Македонија
Зарем мислите дека со неказнивоста и со застарувањето на делата некој ќе заборави што се случувало, праша Ковачки
„Почитувана македонска јавност, и непочитувани колеги од мнозинството кои што повторно ја силувате демократијата во ова Собрание, ова срам за Македонија. Уште еден голем срам за Македонија е ова што ќе и се случи денеска. Најголемото зло во Република Македонија е токму ова Собрание каде што повторно ќе кажам се гласаше претседател со две раце, каде што се носеше срамна промена на името, со насилство. Што правите сега? Повторно ја силувате демократијата и правите амнестија на криминалот“, истакна пратеникот Драган Ковачки на денешната собраниска седница.
„Амнестирате криминалци, амнестирате луѓе кои што се огрешиле пред законот, кои што го пљачкале државниот буџет. Зарем мислите дека со неказнивоста и со застарувањето на делата дека некој ќе заборави што се случувало“, запраша Ковачки.
Тој посочи дека власта дебело се лаже дека ќе се спаси од криминалот.
„На овој ден станува јасно, ова се мрачни денови во кои живее Македонија. Меѓутоа е јасно како бел ден, две работи се јасни, првата дека е СДС и ДУИ јасно знаат какви криминали имаат направено. И втората работа е дека јасно знаат дека заминуваат од власт. И на овој начин се обидуваат да си го спасат криминалот односно да ги спасат овие кои што треба да седат од оваа страна на Парламентот“, рече тој.
Ковачки додаде дека пратениците од владејачкото мнозинство не треба да заборават дека ова ќе помине за неколку месеци и набргу ќе станат опозиција.
„За неколку месеци овие што седат од оваа страна ќе имаат три пати на ден топол оброк, а вие ќе можете да им носите храна“, нагласи Ковачки.
Тој укажа дека владејачкото мнозинство треба да се засрами од ова што го прави.
„Погледнете се сите во очи, за ова ли дојдовте на власт? За ова ли дојдовте на власт, прашајте се уште еднаш? За да ја манипулирате македонската јавност? Да ја крадете? Ова не е никаква демократија, туку класичен пример на автократија“, истакна пратеникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Управниот одбор на Фондот на ПИОМ ги усвои Предлог- програмата и план за работа и Предлог Извештајот за работата на Фондот во 2025 година
Управниот одбор на Фондот на ПИОМ на дваесет и деветтата седница разгледа и усвои повеќе документи од негова надлежност.
Најнапред директорот на Фонодт, Никола Мемов, го информира Одборот за активностите во претходниот период, при што нагласи дека е остварена средба со Мисијата на Светска банка во врска со СИАП проектот, при што е нагласено дека согласно договореното во Фондот е екипирано Одделението за долгорочно планирање. Мемов рече дека во наредниот период ќе бидат направени подлабоки анализи и предвидувања за финсниските потреби на Фондот.
Членовите на Управниот одбор ги усвоија Предлог – Програмата и Планот за работа на Одборот во 2026 година.
Станка Трајкова, член на Одборот предложи Планот да се дополни со изготвување на Информација за остварувањетео на правото на пензија по воведувањето на задолжителното капитално финансиско осигурување, што беше прифатено.
Исто така, беше усвоен и Предлог – Извештајот за работата на Фондот во 2025 година. Директорката на Секторот за финансии во Фондот, Фатиме Неџипи нагласи дека во Извештајот се опфатени сите финансиски активности во изминатата година, со што може да се добие целосна слика за финансиското работење на Фондот.
Директорката на Секторот за остварување на правата, Билјана Стојанова ги презентираше активностите и деталите во доменот на остварувањето на правата, при што нагласи дека покрај редовните активности во изминатата година е озвоможена нова опција за следење на М1/М2 пријавите од АВРМ, а се одржани и повеќе обуки за нововработените лица.
Управниот одбор на Фондот ја усвои и Предлог – Одлуката за донесување на Годишниот план за јавни набавки на Фондот за 2026 година.
На седницата членовите на Управниот одбор беа информирани и за спроведените јавни набавки во минатата година, а беше донесена и Одлука за висината на благајничкиот максимум на Фондот за оваа година.
Македонија
Грипот стивнува, намалени бројките на новозаболени, но остануваат препораките за маска во простории со многу лица
Институтот за јавно здравје и оваа недела пријави помал број новозаболени од грип и заболувања слични на грип. Директорката Марија Андоновска вели дека се уште е рано да се каже дека сме го поминале пикот и остануваат препораките оние кои сакаат да се заштитат да носат маска во затворени простории во кои има повеќе луѓе.
„Во текот на четвртата недела од 2026 година што го опфаќа периодот меѓу 19 и 21 јануари, во Македонија се пријавени 1708 случаи за заболени од грип и заболувања слични на грип што е за 17,2 % помалку во споредба со претходната недела кога бројот беше 2062. Бројот на пријавени лица оваа недела во споредба со истата оваа недела минатата сезона е намален за девет проценти, а во споредба со петнаесетте изминати сезони е намален за 33,4%. Како што забележувате споредено и со минатата недела, но и со истата оваа недела во минатата сезона бројот е намален“, рече директорката Андоновска.
