Регион
Уапсена лекарка во Хрватска: издавала рецепти за лекови што предизвикуваат зависност
47-годишна лекарка ја злоупотребила својата положба со тоа што на пациенти им издавала лекови што содржат психоактивни супстанции, без тие да знаат. Таа беше уапсена дури по една и пол година.
Станува збор за докторка што работела на супститути, која издавал лекови на имиња на пациенти иако воопшто не им биле потребни. Инаку, станува збор за лекови што содржат психоактивни супстанции, па не е исклучено да продолжила да ги препродава откога ќе ги подигнела. Во моментот полицијата ја сомничи за препродажба на дрога, препродажба на забранети работи во спортот, но и злоупотреба на положбата и овластувањето и фалсификување документи.
Засега е утврдено дека од 7 март минатата година до 10 јуни годинава, додека била на должност во повеќе ординации на подрачјето на Сплит, Солин, Каштела и на островот Брач, ја злоупотребила положбата. Таа имала овластување да издава ограничени и посебни рецепти за лекови, кои инаку не може да се добијат без стручно одобрение, поради што издала вкупно 165, јавува N1.
Рецептите биле на имиња на голем број луѓе, кои не ни знаеле дека им се издаваат рецепти ниту, пак, дале одобрение за тоа. Покрај тоа, на овие пациенти, дури и не им биле потребни овие лекови, пренесуваат медиумите во регионот.
Станува збор за лекови што содржат оксикодон хлорид, односно оксикодон соматропин.
Оксикодонот инаку е исклучително силен опиоиден аналгетик, кој може да предизвика зависност. Може да се злоупотреби ако се зема кога не е потребно.
Соматропин е синтетизиран хормон за раст, кој најчесто се злоупотребува во спортот поради неговото влијание врз растот на мускулите и атлетските перформанси. Може да се користи и како средство за слабеење.
Осомничената докторка сама ги заверувала рецептите со печати и нејзин потпис. Всушност, полицијата утврдила дека никој од пациентите не ги побарал овие лекови, но сепак таа подигнала поголема количина. За делата за кои се товари ѝ се заканува затворска казна до 12 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.
Регион
Државна секретарка од Црна Гора сакала да се самоубие поради секс скандал
Мирјана Пајковиќ, до неодамна државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора, поднесе оставка откако нејзините интимни снимки беа објавени во јавноста. Пајковиќ тврди дека не станува збор за секс скандал, туку за политичка пресметка и одмазда против моќна личност која ја пријавила за закани, а за сè го обвинува советникот на претседателот на Црна Гора и поранешен шеф на тајната служба, Дејан Вукшиќ.
Во својата исповед за Face.ba, таа опиша низ што поминувала, нагласувајќи дека нејзината безбедност е во опасност и дека се плаши за сопствениот живот.
„Се обидуваат да ме натераат да извршам самоубиство. Тешко ми е. Чувствувам дека моето тело ме издава, но морам да соберам храброст и јавно да зборувам за сè, започна Пајковиќ. Има ноќи кога се плашам да спијам затоа што не знам што ќе донесе новото утро. Ме малтретираат по телефон, ме додаваат во разни групи. Државните органи се немоќни. Некој сака да немам место ниту живот во Црна Гора“, тврди таа.
Пајковиќ истакнува дека ова не е секс скандал за неа, туку опасна порака испратена до секој што се осмелува да им се спротивстави на моќните.
„Вакви работи ми се случуваат по конфликт со највисокиот државен орган, со Вукшиќ. На тие видеа може да се утврди дека само јас сум на нив. Ако другата страна сакаше да биде повредена, ќе се покажеше и главата на човекот. Ова е голем тест за полицијата и обвинителството“, верува таа.
„Вукшиќ ми се закани со прогон и дека цела Црна Гора ќе ги види моите видеа. Мојата единствена среќа е што бев доволно прониклива да го снимам тој разговор. Знаев за каква личност станува збор, ми се закануваше неколку дена претходно. Го снимив за самозаштита. Ако го немав тоа видео, немаше да имам никакви докази за да го спасам мојот живот“, рече таа.
Регион
Превозниците од Србија донесоа одлука: прекината блокадата на граничните премини
Превозниците од Србија денес ќе престанат да го блокираат товарниот сообраќај на премините, изјави за Танјуг претседателот на Меѓународното транспортно деловно здружение, Неѓо Мандиќ.
„Сега ги информираме нашите редари кои се на границите да ги отстранат камионите што беа на чело на конвојот, за да може сообраќајот да се движи. Значи ги прекинуваме протестите“, рече Мандиќ по состанокот.
Превозниците од Црна Гора и Северна Македонија вчера ги прекинаа блокадите откако Европската комисија објави нова визна стратегија што ќе го реши проблемот со ограничувањата за престој на професионалните возачи во Шенген зоната, а сè уште се чека одлуката на превозниците од БиХ дали ќе донесат иста одлука, пренесуваат медиумите во соседството.
Мандиќ вели дека транспортерите од Србија донеле одлука за прекин на блокадите еден ден откако Европската комисија почнала да ја разгледува можноста за воведување специјални визи за професионалните возачи на камиони, што би им овозможило да останат подолго во земјите од ЕУ и непречено да ја извршуваат својата работа.
„Одлуката ја донесовме по вчерашното соопштение, бидејќи она што го добивме е доволно добар пат и она што го сакавме. А од друга страна, секако имаме ветување дека ќе има состанок на работната група во Брисел веќе во вторник, 3 февруари. Исто така, имаме дневен ред кој го содржи само она што дополнително го бараме, да донесеме краткорочни и долгорочни решенија сè додека не се спроведе она што е предвидено. Она што го сакаме се решенија за возачите повеќе да не бидат малтретирани или апсени“, рече Мандиќ, пренесува Танјуг.
Меѓународното транспортно бизнис здружение објави дека денес во 15 часот ја прекинале блокадата на товарниот сообраќај на премините и дека ќе продолжат да превезуваат стока.
Во соопштението се проценува дека секое понатамошно продолжување на нарушувањето на синџирите за товарен транспорт би ги ставило домашните производствени компании и граѓаните во тешка положба.
„Апелираме до Европската комисија, земјите-членки на Шенген, бизнисмените од Европа, сега свесни за важноста на непрекинатите транспортни синџири, да помогнат да се спречат повторно несфатливите апсења и депортации на нашите возачи. Очекуваме помош од другата страна и однос што го заслужуваат луѓето кои, во вонредни ситуации како што е пандемијата, беа единствените што носеа стока до сите нас во Европа. Да не чекаме додека не останеме без нив. Синџирите на снабдување не смеат повторно да бидат прекинати“, беше кажано од здруженијата, според написите.
Се чека одлуката на превозникот од Босна и Херцеговина
Мандиќ рече дека сè уште не добиле одговор од нивните колеги од БиХ дали и тие ќе ги суспендираат блокадите, но дека очекува тие да донесат иста одлука.
„Само чекаме нивен одговор, иако седевме со нив до 22 часот синоќа, 10 од нив беа таму и мислиме дека ќе донесат иста одлука, но тие не го направија тоа и не можат да кажат што ќе одлучат нивните тела, но веруваме дека ќе го одлучат истото“, истакна Мандиќ.
Во вторник, на 3 февруари, ќе се одржи состанок на министрите од сите земји од Западен Балкан со претставници на Европската комисија за проблемот со транспортерите од регионот во Шенген зоната, пренесуваат медиумите.

