапката на Џафери за незакажување на седницата за уставните измени.
„Многу добро ни е јасно зошто нема да свикате седница за уставните измени, можеби и до крајот на вашиот мандат. Но многу се плашам дека до крајот на вашиот мандат ќе ви се случат уште многу несреќи поради вашата небрежност и однесување“, рече Стојаноска.
Џафери ѝ објасни дека седницата за уставните измени ја прекинал кога утврдил дека дискусијата била исцрпена.
„Јас не сум крив што цитирате погрешни норми, нема правен проблем за прекин на седницата. Јас не го толкувам, туку го спроведувам тоа што го пишува во Деловникот“, одговори Џафери.
Револтирана за скандалот на Онкологија и незакажувањето на седницата за уставните измени, Стојаноска од собраниската говорница со порака до владејачкото мнозинство: „Запрете со овој филм, надвор имаме реалност, надвор ни се случуваат ужасни настани, а вие ќе си гласате закон за да се амнестирате“.
Пратеникот Скендер Реџепи беше целосно согласен со Стојаноска во врска со скандалот на Онкологија. И за него, како што рече, таму е сторено кривично дело. Но, според Реџепи, кривично дело е и неможноста Албанците од Велес да се образуваат на својот јазик.
„На Албанците од Велес не им се дозволи образование на албански јазик, дали ова не е кривично дело кога уставното право го опфаќа и начелото за образование“, праша Реџепи.
Инаку, на денешната седница на дневен ред е предлог на декларацијата по повод сто и дваесет годишнината од Илинденското Востание и Крушевската Република.
Пратениците ќе дискутираат и по предлогот за избор на член на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност и предлогот за избор на членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво.
Како што е најавено, пратениците треба да расправаат и по предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите и на Законот за Развојната банка на Северна Македонија по скратена постапка и слично.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.