Европа
Новиот министер за одбрана на Украина: Ќе го вратиме секој сантиметар од земјата

Новиот министер за одбрана на Украина, Рустем Умеров денеска изјави дека ќе ја врати контролата „на секој сантиметар од украинската земја“ од Русија и дека ќе ги врати дома сите затвореници.
Во својот прв говор во Парламентот на Украина како новоизбран министер за одбрана, тој рече дека „ќе направи се што е можно и невозможно Украина да победи“, пренесе Си-ен-ен.
„Четириесет и два милиони Украинци стојат зад секој војник. Зад секој војник стои Министерство кое ќе направи се за да го заштити и обезбеди целиот наш народ. Нашиот народ, нивниот живот и достоинство се наш приоритет и најголема вредност“, рече тој.
Парламентот на Украина денеска го одобри назначувањето на Умеров за министер за одбрана, бидејќи претседателот на Украина Володимир Зеленски во неделата најави разрешување на поранешниот министер Олексеј Резников, кој потоа поднесе оставка до Парламентот.
Умеров (41) е кримски Татар, турска група сунитски муслимани чија татковина е полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година, пишува Ал Џезира.
Умеров започна во приватниот сектор. Тој се приклучи на еден од водечките украински мобилни оператори во 2004 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Украинците објавија снимка: „Со беспилотно летало уништивме моќен руски дрон во лет“

Украинските сили соборија руски повеќенаменски дрон Zala Kub со помош на беспилотно летало FPV, а снимката од акцијата беше споделена на социјалните мрежи од украинскиот волонтер Серхи Стерненко, пренесува „Милитарњи“.
„Таквото летало можеше да предизвика голема штета, па затоа е одлично што беше уништен во воздух“, рече Стерненко.
Zala Kub е дизајниран за прецизни удари на копнени цели – кога ќе ги открие, вертикално навлегува и исфрла експлозивен товар на горниот дел од возилото, каде што тенковите и оклопните возила се најранливи поради нивниот потенок оклопен слој.
Ова беспилотно летало е развиено од рускиот концерн „Калашников“, а првпат беше прикажано во 2019 година на меѓународната воена изложба IDEX во Обединетите Арапски Емирати.
Украина долго време користи беспилотни летала FPV како пресретнувачи за уништување руски летала. Ваквите дронови, во зависност од опремата, како дневни и термални камери, чинат меѓу 1.600 и 2.500 долари. Тие може да летаат со брзина до 160 километри на час, да имаат дострел до 35 километри и да останат во воздухот до еден час.
Европа
Судот ќе ја изрече пресудата за Депардје во мај

Кривичниот суд во Париз во четвртокот објави дека на 13 мај ќе ја изрече пресудата за актерот Жерар Депардје за сексуално вознемирување две жени за време на снимањето филм во 2021 година.
Француското Обвинителство во четвртокот побара 18-месечна условна казна и глоба од 20.000 евра за Депардје, објави весникот „Ле Паризиен“ и другите медиуми.
Седумдесет и шестгодишниот Депардје, истакната личност во француската кинематографија, е обвинет за сексуално вознемирување две жени за време на снимањето филм од 2021 година. Ова е првпат актерот, кој се соочува со многубројни обвинувања за сексуално вознемирување во текот на годините, да биде изведен пред суд.
Депардје призна дека ја фатил една од жените за бутот, но негира дека тоа е напад. Неговиот адвокат рече дека наводите против клиентот се лажни и дека истражителите биле пристрасни.
Европа
(Видео) Нереални снимки од протестот: Пикачу ги поддржа граѓаните во Турција

Надреално видео од Покемон кој наводно бега од полицијата за време на протестите во Турција стана вирална. Имено, некој облечен како Пикачу е снимен како бега од полицијата која брка демонстранти. Снимката наводно е направена во Анталија.
Виралното видео, кое нашироко се споделува на социјалните мрежи, се чини дека потекнува од турскиот фоторепортер Исмаил Коцероглу.
Исмаил во четвртокот објави видео на својот Инстаграм профил, на кое се гледа како костимиран демонстрант бега со толпа граѓани.
Дали е автентична снимката на која Пикачу бега од полицијата не е потврдено.
Сепак, Исмаил продолжи да поставува видеа од овој маскиран демонстрант. Синоќа, тој повторно објави видео од Пикачу како шета низ улиците на Анталија, наведувајќи дека Пикачу „се приклучил на осмиот ден од демонстрациите“.