Регион
Расте бројот на мртви во поплавите во Грција – блокиран автопат, подигната и војската
Дождот продолжи да паѓа над централна Грција и денеска, а воени сили беа испратени да помогнат во справувањето со големите поплави во регионот на Тесалија, додека ситуацијата се смири долж брегот на Црното Море во соседна Бугарија.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис нареди распоредување на воени сили, а неговата канцеларија објави дека планира да ја посети Тесалија во текот на викендот.
Службите за итни случаи го извлекле телото на четвртата жртва, земјоделец затрупан во остатоците предизвикани од поплавата, во централниот град Домокос. Беше повикана поморска бригада стационирана во близина на поплавеното пристаниште Волос, а беше формирана и кризна единица во Лариса, главниот град на Тесалија.
„Волос е целосно отсечен“
Спасувањето животи е приоритет, изјави во Атина владиниот портпарол, Павлос Маринакис. Волос е целосно отсечен и е без струја и вода, а флашираната вода во супермаркетите е при крај. Портпаролот на службите за итни случаи рече дека ниските области на Тесалија, каде живеат околу 700.000 луѓе, се целосно потопени, а во некои области има вода длабока до 2 метри.
Во изминатите 36 часа се примени околу 5.000 итни повици, рече портпаролот. Жителите на Кардица на западниот дел од регионот се качија на покривите, додека нивото на водата се искачи на дури 4 метри.
Автопатот блокиран
Главниот автопат, кој води северно од Атина до Солун, е блокиран на 200 километри. Обилните врнежи се очекува да престанат доцна вечерва, по што ќе започне санацијата на инфраструктурата. Сите што претрпеа штета ќе добијат помош, рече Маринакис.
Деталите за исчезнатите остануваат нецелосни бидејќи многу села се отсечени и луѓето не можат да ги полнат своите мобилни телефони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шеќеринска: НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во БиХ

Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, денес изјави дека алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, откако српскиот лидер Милорад Додик објави дека ќе побара од Москва да ја прекине воената мисија ЕУФОР во таа земја.
Шеќеринска изјави дека НАТО е „трајно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Таа додаде дека НАТО нема да дозволи дестабилизација во Босна и Херцеговина, соопшти канцеларијата на бошњачкиот член на колективното претседателство на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој се сретна со претставничката на НАТО.
„Без оглед на исходот од претстојната седница на Советот за безбедност на ООН, НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина“, рече Шеќеринска.
Регион
Албанска министерка го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење

Министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење во ресторан во САД, објавува „Спутник“.
Таа потврди на социјалните мрежи дека го сторила тоа врз основа на пријавата на албански државјанин кој живее во Њујорк, каде што бил во посета нејзиниот заменик Анди Махила. Како што изјави, тој пушел цигара во ресторанот „што предизвикало немир кај присутните“.
Албана Кочиу е првата жена на чело на полицијата во историјата на Албанија, а во претходната влада беше министерка за здравство.
Фото: принтскрин
Регион
Улиците во Белград оштетени за време на воената парада

Јавното комунално претпријатие Белград (ЈКП) доби наредба денес да излезе на терен и да започне со поправка на патиштата оштетени за време на воената парада „Силата на единството“ во саботата во српскиот главен град.
Членови на кабинетот на српскиот министер за одбрана и Секторот за инфраструктура и стандардни услуги вчера ја посетија рутата на парадата со претставници на Град Белград, Јавното комунално претпријатие Путеви Београда и ЈКП Белград за да ја утврдат штетата предизвикана за време на подготовките и одржувањето на парадата.
На жителите на Белград претходно им беше ветено дека сè ќе биде вратено во првобитната состојба, објавува Нова.рс.
Во саботата во Белград се одржа воена парада насловена како „Силата на единството“, на која учествуваа околу 10.000 војници. На парадата присуствуваа претставници на српскиот државен врв, предводени од претседателот Александар Вучиќ.
фото: принтскрин