Македонија
Пенов: Работиме на подемократско и потранспарентно управување, како и на подобрување на квалитетот на јавните услуги на локално ниво

Целта на процесот на децентрализација на власта е нивото на одлучување да се приближи до граѓаните за сите прашања што имаат директно влијание врз нивното секојдневно живеење, токму затоа ја поддржуваме иницијативата на народниот правобранител за отворање дебата од аспект на остварување на правата на граѓаните за прашања од локална надлежност, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.
„Во 2005 година системот на локалната самоуправа се реформира суштински, а главниот столб на таа реформа беше децентрализацијата на власта. На тој начин би се овозможило подиректно учество на граѓаните во креирањето на локалните услуги во согласност со нивните приоритети, но и подиректен притисок над локалните власти за поефикасно, поодговорно и потранспарентно работење“, додаде Пенов.
Во однос на процесот на децентрализација, министерот за локална самоуправа истакна дека секој процес што се гради на претпоставки за подемократски и поинклузивен социо-економски развој на државата и на локалната заедница прави позитивни промени. Динамиката на процесот зависи од многу околности, од свесноста на граѓаните за нивната улога во локалната заедница и инструментите што им стојат на располагање, од подготвеноста на локалните власти да го поттикнуваат граѓанското учество и да ги вклучуваат граѓаните, од капацитетот на локално ниво, од финансиските средства со кои располага, од начинот на нивно планирање и реализирање.
„Имајќи ја предвид важноста на сите овие аспекти, за да може општината да одговори на потребите на граѓаните, Министерството за локална самоуправа со голема поддршка од донаторската заедница, од Европската Унија, од швајцарската влада, од шведската влада, од УНДП, УСАИД, ОБСЕ и други меѓународни организација, во континуитет спроведува проекти за зајакнување на општинските капацитети. Приоритетот е ставен на механизмите за подемократско и потранспарентно управување со работите од локална надлежност, како и на подобрување и изедначување на квалитетот на јавните услуги. Министерството за локална самоуправа во соработка со Министерството за финансии и со УСАИД ќе работи на подобрување на законската рамка за данокот на имот, како и на зајакнување на капацитетите на општините за поефикасно спроведување на оваа многу важна надлежност, што има директно влијание врз финансиските капацитети на општините за обезбедување на локалните услуги“, рече Пенов.
Истакна дека народниот правобранител има посебна улога во системот на надзор над работата на органите на локалната самоуправа, покрај надлежните министерства, секое во својата област, Државниот инспекторат за локална самоуправа, Државниот завод за ревизија и Уставниот суд. Институцијата Народен правобранител е многу важна алка во овој систем затоа што своите наоди и препораки ги гради врз основа на претставките што доаѓаат директно од граѓаните.
„Затоа, извештајот на народниот правобранител е еден од најрелевантните механизми за констатирање одредени слабости, кој треба да им помогне на надлежните органи и институции, вклучително и на општините, да ги отстранат, со цел да се обезбедат услови за целосно остварување на правата на граѓаните. Само преку заеднички, координиран и позитивен пристап на сите надлежни институции, вклучително и на локалната самоуправа, може да се коригираат слабостите. Во таа смисла важна е поактивната улога на граѓаните, како и на институцијата Народен правобранител, која ги претставува нивните интереси, рече министерот за локална самоуправа на форумот „Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализацијата за граѓаните“, во организација на канцеларијата на народниот правобранител, што се одржа во Општина Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Меѓусебната заштита на Коцевски со СДС и ДУИ е причина за 2% доверба во судството

СДС ги штитат корумпираните обвинители и судии бидејќи им овозможуваат закрила на нивните функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Клиентелизмот на Коцевски е гаранција за заштита и неказнивост на функционерите од СДС и ДУИ.
Поддршката што Коцевски ја доби од Филипче е меѓусебна заштита која ја гуши правдата во државата. Бидејќи доколку падне Коцевски, ќе се отворат врати за истраги како против Филипче така и за останатите функционери од СДС и ДУИ.
СДС со негласањето на интерпелацијата целосно се разголи, и на виделина пред јавноста излезе спрегата помеѓу СДС, ДУИ и Коцевски.
Очигледно е дека СДС и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висоока корупција како и сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и Ахмети.
Со одбивањето да ја поддржат интерпелацијата, СДС и ДУИ јасно покажаа кој го поставал Коцевски и кој го одржува на функцијата, јавниот обвинител Коцевски.
Се додека Коцевски е на позицијата, довербата во правосудството ќе биде помала од 2%, а одговорност за криминалите поврзани со СДС и ДУИ нема да има.
Доколку постои грам морална одговорност кај Коцевски, треба да ја препознае пораката од јавноста и да си поднесе оставка.
На Македонија и се неопходни темелни реформи во судството, правосудство растеретено од политички влијанија каде судиите и обвинителите ќе носат одлука врз основа на законите и Уставот а не под влијание на партиските интереси на СДС и ДУИ.
Во Македонија неопходно е правдата да завладее, неопходни се коренити реформи и трансформација на судскиот систем“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето денеска сончево со мала до умерена облачност, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.
Попладне ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи.
Минималните температури ќе се движат од 12 до 20, а максималните од 26 до 36 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната дневна ќе достигне 36 степени.
Македонија
Бендевска: Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ

По повод 2 Август – Денот на Републиката, во име на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска, заедно со собраниска делегација во состав: Бране Петрушевски, Никола Коњановски, Даниела Николова и Даниел Стојчевски, одбележа 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
„На хероите на двата Илиндена кои се жртвуваа за денес да можеме да бидеме свои на своето, да им ветиме уште еднаш дека денешните генерации нема да го заборават заветот што ни го оставија. Да ги насочиме нашите погледи, стремежи и напори од заедничкото минато, кон заедничката сегашност и иднина. Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ“ – порача потпретседателката Бендевска.