Во однос на возрасната дистрибуција 1029 лица се на возраст меѓу 15 и 64 години, 253 лица се на возраст над 65 години, 243 се деца на возраст меѓу 5 и 14 години, 183 се деца на возраст меѓу 0 и 4 години што укажува дека највисоката инциденца се регистрира на возраст меѓу 0 и 14 години.
Во Дебар и Кратово се бележи многу висока активност. Во Охрид, Кавадарци и Струмица има висока активност, средна активност има во девет градови, во 12 се бележи сезонска активност додека во два града се бележи многу ниска активност.
„Според податоците што ги имаме, во моментов, во Македонија има среден интензитет на активност на вирусот. Остануваат и понатака да важат нашите препораки што ги даваме за лицата да се заштитат, да избегнуваат простории каде што има повеќе лица, а доколку е неопходно да бидат во вакви простории да носат маска. Посебно да водат сметка ранливите категории, лицата над 65 години, лицата со хронични болести, децата и трудниците посебно да внимаваат на сопственото здравје. Доколку имаат каков било сомнеж дека некое лица е заболено или покажува симптоми да се избегнуваат контакти со него. Оние кои веќе се дијагностицирани или имаат грип, да останат дома, децата да не се носат во училиште доколку покажуваат симптоми со цел да закрепнат побрзо и да немаме трансмисија на вирусот“, вели директорката Андоновска.
Нејзината препорака за болните и за оние кои сметаат дека имаат симптоми е да останат дома и да ги следат советите од матичните лекари.
Намалувањето на бројките втора недела по ред директорката Андоновска вели дека не значи дека сме го поминале пикот.
„Што се однесува до пикот, забележливо е дека имаме два недели намалување на бројките, но се уште е многу рано да кажеме дека сме го надминале пикот бидејќи во минатата сезона имавме два пика. Може ова да е првиот, можеби е последниот, но не значи дека нема да има нов пик и ново растење на бројките“, рече директорката Андоновска и нагласи дека Институтот ќе продолжи да ја следи состојбата.
Оваа сезона Институтот за јавно здравје регистрираше три смртни случаи на заболени со грип.
Македонија
Армијата е подготвена да ги исполни националните и меѓународните обврски: реферирање за борбената готовност пред претседателката
Денеска во Домот на Армијата во Скопје се реализираше реферирање за борбената готовност на Армијата за 2025 година пред претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, на кое присуствуваа и министерот за одбрана Владо Мисајловски и генералите во Армијата.
Во рамки на реферирањето, кое го одржа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, претседателката Сиљановска-Давкова се запозна со реализираните задачи и достигнувања на Армијата во 2025 година, според следните области: персонал, обука и вежби, опрема и инфраструктура, воено планирање и структура на силите, модернизација и опремување, како и буџет и финансии.
Генералот Лафчиски потенцираше дека Армијата е подготвена да ја исполни својата уставна улога и функција за одбрана на Републиката, да го заштити територијалниот интегритет и независноста на татковината и е подготвена да ги исполни националните и меѓународните обврски, вклучително и придонесот во колективната одбрана, меѓународните операции и заштитата на националните интереси. Тој додаде дека Армијата во изминатата година успешно ги реализираше сите планирани и доделени задачи. Во оваа прилика беше истакнат високиот степен на подготвеност на припадниците на Армијата, успешниот тек на процесот на модернизација и опремување и важната улога на македонските мировници во зајакнување на регионалната безбедност и зачувување на светскиот мир.
На самиот крај од своето излагање генералот Лафчиски потенцираше дека иако борбената готовност е на потребното ниво, Армијата ќе продолжи постојано да ја надградува истата, а тоа е резултат на исполнувањето на планот за модернизација и опремување, континуираниот процес на обука и вежби во земјата и странство и исполнување на пакетот на цели на способности од 2025 година, кој е еден од врвните приоритети на Армијата кон НАТО.
Претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Сиљановска-Давкова оцени дека македонската армија е еден од најстабилните и најдоверливите столбови на државата и значаен фактор на регионалната и колективната безбедност.
Според претседателката, засилената соработка со НАТО сојузниците и успешното учество во мисии и вежби во земјава и странство, го потврдуваат кредибилитетот и меѓународниот углед на македонската армија.
Министерот Мисајловски истакна дека Министерството останува целосно посветено на процесите за модернизација на Армијата, како инвестиција во безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните.
„Со набавката на нова и модерна опрема, која пристигнува во континуитет, ја јакнеме борбената готовност на Армијата и нејзините капацитети да ја гарантираат безбедноста на сите нас. Ќе продолжиме силно да инвестираме и во модернизацијата, но и во нашите војници кои се еден од клучните столбови на една модерна, НАТО армија“, рече министерот на реферирањето за борбената готовност.
Реферирањето за борбената готовност е планска годишна обврска на началникот на Генералштабот на Армијата кон претседателот и врховен командант на Вооружените сили на Републиката.

