Свет
Жена јадела риба заразена со опасни бактерии: ѝ ги ампутирале и рацете и нозете
На жена од Калифорнија морале да ѝ ги ампутираат екстремитетите откога изела парче недоволно сварена тилапија.
Лаура Барахас (40) минатиот месец купила риба на локалниот пазар во Сан Хозе, која ја зготвила и ја јадела дома, напишала нејзината пријателка Ана Месина во кампањата GoFundMe.
Барахас помина повеќе од еден месец во болница борејќи се со инфекција со Vibrio vulnificus пред да ѝ бидат отстранети екстремитетите во средата, рече Месина.
„Љубезно ве замолуваме да најдете во вашите срца место да го поддржите ова прекрасно семејство во овој неверојатно предизвикувачки период“, напиша Месина. „Она што им се случи може секому да му се случи и заедно можеме да направиме значајна разлика.
Центрите за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ) издаде здравствен совет на 1 септември предупредувајќи на зголемување на бактериските инфекции Vibrio vulnificus во САД поради зголемените температури на водата, пишува „Инсајдер“.
Vibrio vulnificus е бактерија што напредува во потоплите води на Мексиканскиот Залив, според ЦДЦ. Познато е дека тие бактерии предизвикуваат околу 80.000 болести во САД секоја година, според агенцијата.
Во Галвстон, Тексас, маж почина по јадење остриги загадени со истата бактерија на 29 август, јавува „Фокс 26“ од Хјустон.
Знаците на инфекција со Vibrio vulnificus вклучуваат дијареја, грчеви во стомакот, гадење, повраќање и треска, според ЦДЦ. Инфицираната рана може да покаже црвенило, болка, оток, топлина, промена на бојата и исцедок, според одделот.
ЦДЦ вели дека најчеста причина за инфекции со бактеријата се јадење недоволно варени или сурови остриги и школки.
„Не јадете сурови или недоволно варени остриги или други школки. Гответе ги пред јадење“, препорачува ЦДЦ. „Секогаш мијте ги рацете со сапун и вода по ракување со сурови школки“.
ЦДЦ исто така препорачува да избегнувате солена вода ако имате отворена рана за да избегнете инфекција со вибриоза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Околу 130.000 домаќинства и компании во Сан Франциско останаа без струја
Околу 130.000 домаќинства и компании во американскиот град Сан Франциско вчера останаа без електрична енергија. Напојувањето со електрична енергија постепено се стабилизира и сега речиси 20.000 потрошувачи се без струја.
Електрична енергија немаше во северниот дел од градот, поради што беа затворени голем број продавници и ресторани, а нарушен беше и градскиот транспорт.
Компанијата „Пацифик гас енд електрик“ ((Pacific Gas and Electric, PG&E), соопшти дека се истражува причината за масовниот прекин на електричната енергија, додавајќи оти се стабилизира електричната мрежа и не се очекуваат нови прекини.
Според противпожарната служба, дел од прекините беа предизвикани од пожар што избувна во потстаница на ПГ&Е.
Свет
Зеленски бара уште една средба со европските сојузници
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека поддржува да се одржи нова средба со европските сојузници по состанокот на украинската делегација и американските претставници во Мајами, Флорида.
Постои општо чувство дека по работата на нашиот дипломатски тим во САД, сега треба да одржиме консултации со европските партнери во поширок формат, објави Зеленски на платформата Икс, по телефонскиот разговор со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Зеленски разговорите во Мајами ги опиша како конструктивни и оти е забележан брз напредок.
Тој обвини дека Русија не сака да ја заврши војната и за една недела руските сили употребиле речиси 1.300 борбени дронови, околу 1.200 бомби и девет крстосувачки и други ракети врз Украина.
Свет
По повеќе од 400 години данската пошта прекинува со достава на писма
Данската пошта денеска соопшти дека на 30 декември ќе ја изврши последната достава на писма, со што се завршува традицијата долга повеќе од 400 години, која датира уште од 1624 година.
Причината за потегот е тоа што во текот на последните 25 години испраќањето писма драстично опадна – за повеќе од 90 отсто.
„PostNord“, компанијата која настана со спојување на шведската и данската пошта во 2009 година, претходно соопшти дека ќе укине 1.500 работни места во Данска и ќе отстрани 1.500 поштенски сандачиња, со оглед на тоа што побарувачката за писма драстично опадна, додека онлајн купувањето продолжува да расте. Оваа компанија, која и понатаму ќе доставува писма во Шведска, нагласи дека во Данска на нејзино место доставата ќе ја преземе компанијата „Dao“, која веќе врши достава на писма и која планира да ги прошири своите услуги од 1 јануари.
Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека меѓу младите доаѓа до повторен пораст на пишувањето писма. Истражувањето на „Dao“ покажа дека лицата на возраст меѓу 18 и 34 години испраќаат два до трипати повеќе писма отколку другите возрасни групи, а истражувачот на трендови Мадс Арлиен-Соборг верува дека младите се свртуваат кон пишувањето писма како „противтежа на дигиталната преоптовареност“.
Според данскиот закон, мора да постои можност за испраќање писма, што значи дека доколку „Dao“ одлучи да ја прекине доставата, владата би била обврзана да именува друга компанија за таа задача.
Законот за дигитален идентитет, „MitID“, се користи за сè – од онлајн банкарство до закажување прегледи кај доктор, а поголемиот дел од официјалните комуникации се испраќаат преку дигитална пошта наместо со обична пошта.
Денес 97 отсто од данската популација постара од 15 години е регистрирана во „MitID“, додека само пет отсто одлучиле да се откажат од дигиталната пошта.
– Бевме данска пошта 400 години и затоа ова е тешка одлука, но Данска стана сè подигитална, што значи дека денес речиси и да нема писма. Со оглед на падот на побарувачката, пазарот на писма повеќе не е профитабилен, изјави заменикот извршен директор на „ПостНорд Данска“, Ким Петерсен.

