Македонија
По скандалот на Онкологија, 12 раководители ги одобруваат терапиите за секој пациент, уверува министерот Меџити

За терапијата на секој пациент на Клиниката за онкологија одлучуваат дванаесетмина раководители на оддели и можноста за пропуст е минимална, уверува министерот за здравство, Фатмир Меџити. Тој денес извести дека присуствувал на лекарски колегиум на Онкологија и лично се уверил во овој начин на функционирање за кој тврди дека бил воведен уште пред да се појават во јавноста тврдењата дека на пациентите им бил даван физиолошки раствор место антиканцерогени лекови, кои завршувале на црниот пазар.
„Токму поради индициите што ги имале, лекарите на Клиниката презеле мерки и за терапијата на секој еден пациент одлучуваат 12 раководители оти Онкологија има 12 оддели, а гласот на директорката е изземен за да нема сомнеж за злоупотреби. За сите дијагнози, за сите лекови, за тоа кој пациент како и кога ќе го прими лекот, како и за утврдување точни дози, одлучуваат сите раководители. Ме радуваше начинот како се одлучува со 12 раководители, можноста е минимална и ќе сносат одговорност сите што ќе згрешат“, рече министерот Меџити.
Системот за контрола на аплицирањето лекови на Онкологија, кој е набавен, но не се користи, Меџити објасни дека го известиле дека работел кратко време, а потоа употребата престанала оти трошокот за соодветни кеси за негова употреба бил голем. Сега се анализира дали да се врати во употреба тој систем или да се набави нов, посовремен.
„Тој систем не го препознава лекот, туку ги регистрира во милилитри како се троши лекот. И вода да има внатре, тој ќе регистрира колку милилитри некому му се дадени“, објасни министерот Меџити.
Тој апелира да не се шират шпекулации за лековите на болните и пациентите и јавноста да дозволат МВР и Обвинителството, кои првпат влегоа на Онкологија, да си ја завршат работата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ: Инфлација од 4,8 отсто, властите да ги прифатат нашите предлози за укинување на ДДВ за храна

Заменик-претседателката на Форумот на жени при СДСМ, Ема Нешковска, на денешната прес-конференција изјави дека инфлацијата од 4,8 проценти на годишно ниво ја доведува економијата во сериозен пад и ја турка населението во сиромаштија. Според неа, ова е резултат на промашените економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Нешковска истакна дека најмногу поскапување има кај храната и основните производи, што го прави животот потежок за граѓаните кои се приморани да прават тешки избори помеѓу плаќање сметки и купување намирници.
Таа ги повика властите да ги прифатат предлозите на СДСМ за укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори како начин за намалување на трошоците и заштита на стандардот на граѓаните.
„Времето на владина незаинтересираност и арчење на парите на граѓаните мора да заврши. Сметката ја плаќаат граѓаните“, порача Нешковска.
Македонија
Влен: Бујар Османи и во МНР спроведувал сомнителни и криминални тендери!?

Државниот завод за ревизија јавно потврди тоа што граѓаните одамна го знаат, дека Министерството за надворешни работи, во време кога министер беше Бујар Османи, спроведувало незаконски тендери поврзани со организацијата на самитот на ОБСЕ во 2023 година, велат од Влен преку соопштение.
„Според ревизорскиот извештај: Потрошени се над 120 милиони денари без јасна евиденција; Не постои документација што точно е испорачано, инсталирано или оставено како трајна опрема во СРЦ „Борис Трајковски“; Договорите и јавните набавки биле спроведувани без транспарентност и со сериозни законски пропусти.
Ова е уште една потврда дека Бујар Османи, каде и да оди, зад себе остава сомнителни и криминални тендери!
Ова не е изолиран случај, истиот Бујар Османи беше осомничен од СЈО за сомнителни набавки уште кога беше министер за здравство во владата на Никола Груевски.
Граѓаните на Чаир добро знаат две работи за Бујар Османи: Прво, никогаш ништо не направил за Чаир, ниту еден проект, ниту една инвестиција, ниту една иницијатива. Второ, секогаш кога бил на функција, се поврзувал со скандали, сомнителни тендери и злоупотреби на јавни пари!“, велат од „Влен“.
„Влен“ додава дека Чаир не заслужува човек чие име се повторува во секој извештај за криминал и злоупотреба.
Македонија
Надлежните со препораки до граѓаните поради најавата за температури до 39 степени во периодот до 13 август

Министерството за здравство информира дека според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои на некои места ќе достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Поради тоа, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотен удар: престој во разладени простории, внесување на доволно течности, избегнување на алкохол и засладени пијалаци, носење лесна и светла облека, како и ограничување на физичката активност во најтоплите часови.
Особено внимание треба да се посвети на ризичните групи — деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени.
Во случај на појава на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Министерството ја следи состојбата и ќе постапува според потребите.
Според најавата на УХМР, времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северероисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 37 степени.