Македонија
Амбасадата на САД не знае дека Собранието ги намали казните за функционерите кои сториле криминал преку КЗ: Со нетрпение чекаме да разгледаме
Амбасадата на САД во Македонија знае дека се направени промени во Кривичниот законик, но не и дека се намалуваат казните за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, а повеќемина ексфункционери од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат слобода. Оттаму за „Макфакс“ посочуваат дека ќе проверат дали измените се согласно меѓународните стандарди.
„Не ги видовме измените на Кривичниот законик неодамна воведени од Парламентот. Со нетрпение очекуваме да ги разгледаме и се надеваме дека се усогласени со меѓународните стандарди и правните процеси“, велат од Амбасадата на САД за „Макфакс“.
Со 48 гласови „за“, 36 „против“ и 1 „воздржан“ Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Гласаа вкупно 85 пратеници, а дебатата во Собранието траеше нешто повеќе од еден час.
За дел од правната фела, ова е вид на амнестија за сите функционери.
Измените се однесуваат на казните на неколку кривични дела, односно за значително намалените казни за различните облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ со намалување на казната од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор, како и членот 394 „Злосторничко здружување“ со намалување на казната до 10 години на казна до 3 години.
Законот беше донесен со европско знаменце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.

